Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Кандидатурата на Украина е политичка одлука“

Ale_Mi/Depositphotos.com

„Кандидатурата на Украина е политичка одлука“

Одлуката на Европската комисија за давање кандидатски статус на Украина, за членство во ЕУ, во време кога земјата е изложена на агресија од Русија и во војна, е политичко решение и симболична порака (за поддршка) на земјата. Но, таа во исто време претставува и „дипломатска шлаканица“ за Владимир Путин – оценува европската политичка јавност, која ја анализира и реакцијата на официјална Москва.

Првично, рускиот претседател реагираше со „сожалување“ за Европејците, зборувајќи дека украинското приближување кон ЕУ, ги потиснува настрана интересите на луѓето во Европа“. По ова, Путин има изјавено дека Русија нема ништо против членството на Украина во Унијата, затоа што тоа не е воена организација, како НАТО.

Неговиот портпарол, меѓутоа, порача дека ова и дава нова димензија на ситуацијата околу Украина. Се смета дека – еден ден (како што се согласуваат и некои европски експерти) ЕУ би можела да се најде во директен судир со Русија.

Членот 42 од европскиот Устав

Станува збор за членот 42 од европскиот темелен документ – Договорот од Лисабон – за тоа дека земјите – членки на ЕУ “мораат, со сите средства, да и пружат помош на некоја друга членка, доколку таа стане жртва на агресија врз нејзината територија“.

Тоа е она што ги натера Киев и претседателот Володмир Зеленски да побараат – итна кандидатура и (во еден момент се зборуваше и за прием) во Унијата, откако стана јасно дека кога и како и да заврши војната, Украина во преговорите ќе мора да се согласи на „воена неутралност“ и на откажување од амбицијата за влез во НАТО.

Одредбата од европскиот Устав, затоа, сметаат Украинците, е потребната замена за нечленувањето во Алијансата.

Политичката одлука за статусот, сепак, не значи и забрзан прием во редовите на ЕУ. Поранешните оценки на Брисел зборуваа дека оваа земја – (и без сегашната војна) – ни од далеку не е подготвена за старт на преговорите, а уште помалку за влез во Унијата, со своите 40 милиони население и со неевропската државна, економска, политичка и управна организација.

ЕУ поделена околу Украина

Имајќи го во предвид искуството со земјите од Западен Балкан, посебно случајот со Северна Македонија, јасно е дека пред украинските власти и пред оваа и другите влади во Киев, стојат долги години и многу работа што треба да се направи кога станува збор за владеење на правото, борбата со корупцијата и мешањето на олигарсите, на демократските слободи, реформата на правосудството.

Како сега стојат работите – трите најголеми во ЕУ – Германија, Франција и Италија – се согласуваат Украина и формално да стане земја – кандидат, но силни резерви имаат Холандија и Данска и Австрија и Португалија кои инсистираат дека оваа земја од Истокот на Европа е целосно неподготвена дури да биде и кандидат.

Тие сметаат дека, затоа, не треба да се брза, за да и се дава лажна надеж на Украина, како во случајот со Турција.

Двојно помал БДП од Бугарија

Освен тоа, политички експерти потсетуваат дека Европа и ЕУ, израснаа во силно напредна заедница, имајќи го и силниот грб на Америка зад себе, па заклучуваат дека Унијата, сепак, не ќе може да ја одигра таа улога со Украина.

Особено што за нејзината обнова е неопходна огромна материјална помош, а главнината на таа помош ќе падне на товар на ЕУ.

Тоа нема да е лесно, затоа што оваа држава е мошне далеку од европските стандарди. Украинскиот БДП, на пример, е помал од 4800 долари, а тоа е за 50 отсто помалку од БДП на најсиромашната членка на ЕУ – Бугарија.

Од друга страна, Транспаренси Интернешенел ја има рангирано Украина на 122 место, според степенот на корупцијата, од вкупно 180 земји.

Конечно, властите во Киев, како прво ќе треба веднаш да им ги вратат правата за користење на мајчиниот јазик на украинските Роми, на локалните Унгарци и Турци, како и на сите оние кои зборуваат руски јазик. А, токму во деновите кога се расправа за кандидатскиот статус на земјата во ЕУ, тамошните власти ја забрануваат употребата на рускиот јазик во некои градови.

Преголема за членство во ЕУ

Француски медиуми пишуваат дека кога би влегла во ЕУ, оваа земја би ја изменила структурата на самата Унија – би станала најголем корисник на земјоделските фондови, би била пета по големина, па во сите институции би имала иста тежина како Шпанија, а заедно со Полска, би се изедначила со Германија.

И, уште затоа што е двојно поголема од сите земји од Западен Балкан – заедно – би можела целосно да ги потисне Западнобалканците со себе и со својата амбиција, на кои од Брисел и натаму им се порачува дека пред себе имаат спроведување на важни реформи за влез во ЕУ.

Како и да е, не само скептичната Франција, туку и другите се согласуваат дека Унијата не може да опстои со 35, или повеќе членови – ни технички, ни политички, а ни функционално. Затоа во Европа се вели дека сега се нудат решенија како – креирање „политичка заедница“, или како “геополитичка заедница“ за соседните земји на ЕУ – оние кои се далеку од европските стандарди и од процесите на европеизација.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе