Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Касјанов: Путин не е спремен на отстапки во Украина

Kremlin.ru, Vladimir Putin (2022-02-24), CC BY 4.0

Касјанов: Путин не е спремен на отстапки во Украина

Поранешниот руски премиер Михаил Касјанов изјави дека преговорите што Москва ги води со Украина, за запирање на војната, се обична камуфлажа, затоа што Владимир Путин не е спремен да прави отстапки кон никого и за ништо, кога станува збор за украинската ситуација.

Изјавата на Касјанов кој беше на чело на владата во периодот меѓу 2000 и 2004 година, за време на првиот претседателски мандат на Путин, доаѓа по изјавата на руските преговарачи, на разговорите во Истанбул, на која беше најавено дека руската страна „значително ќе ги намали своите операции на подрачјето околу Киев“.

Ваквата најава предизвика изненадување на Западот, затоа што дојде неочекувано и затоа што можеше да значи почеток на деескалација на воените судирања, бидејќи беше означено како гест за зголемување на взаемната доверба на двете завоојувани страни.

Преговори – камуфлажа

Таквата надеж, меѓутоа, брзо исчезна затоа што набргу стана јасно дека олабавувањето на воените операции околу украинскиот главен град не значат почеток на повлекувањето на Русите од територијата на Украина, туку само прегрупирање на руската војска и нејзино прераспределување – кон Истокот на земјата и регионот на Донбас. Воени експерти оценуваат дека ваквата најава на Москва само е обид за купување време.

Во разговор за британската телевизија Скај Њуз ја демаскира вистинската политика на Путин и Кремљ кон војната, а посебно кои преговорите.

„Мислам дека нема никаква индиција дека Путин е подготвен било каде да попушти, односно да направи некаква отстапка. Она што тој го сака се наместени преговори со Украина, само за да му покаже на светот и на меѓународната јавност – она која се уште му верува – дека тој сака мир. Сепак, сметам дека нема такво нешто, па затоа впечатокот е дека станува збор за обична камуфлажа” – рекол Касјанов.

„Изненаден од Западот“

Во друго интервју за лондонската радио станица ЛБЦ, поранешниот премиер зборувал за барањата на Украина и на претседателот Володмир Зеленски за тоа НАТО да го прогласи украинскиот воздушен простор – забранет за летови.

„Во овој случај, Путин би требало да биде исплашен. Верувам дека доколку би се вовела една ваква мерка, тој би бил шокиран“ – тврди Касјанов кој смета дека рускиот претседател и сега е многу изненаден од одговорот и од реакцијата на Западот на неговата инвазија врз Украина.

„Уверен сум дека при правењето на плановите за агресијата на украинската територија тој верувал дека целата операција ќе трае кратко, без некој позначаен отпор и налик на операцијата по која беше извршена анексијата на Крим.

Без гневна реакција на јавноста

Според поранешниот премиер, целата воена ситуација, санкциите, кризата во самата Русија и над се развлекувањето на војната – со одбивањето на украинските трупи да капитулираат – го прават рускиот претседател да биде гневен – на се и на сите околу себе.

Касјанов, сепак, е многу повнимателен кога станува збор за тоа каква ќе бидат реакциите на руската јавност, на гласачите и на Русите воопшто, кон Владимир Путин поради бруталната војна што и ја наметна на Украина.

“На кус рок, не очекувам дека тој ќе се соочи со гнев на рускиот народ, но на подолг рок сигурно е дека ќе биде казнет за ова што сега го прави“ – смета Михаил Касјанов. Тој уште вели дека – “украинското одбивање да се предаде и успесите на Украинците на военото поле, значат дека сме сведоци на почетокот на крајот на путиновото време“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе