Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Атентат во Јапонија

palinchak/Depositphotos.com

Атентат во Јапонија

Шинзо Абе иако веќе поранешен премиер, беше убиен во атентат во градот Нара, на југот од Јапонија, додека и помагаше на својата партија во предизборната кампања за изборите за членови на Горниот дом на јапонскиот Парламент.

Атентатор е извесен Татсуи Јамагами (41) за кого медиумите во Токио пишуваат дека е поранешен маринец – припадник на јапонската воена морнарица.

Тој е уапсен на местото на нападот и се наоѓа во притвор, но објавените фотографии покажуваат дека додека Абе агитирал за изборот на кандидатот на Либерално – демократската партија (ЛДП) неговиот атентатор стоел зад него. Во еден момент на невнимание и на пропуст на безбедносните служби, убиецот сосема му се приближил на поранешниот премиер и му пукал два пати во грбот и во вратот.

Оружје направено дома

Брзо и лесно бил совладан, но сведоци имаат изјавено дека не се ниту обидувал да побегне. На местото на атентатот останало да лежи и оружјето што убиецот сам го има изработено.

На полицијата, во текот на првото сослушување го признал злосторството. Изјавил дека сакал да го убие Абе затоа што – „не бил задоволен од него како политичар“.

Меѓутоа, и покрај признанието, останува нејасно зашто е убиен еден бивш политичар, кој се вклучил во изборната кампања за да помогне,  кој сепак нема функција, не е на власт и не носи никакви одлуки. Без разлика што остана и натаму влијателен во јапонската политика.

Особено што при претресот на куќата на атентаторот бил откриен и експлозив. Сега се вели дека сакал да го искористи, но не се знае кога и на каков начин – дали само за ликвидација на Абе, или и за извршување  терористички напади.

Шок во светот

Шинзо Абе (67) се повлече од премиерската функција – непоразен – во 2020 година, поради болест и сериозни проблеми со здравјето. Сепак, по опоравувањето се врати во политиката работејќи за својата ЛДП партија. Таа работа беше брутално  прекината, откако беше убиен во атентат.

Веста за неговото убиство за кое се верува дека е политички мотивирано, предизвика шок во Јапонија, каде ваков вид насилство има многу малку и е крајно ретко, но и во светската јавност.

Во услови на длабока поделеност, поради бруталната руска инвазија врз една независна земја (Украина), светот се обедини во изразувањето сочувство кон јапонскиот народ – ЕУ и САД, но и Бразил и Кина, па и изолираната Русија, изразија жалење и вчудоневиденост од атентатот во Нара.

За Јапонците, Абе ќе остане запаметен како премиер кој најдолго бил на функцијата – во два едно по друго мандати – меѓу 2012 и 2020 година, иако тој има и еден едногодишен мандат пред тоа (2006) кога ја имаше премиерската функција, за кратко.

Политичко семејство

Меѓународната јавност ќе го памети како конзервативен и за тамошните, јапонски стандарди националистички определен политичар, но и како успешен во економскиот сектор, со воведувањето мерки кои ја извлекоа земјата од рецесија, па тие сега се познати како – „Абеномикс“.

Во неговите успеси се споменува и релативно брзото опоравување на Јапонија по катастрофалниот земјотрес во реонот на Тохоку, во 2011 година и огромното цунами што потоа се предизвика – две катастрофи во кои загинаа 20 илјади луѓе, а локалната атомска централа „Фукушима“ доживеа сериозна хаварија.

Абе потекнуваше од политичко семејство. Негов татко беше Шинтаро Абе, познат јапонски министер за надворешни работи, додека негов дедо е поранешниот премиер Набусуке Киши, политичар од годините на поствоената јапонска демократија.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе