Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Украина не се споредува со Белград“

ivalex/Unsplash

„Украина не се споредува со Белград“

Подолго време, по руската агресија врз Украина и војната која таму трае над сто денови, Западот, а пред се Брисел и Вашингтон, притискаат врз Белград да воведе санкции врз путинова Русија, поради инвазијата од 24 февруари.

Притисокот се објаснува со потребата државата која е кандидат за влез во ЕУ и веќе го има покренато преговарачкиот процес, мора да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на ЕУ. Посебно, кога станува збор за сегашната ситуација во и околу Украина.

Силен притисок, само помалку отворен, спроведува и Москва која ниту сега не сака да ја загуби Србија за која, руската страна признава, дека и остана единствениот сојузник на Балканот на кого може да смета.

Официјален Белград има стратешко партнерство со Русија – воено и политичко – иако економски и финански е далеку повеќе поврзан за Западот, односно за Унијата, од каде доаѓаат и најголемиот број европски инвестиции.

Седење на два стола

Српската страна на притисокот од Западот реагира со оправдување дека со Русија има традиционални и историски врски, но дека Србија мора да ги негува односите затоа што е целосно зависна од руската нафта и од рускиот гас. Но, во исто време, во Белград постојано се повторува дека земјата останува на својот европски пат и определена да стане членка на ЕУ.

Тоа значи дека и во сегашната воена состојба на Истокот од Европа и на војната која за прв пат се води на европско тло по Втората светска војна, српските власти настојуваат да останат „неутрални“, а тоа значи да продолжат да седат на „два стола“.

Европските политичари сметаат дека таквата политика е неодржлива и оценуваат дека таа тешко може и да се оправда. Затоа што доаѓа во услови кога во Украина секој ден гинат цивили, руските војници брутално ја уништуваат земјата, а Владимир Путин спроведува анексија на украинскиот исток и југ, делејќи им руски пасоши на луѓето на освоените територии.

Косово и бомбардирањето во 1999 година

Проевропејците во српското општество инсистираат дека нивната држава ќе мора да се определи и тоа кон Западот и кон Европа, каде Србија на секој начин припаѓа. Меѓутоа, поголемиот дел од српската јавност е против воведување санкции за Русија и (практично – стоејќи на руска страна) е против Украина и нејзината борба за својата независност.

Белградски политички експерти велат дека за ваквата определба има две причини.

Првата е верувањето дека само со руска помош (со блокада во ОН и во меѓународните организација) ќе се попречува независноста на Косово. Односно дека без Москва, како сојузник Србија трајно ќе го загуби Косово кое и натаму го смета како своја територија, без разлика што над 20 години нема таму никаква своја контрола.

Втората е бомбардирањето на Белград и делови од Србија, во 1999 година од страна на Западот и под знамето на НАТО. Во српската јавност, благодарејќи на долго време присутниот антизападен наратив и отсуството на европските вредности, е изграден отпор кон Западот, кон НАТО, посебно, што сега се огледува и со рамнодушноста кон страдањето на Украинците. Едноставно, се прави споредба и се изедначува нападот врз Србија од пред 23 години, со сегашната брутална агресија на Русија врз Украина.

„Неодржливо споредување“

Во Брисел и во Вашингтон, како и во западните европски престолнини, се отфрла како неточно и неспоредливо, она што се случуваше на времето во Белград, со она што сега го доживуваат во Киев и во другите украински делови.

Русија брутално, со голема воена сила има извршено агресија врз една независна и суверена држава, со цел таа да се освои, да се покори и да се окупира голем дел од нејзината територија. При тоа, постојано попречувајќи ја хуманитарната помош, па дури и крадејќи го украинското жито и создавајќи намерно глобална криза со храната.

Според тоа, оценка на Западот е дека „апсолутно е неодржливо да се споредува путиновата војна, со она во Белград и Србија“ од пред повеќе од две децении и да се тврди дека станува збор за иста ситуација.

Затоа што во 1999 година, интервенцијата на НАТО беше насочена против режимот на Слободан Милошевиќ, откако пред тоа, меѓународни посредници го убедуваа да се откаже од етничкото чистење и од насилството во Косово. Уште повеќе што беше оценето дека неговата косовска воена операција беше закана за регионот и за предизвикување регионална војна.

Прелевање во регионот

Ваквите уверувања за изедначување на Белград и на Украина, доминантни во српската јавност, како и тамошниот, речиси непријателски однос кон Украина и нечувствителноста кон страдањето на нејзиниот народ, се има прелеано и во соседството на Србија. Пред се, во српската енклава во БиХ и меѓу Србите во Црна Гора, но и во Македонија и во нејзината јавност.

Главно во русофилските кругови на општеството, раширени преку српските медиуми, како и во проруската опозиција на македонската политичка сцена. Во редовите на антизападната, русофилска, вмровска партија и во нејзиниот прилепок, што себе си се нарекува левица, а делува на исклучиво десничарски, националистички позиции.

Проценката е дека ваквата атмосфера, создадена во самата Србија, како и во регионот на Западен Балкан, е потврда за продолженото настојување на Русија да се дестабилизира регионот. Тоа се прави преку создавањето кризи во одделни земји, мешајќи се во нивните внатрешни работи и постојано работејќи на креирање националистички и секакви други тензии.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе