Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Форин Афеарс“: Соседите ја растураат Босна

Muamer/Depositphotos.com

„Форин Афеарс“: Соседите ја растураат Босна

Балканот, а посебно она што се нарекува Западен Балкан, се наоѓа во силно напрегната состојба, исполнет со бројни закани, како никогаш досега во изминатите децении, пред се, поради обновениот национализам на разните етнички заедници. Тоа се заканува (одново) да го дестабилизира регионот и тоа се случува во исто време кога локалните политички лидери манипулираат со локалната јавност – постојано распалувајќи ги страстите.

Вака ја анализира балканската ситуација американското списание за надворешно – политички работи „Форин Афеарс“ (Foreign Affairs), ставајќи посебен акцент на длабоката и опасна криза во која се наоѓа Босна и Херцеговина, обвинувајќи ги притоа Србија и Хрватска дека кон БиХ се однесуваат онака, како што Владимир Путин се однесува кон Украина.

Весникот, меѓутоа, му замера на Западот – на САД и на ЕУ – што продолжува да им дозволува на Белград и на Загреб да се однесуваат како што се однесуваат, иако западните сили располагаат со механизам со кој тоа може да го попречат.

Националистички етнократи

„Западот може да спречи и нестабилност и насилство на Балканот, но сепак, дозволува БиХ да назадува, во земјата да се врати нестабилноста, додека во соседството – како во Србија, така и во Хрватска – продолжува да расте национализмот, преку кој се дестаблизира Босна“ – предупредува „Форин Афеарс“. Весникот притоа потенцира дека ваквите состојби се присутни во време кога врз Украина се врши руската агресија.

Основната забелешка е – зашто САД и ЕУ се потпираат врз малкумина националистички етнократи кои со своето однесување ја имаат доведено ситуацијата во регионот да стане крајно опасна и да заврши со растурање и распад на БиХ, но и со растурање на постојните граници во целиот Западен Балкан.

А, проценката е дека ниту едното, а ниту другото, не ќе може да се изведе на мирен начин.

На теренот, српскиот претседател Александар Вучиќ за кого списанието пишува дека целосна контрола врз медиумите, со нивна помош, потпалува немири во Косово, додека неговиот партнер и сојузник Милорад Додик, лидер на етничките Срби во БиХ, бара отцепување на српската енклава Република Српска.

Белград и Загреб контра БиХ

На другата страна, од Загреб и од Хрватска, членка на ЕУ и на НАТО, е создаден сличен сојуз, со Драган Човиќ кој се прикажува како лидер на босанските Хрвати.

Тој е претседател на партијата ХДЗ во БиХ, која дејствува како филијала на истата партија во Хрватска, која таму е на власт, но на политичката сцена во БиХ Човиќ дејствува кон натамошна етничка поделба во државата. Или за создавање и хрватска етничка енклава – „Херцег – Босна“.

Проценка на „Форин Афеарс“ е дека Русија на Путин има одиграно голема улога за ваквата ситуација во Босна, со силно поттикнување на сепаратизмот, пред се, кај Србите со целосно вклучување и учество на Додик, но и кај Хрватите и тоа посебно во Загреб и неговото кокетирање со Москва, што трае во изминатите пет – шест години.

Всушност, Москва со години на ред работи на попречувањето на босанските евро – атлантски амбиции, не само кон зачленување во НАТО, туку и кон забрзаното придвижување кон ЕУ, што за руската страна (наводно) било „провокација“.

Москва поттикнува сепаратизам

Практично, станува збор за намерно создавање криза за да (ако може) БиХ да остане (како и Косово) трајно жариште на Балканот, на кое, во такви услови, Русија би можела да се меша.

Проблемот, според американското списание, меѓутоа, е што истите мангупи со кои Русија манипулира и ги користи за своите амбиции на Балканот, САД и ЕУ ги третираат и како свои партнери во процесот на демократизацијата во регионот.

Сето ова, сепак, можеше да се одбегне доколку Западот ги користеше инструментите што ги содржи Дејтонската спогодба. Но, кога состојбите веќе се дојдени до сегашната фаза на нестабилност, сега ќе треба САД и сојузниците да се престројат во својот однос кон Босна и да одговорат на руската агресија во оваа поранешна ЈУ република, како и во целиот поширок регион.

Тоа е особено важно, откако светот ги има сознанијата за руската агресивност низ бруталната војна во Украина.

Српски свет – руски свет

Таквата интервенција ќе значи ослободување од притисокот и задушувањето на локалните политички моќници кои имаат полза како од создадената нестабилност, така и од грубото мешање на Русија во целиот регион.

Се смета и дека низ една ваква интервенција ќе се измени и практиката – сите делегации (од Западот) кои доаѓаат во посета, за средување на приликите во Босна, претходно одат на консултации во Белград и во Загреб. Практично, одат во земјите кои кон БиХ се однесуваат како „грабливи птици“ – со крајната амбиција – ако може, да ја растурат и да ја поделат Босна, правејќи за себе, некаква “голема Србија“ и иста таква Хрватска.

Белград се обвинува дека го копира рускиот иредентистички национализам, за да може да ја зацврсти власта врз српската етничка заедница во БиХ и на Косово, за да потоа ги вклопи во она што се замислува како „српски свет“. Платформа која е речиси идентична со „рускиот свет“ на Владимир Путин.

НАТО во БиХ – во Брчко

Официјален Загреб, од своја страна, ја користи (злоупотребува) својата позиција во ЕУ за да поттикне измена на изборниот закон во БиХ (само босанските Хрвати, на пример, да може да изгласаат свој човек во тамошното тројно Претседателство), за да не може како хрватски претставник да се избере некој со гласовите и на другите етнички заедници (Бошњаците).

Така беше избран актуелниот член на Претседателството на БиХ од хрватската заедница, но тој е бојкотиран во Загреб. Не го сметаат за свој, затоа што Жељко Комшиќ инсистира дека е Хрват од БиХ, но дека прво е Босанец според државјанството, затоа што е роден и живее во Босна и Херцеговина.

Во една ваква атмосфера и ситуација која може да излезе од контрола, „Форин Афеарс“ заговара распадот на Босна да се спречи со префрлање на една бригада на НАТО во земјата, во Брчко и неговата околина, со што Република Српска би се преполовила.

Тоа би го спречило сепаратизмот на Србите и на Додик и отцепувањето на српската енклава, а во исто време би се спречила и било каква „превентивна“ активност на Бошњаците.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе