Земјотрес за време на дебатата за земјотреси
Малото европско кнежевство Лихтенштајн го погодија два земјотреси со помал интензитет – едниот од 2,5 а другиот од 4 степени според Рихтеровата скала. Потресите немаат предизвикано материјална штета, ниту има сознанија за повредени лица.
Лихтенштајн, иако планинска земја, ретко е зоната од каде доаѓаат вести за земјотреси, но овој пат, со двата потреса еден по друг, медиумите од Европа ја пренесоа брзо информацијата, затоа што станува збор за една крајно ретка случајност која ја одбележи целата ситуација.
Двата земјотреси се имаат случено точно во моментите кога локалниот Парламент, во главниот град Вадуц, расправал за – можен потрес и за тоа како е земјата подготвена за да се справи со една таква ситуација.
По првиот потрес, една од пратеничките која била на говорницата, учествувајќи во дебатата, само гласно се насмеала кога сите го почувствувале поигрувањето на тлото. Но, по вториот земјотрес, што се случил набргу по првиот, спикерот на Парламентот ја прекинал седницата и наложил итна евакуација.
Била алармирана полицијата која подоцна има соопштено дека земјотресите ги вознемириле луѓето, но дека освен тоа, немало потреба од интервенција.
Епицентарот на земјотресите, инаку бил во соседна Австрија, на 19 км. јужно од австрискиот град Дорнбирн. Потресите се почувствувале и во делови од Швајцарија, како и во јужна Баварија и во Баден Вуртенберг, во Германија.