Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Британија: Највисока инфлација во последните 40 години

CeriBreeze/Depositphotos.com

Британија: Највисока инфлација во последните 40 години

Стапката на инфлација во Велика Британија, во април, достигна највисоко ниво во последните 40 години.

Ваквата состојба, финансиски експерти ја објаснуваат со руската инвазија врз Украина и со војната која трае, безмалку, четири месеци, поради што силно се зголемени цените на сите горива, како и на храната, поради поскапувањето на житните и на маслодајните растенија.

Според државното биро за статистика, во изминатите 12 месеци инфлацијата била зголемена за девет отсто, а тоа е највисок раст во текот на една година, каков што не е забележан во последните 40 години. Уште од 1982 година и годините кога британската економија почна полека да излегува од кризата во која се најде земјата, во седумдесеттите години на 20 век.

Само во еден месец – во март годинава, инфлацијата имала раст од осум отсто, што се означува како највисоко зголемување после 1992 година.

Голем пад на животниот стандард

Ваквото забрзано зголемување на инфлацијата предизвика, владата на премиерот Борис Џонсон да вкалкулира за оваа 2022 година планирана инфлација од осум отсто, што значи дека цените на разни производи и услуги веќе сега се многу повисоки од просекот кој го прикажува државната статистика. Тоа, од друга страна, се повеќе го зголемува притисокот врз Даунинг стрит 10, да обезбеди вонредни мерки за ублажување на состојбите и за заштита на стандардот на луѓето.

Британските економисти предвидуваат дека ваквата ситуација, со висока инфлација над сите предвидувања и со економската криза, која почна да се создава уште во годините на глобалната пандемија, ќе предизвика силен пад на животниот стандард. Проценка е дека тој ќе биде најголем од времето на педесеттите години на 20 век, во годините по Втората светска војна.

Лондонските медиуми пишуваат дека луѓето низ Британија се погодени од големиот скок на трошоците за гас – на кој луѓето ги загреваат своите домови и на кој најчесто приготвуваат храна, како и на струјата, кои минатиот месец беа поскапени за 54 отсто.

Сето тоа во услови кога Британија има свои резерви на гас во Северно Море и е далеку помалку зависна од увозот, особено од рускиот гас, од сите други земји во Европа, а електрична енергија во поголем процент, добива од своите атомски централи.

Цените повисоки од прикажаните

Во изјави за медиумите, граѓаните тврдат дека „вистинската инфлација“ е многу повисока од онаа која се прикажува во статистиката и дека скокот на цените на сите животни намирници, на храната, на разните услуги и на транспортот, пред се, се неколкупати повисоки и – како што велат – незапирливо продолжуваат да растат.

Експерти во Лондон предвидуваат дека владата би можела да го намали данокот на доход, за да го олесни притисокот врз стандардот.

Освен тоа можно е да се зголемат и субвенциите за луѓето со ниски примања, но засега не се предвидуваат мерки за интервенција на пазарот за смирување на цените, онака како што тоа го имаат направено низа земји во ЕУ и во Европа.

Она што владата на Џонсон го разгледува е да го зголеми данокот на енергетските компании, за кои се знае дека бележат висок раст на профитот, поради високите цени на нафтата и на гасот.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе