Белград: Расклатено седењето на „два стола“
Московскиот весник „Комерсант“ пишува дека по изборите во Република Србија, засилен е притисокот врз Белград за да се приклучи на санкциите против Русија, но за прв пат од почетокот на војната во Украина незадоволна (од српското однесување) е и Москва.
Весникот пишува дека Србија, сега, ја напаѓаат од сите страни, а од Белград се незадоволни и Западот и Русија. Притоа, проценува дека српскиот претседател се соочува со силен дипломатски оган од две страни. Затоа се верува дека тој ќе направи низа чекори за да ги задоволи западните барања, но весникот е на мислење дека сепак „ќе му биде тешко да и сврти грб на Русија“.
Порака за српскиот претседател
„Комерсант“ смета дека силниот европски притисок го предводи Германија, која е клучниот партнер на Србија во ЕУ. Германскиот претседател Валтер Штајнмајер, на пример, по српските претседателски и (вонредни) парламентарни избори порача дека „од клучно значење за Белград е координирање на неговата надворешна политика со онаа на ЕУ, посебно кога станува збор за односот кон Русија и воведувањето санкции поради војната во Украина“.
За московскиот весник изгледа нормално што Западот (ЕУ) е незадоволен од досегашното однесување, па затоа и притиска, Србија да не остане единствената од земјите на Западен Балкан, кандидати за влез во Унијата, која нема воведено санкции за Русија.
Меѓутоа, незадоволна од српската страна, сега е и Москва.
„Комерсант“ ја цитира портпаролот на МНР на Русија Захарова која вели дека „Москва не разбира како претставници на некои земји кои тежнеат кон независна, избалансирана политика, зборуваат дека се изложени на невиден притисок, па само затоа прават компромиси“. Обраќајќи му се, притоа, практично, директно на Александар Вучиќ.
Москва бара свои луѓе во владата
Весникот кој очигледно е избрифиран во руското МНР оди чекор понатаму во испраќањето порака до српскиот претседател, па пишува дека Вучиќ би можел да го покаже своето пријателство кон Русија и кон Путин (и покрај спротивставувањето на санкциите) – со исполнување на „желбата на рускиот претседател“ – во новата влада на Србија да се најдат српски политичари кои се „определени за развој на односите со Русија“.
Мислејќи, секако, на СПС (Социјалистичката партија на Србија) на Ивица Дачиќ – главниот проруски политичар во српската политика и човек на Владимир Путин, изразувајќи нескриена загриженост дека тој нема да биде премиер, како што самиот најавува, или дури неговата партија да биде во идната српска влада. Како што тоа веќе го навестија некои од политичарите на владејачката партија СНС на Вучиќ, министри во владата, па и самата Ана Брнабиќ, актуелен српски премиер.
Во Белград, затоа, се проценува дека со правењето нова влада Србија ќе се занимава цела пролет и лето, се до август (!) за да се избалансираат сите – проруски и прозападни сили и партнери кои на СНС и се потребни за да формира влада – за да може потоа да се донесе конечна одлука – за воведување и на српски санкции кон Русија.
Нема неутрални за Украина
Сето ова, меѓутоа, е резултат и директна последица на долгата политичка игра на официјален Белград и на Александар Вучиќ за „седење на два стола“ – едниот Западот, како божем се сака влез во ЕУ, а ништо на тој план не се прави и другиот Истокот – Русија на Путин, со кои се гради политичко и безбедносно партнерство.
Отворајќи ја притоа, до максимум вратата за Кина и нејзините државни кредити и инвестиции, зад кои стојат стратешките државни интереси на НР Кина во Западен Балкан, во Европа и во ЕУ. А тоа се два авторитарни режими кои се антиевропски определени и кои настојуваат да ја слабеат и растураат ЕУ.
Седењето на два стола, меѓутоа, како што рекол народот, е опасна работа. На крајот, тој што седи така, обично, паѓа. Српските аналитичари велат дека Белград, сега се наоѓа во една таква ситуација со седењето на „два стола“.
Затоа што по бруталната инвазија на Русија врз независна Украина, ниту една држава не може да се прави „неутрална“ и да стои настрана, како да не гледа дека таму се убиваат цивили, гинат деца, се разурнуваат без било каква потреба цели градови.
Време за определување
Тоа значи дека не може да не се санкционира таквото однесување на путинова Русија. Една Финска и Шведска, за прв пат по 200 години, не останаа неутрални. Ирска која е воено неутрална над 100 години, овој пат е меѓу најсилните заговорници за уште посилни санкции против режимот на Путин.
Во таквото опкружување и во услови на војната на украинската територија, Србија (не сметајќи ја Белорусија) е единствената во Европа која се опира на воведувањето санкции. Во ЕУ и во Брисел, пак, по изборите од почетокот на април, очекуваат Белград, конечно, да се определи – и за санкционирање на инвазијата и војната и за тоа на која страна сака да и се приклони.
Тоа, открива дека двата стола на кои Белград сакаше да остане – влечејќи ги за нос оние од Западот и уверувајќи ги дека само со СНС и нејзиниот сегашен лидер може да се среди косовското прашање, а задоволувајќи ги во исто време сите барања на Русија.
Иако е јасно дека преку Србија со години работи на дестабилизација на Западен Балкан и на блокирање на неговите амбиции за европскиот курс. Притоа, постојано сокривајќи се зад „косовскиот проблем“ што Москва, наводно, сака да се разреши, а во основа работејќи со сите сили против тоа.
Предупредување од русофилите
Само така, Русија може да планира останување на Балканот – низ постојано создавање кризи во регионот.
Тоа би можело да и го направи и на „пријателска“ Србија, преку својата веќе инсталирана мрежа во која се влезени и домашните русофилски политички сили и разните националистички кругови кои се јавуваат и како путинови сојузници.
Тие остро се противат на евентуалните српски санкции за Русија, па со заеднички сили веќе го предупредија српскиот претседател, организирајќи силеџиски протести во Белград, со поддршка на Путин, и на Белорусија, со осуда (!?) на Украина, како и со силни осуди за ЕУ.
Овие подоцна се огласија дека Русија ги „брани српските интереси“ на Косово и не дозволува меѓународно признавање (влез во ОН) на оваа 13 години независна држава и дека Белград не смее да воведе санкции.
Оваа страна на српската политичка сцена, всушност, е против Западот, против ЕУ и влегувањето на земјата во Унијата, па од српскиот претседател, кого засега не го напаѓаат, бараат да остане на досегашните позиции – бидејќи Србија е повеќе на Истокот, отколку што сака да биде на Западот, во Европа, каде според сите параметри би требало трајно да се определи.
Пресвртен момент
Војната во Украина, затоа, е просветниот момент за Белград, откако е видливо дека политиката на „два стола“ е сосема расклиматена и повеќе неодржлива.
Дури и да заврши војната, Србија ќе мора да се определи затоа што од тоа и зависи европскиот пат – не повеќе само од Косово. Проевропските сили, а такви кои се силно за европеизација на Србија, јавно не се гледаат кај српската опозиција, сметаат дека Белград со новата влада ќе се определи. Тоа ќе биде за еден стол и тој ќе биде – оној западниот.
Русија се очекува да реагира со некакви контра мерки, но сепак, се смета дека нема веднаш да реагираа како што тоа го направи кон земјите од ЕУ.
Секако, нема да има веќе евтин гас и нафта, а извозот (а тоа во 80 отсто е српско овошје) и онака веќе е запрен – поради војната. Доколку, пак, би останело досегашното определување – ни таму, ни ваму – белградски аналитичари сметаат дека санкциите од Западот (кон Србија) би биле потешки за земјата – економски, но и политички.
(Д.Б.)