Шеесет години Битлси и „Love me Do”
Шеесет години поминаа овие денови од појавувањето на легендарната британска група Битлси и нивниот прв хит – Love me Do – за кои се верува дека темелно ја имаат изменето музиката.
Пет месеци пред тоа, четворицата од Ливерпул, од квартот Пени Лејн, блиску до пристаништето, момчињата и нивниот тогашен менаџер Брајан Епстајн безуспешно се обидувале да најдат студио каде би можеле да ги снимат своите песни. Тоа им успева откако се запознале со продуцентот Џорџ Мартин кој прво ги има „дотерано“ песните, а потоа во компанијата „ЕМИ – Парлофон“ им помогнал да снимат три свои нумери. Покрај сега веќе легендарната „Love me Do” и “PS I love you” како и “Ask me Why”.
Прва песна и прв хит
Неколку недели потоа имаат потпишано и прв договор и го имаат снимено првиот сингл, што според британските историчари на поп музиката и социолози значи почеток на револуцијата во музиката, но и во поп културата, во модата и во целата индустрија на забавата.
Светот разбра за Џон Ленон и за Пол Макартни, за Џорџ Харисон и за Ринго Стар кој малку подоцна влегува во групата, откако првиот тапанар Пит Бест добил отказ, затоа што дискографската куќа оценила дека не ги задоволува критериумите на куќата ЕМИ.
Снимањето на првиот нивни хит – Love me Do – е извршено на 11 септември 1962 година, а на пазарот плочата од винил, се има појавено на 5 октомври – и веднаш се има пласирано на тогашната британска топ листа, а Британија, Европа и светот беа зафатени од новиот бран наречен – Битлсоманија.
Веќе една година подоцна, групата во која најстариот имаше 21, а најмладиот член 19 години, беа во САД, пред полни сали со најчесто млади девојки, со настапи на телевизија и со за тоа време, неочекуваната „хистерија“ за нивната музика што постарите генерации и љубителите на традиционалната популарна музика, не можела да ја прифатат.
Глобална „Битлсоманија“
Лондонските медиуми пишуваат дека таа „хистерија“ се уште трае, па непосредно пред 60 годишниот јубилеј, остарените вљубеници на Битлси и нивната музика, но и сегашната генерација млади, најмногу ги имаат барано првата нивна плоча, опаковката во која таа била сместена, како и плакатите од нивните први концерти.
Битлси останаа заедно до 1969 година, кога во студиото во Аби Роуд, во северен Лондон, за последен пат имаат снимано како група.
Секој од нив, по тоа, тргна на своја страна, правејќи музика која се слушаше, најмногу затоа што беше музика на некој од битлсите. Денес само Пол Макартни и Ринго Стар се живи, откако Ленон беше убиен во Њујорк во 1980 година, а Џорџ Харисон почина од рак.
Првиот нивни тапанар Пит Бест, затоа што доби отказ непосредно пред групата да се стекне со светска слава, во Британија се означува како „најголемиот баксуз во историјата на поп музиката“.