Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Ќерката го наследи таткото во „Зара“

Imaxepress/Ddepositphotos.com

Ќерката го наследи таткото во „Зара“

Марта Ортега, ќерка на основачот на (сега) најмоќната конфекциска куќа во светот – „Индитекс“ – Амансио Ортега и формално ја презеде функцијата генерален директор на компанијата и стана „најмоќната жена во светот на конфекцијата“.

Шпанските медиуми за 38 годишната Марта пишуваат како за „дискретна и таинствена“, но и тоа дека уште од поодамна се знаело оти ќерката ќе го преземе раководењето со најголемата светска компанија за „евтина мода“. Шпанската „Индитекс“ во своето постојано напредување, во изминатите 37 години, успеа да се искачи на самиот врв, надминувајќи ја и шведската Х&М, па сега поседува дури 6500 продавници низ целиот свет.

Оваа компанија има неколку брендови, меѓу кои далеку најпознат и најпопуларен е „Зара“, но под истата компанија се и „Бершка“, „Масимо Дути“ и „Ојоша“, како и „Зара – Хоум“.

Во компанијата работи 15 години

Во ноември минатата година, беше објавено дека од почетокот на април Марта Ортега ќе го замени на функцијата прв директор Пабло Исла, за кого се вели дека е најмногу заслужен за напредувањето и ширењето на компанијата и популарноста на сите нејзини брендови во изминатите десет години.

Замената на Исла со ќерката на газдата ја има покренато токму таткото Амансио кој ја има формирано фирмата „Индитекс“ во 1985 година. Тој во 2011 година се повлече од функцијата претседател на Извршниот одбор, но и понатаму остана мнозински сопственик на компанијата. Тоа придонесува Амансио Ортега да е еден од најбогатите луѓе во Европа и во светот.

Марта Ортега е вклучена во работата на компанијата веќе 15 години. Таа е единственото дете на Амансио Ортега и Флора Перез. Порасната е во пристанишниот град Ла Коруња, во северозападна Шпанија, заедно својот полубрат и полусестрата.

Прва работа – помошник во продавница

Образование има стекнато во Швајцарија, а дипломирала во угледната Школа за економија во Лондон (ЛСЕ).

Од 2007 година, таа има работено како помошник во најголемата продавница на „Зара“ во британскиот главен град. Како што има речено нејзиниот татко – за да може подобро да разбере како работи компанијата. Никој во продавницата не знаел дека станува збор за ќерката на газдата на компанијата.

Во едно интервју, минатата година, за прв пат признала колку и било тешко да се навикне да работи. „Мислев дека нема да издржам и дека тоа не е работа за мене, но брзо се навикнав. Трговијата со конфекција и воопшто тој свет ме освоија со голема брзина“ – има речено ќерката Ортега.

И Пабло Исла и другите во компанијата велат дека Марта е вистинскиот човек за да ја води компанијата. Токму таа го има изградено сегашниот имиџ на „Зара“ и на другите брендови.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе