Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Ромео и Јулија -„сексуално злоставувани“

Ромео и Јулија -„сексуално злоставувани“

Актерите Леонард Вајтинг и Оливија Хаси, ѕвездите на наградуваниот филм „Ромео и Јулија“ снимен во 1968 година , ја тужат холивудската компанија „Парамаунт Пикчрс“, продуцент на филмот, работен според истоимената драма на Вилијам Шекспир – за „сексуално злоставување“ во сцени од филмот.

Во времето на снимањето и обајцата биле тинејџери ( Вајтинг имал 16, додека Хаси 15 години), што значи дека и по тогашните и по сегашните американски закони тие биле малолетнци.

Отштета од половина милијарда

Како возрасни , во своите сегашни  седумдесети години, тврдат дека режисерот на филмот Франко Зиферели ги има потикнувано да снимаат соголени сцени , иако претходно, пред почетокот на снимањето, ги уверувал дека не ќе мораат да учествуваат во такви сцени.

Односно дека доколку и има такви  и обајцата ќе имаат на себе специјални, тенки костими со боја на кожата.

Зиферели и филмската компанија, меѓутоа,  тоа не го испочитувале, па сега актерите бараат отштета од 500 милиони долари, поради – како што велат- психолошко страдање и за сексуално  вознемирување, како и измамата на која биле изложени.

Износот од половина милијарда долари , велат, бил определен врз основа на приходите на „Парамаунт“ заработени од филмот од неговото премиерно прикажување, пред 54 години, до денес.

На два пати измамени

Зиферели почина во 2019 година, како еден од најпознатите режисери кои освен играни филмови, главно, работени по класични литературни дела и драми, има режирано и бројни театарски претстави , но и опери на разни сцени низ светот. Компанијата, пак, засега одбива да ја коментира тужбата.

Двајцата актери тврдат дека претходните ветувања биле повлечени на денот на снимањето.

Режисерот им соопштил дека ќе мораат да се соблечат голи и дека на себе нема да имаат ништо, освен неопходната шминка, но убедувајќи ги дека камерата нема да ги снима интимните  делови од нивните тела. И , како што велат, уште еднаш биле измамени- во финалната верзија на филмот се гледа голиот задник на Ромео, како и соголените гради на Јулија.

Во тужбата на нивните адвокати се тврди дека поради тоа Вајтинг и Хаси „со децении на ред трпеле емоционален стрес и имале душевна болка“ , од начинот на кој и обајцата биле третирани.

„Емоционaлeн стрес и душевна болка“

Оваа верзија на филмот „Ромео и Јулија“ уште веднаш по премиерата има постигнато голем уметнички и комерцијален успех во САД и низ светот. Од тогаш овој филм им се прикажува на студентите кои ги проучуваат драмите на Шекспир и посебно оваа негова трагедија- една од неговите најпознати драми.

Филмот беше номиниран за четири награди Оскар, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобра режија, но освои само два- за камера и за костимографија.

За тужбата сега треба да одлучи судот во Санта Моника, во Калифорнија, американска сојузна држава каде е суспенирана застареноста на дела врзани за сексуална злоупотреба на деца и  тинејџери.

Тоа и дава шанса на оваа необична тужба која инаку доби широк публицитет, на крајот и да успее на судот. Особено што се тврди дека прославениот режисер и компанијата ги имаат измамено младите актери.

Потикнати од „MeToo“ движењето

Леонард Вајтинг и Оливија Хаси сега изјавуваат дека досега не подигнале тужба , затоа што стравувале од „одмаздата на компанијата “ и на Холивуд.

„Доскоро, немаше никој да верува во она што го зборуваме и што го имаме претрпено измнатите децении. Но, после „МеТоо“ движењето , работие се изменија, па сега може да се покрене обинување за прикажување голи слики со малолетници, што е забрането со американските закони“- има речено актерот на ликот на Ромео.

Некои медиуми во САД, меѓутоа, потсетуваат дека актерката  не мислела од секогаш така. Хаси во 2018 година, во едно ТВ интервју има речено дека „сцените ( за кои сега тужи)  биле потребни“, како и дека „Зиферели сето тоа го има направено со вкус“.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Култура

Горе