Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Зеленски: Постојат само зборови – ништо конкретно

Fotoreserg/Depositphotos.com

Зеленски: Постојат само зборови – ништо конкретно

Украинскиот претседател Володмир Зеленски во своето последно обраќање на државната телевизија, има зборувано за текот на досегашните преговори со Русија и при тоа рекол дека она што засега постои се само зборови и дека нема ништо конкретно. Рекол и дека украинските сили во источните делови на земјата, се во очекување на нови руски напади и бомбардирања.

Впрочем, тоа самиот Владимир Путин му го има речено на францускиот претседател Емануел Макрон, кој (засега безуспешно) се обидува да го убеди рускиот претседател да ги запре воените операции на украинска територија и да запре војната која Русија ја покрена и ја води во Европа.

Од Кремљ студено, во руски манир, му има порачано на Макрон дека во Истанбул немало пробив во преговорите, како и дека бомбардирањето на Мариупол, град на брегот на Азовско море, што е речиси целосно разурнат – ќе продолжи се додека украинските сили кои го бранат градот – не се предадат и не капитулираат.

„Подготвеност на Украина“

На ваквата тврда и агресивна позиција на Путин, на некој начин, се надоврзува и главниот руски преговарач Владимир Медински.

Тој за руската агенција Новости има изјавено дека преговорите со Украина, секако, ќе продолжат, но дека ставот на Москва (и на истанбулските преговори) околу статусот на Крим, како и на Донбас, што ќе рече на југот и на Истокот од Украина, што е безмалку целиот под руска окупација – не се променил, ниту се менува.

Тој, сепак, рекол дека Киев (сега) покажува подготвеност да ги исполни основните барања на Русија и открива дека украинската страна има предадено тези за една идна, можна спогодба, што веќе се набележани на хартија.

Станува збор за откажувањето од влез на земјата во НАТО, утврдување вонблоковски статус на Украина, одбивање на нуклеарното оружје, како и откажување од поседување и развој на било кое од оружјата за масовно уништување, одбивање странски бази на украинска територија и на прием на странски воени контингенти.

Забрането интервју на претседателот

Во исто време, руската војска, во средата (30 март) остана на своите позиции и не се повлекува од фронтовските линии, туку само се прераспределува, од една позиција, на друга. Западни извори потврдуваат дека Русите се повлекуваат околу поранешната нуклеарна централа „Чернобил“, како и дека (веројатно) ќе го намалат на околу 20 отсто од своите сили своето присуство околу Киев. Многу е веројатно, меѓутоа, дека тие сили сега ќе бидат префрлени во Донбас, за да го елиминира отпорот на Украинците.

На другата страна, украинскиот претседател Зеленски, за прв пат од почетокот на инвазијата, има дадено интервју за некои руски медиуми. Го има објавено интернет весникот Медуза, што руските власти веднаш го забранија, па тоа (сепак) се појави на Јутјуб.

Самото интервју привлече внимание затоа што во неа пошироко се елаборираат некои погледи и позиции на официјален Киев.

Прво, за тоа дека всушност тој е главната цел на нападот,  како и дека имало такви обиди и пред тоа – кога станало јасно дека Русија го губи своето силно влијание врз украинската политика. Претседателот смета дека токму затоа, Москва сега ја има одбрано политиката за освојување на целиот регион (мисли на Истокот на Украина), објаснувајќи го меѓу другото тоа и со купените (од страна на Русија) локални, регионални политичари.

Деведесет отсто од Мариупол го нема!

Но, она што според претседателот е најшокантно тоа е систематското уништување на југоисточниот град Мариупол. Станува збор за голем град во кој живеат околу половина милион жители, а кога во такво место 90 отсто од зградите се уништени – тоа е страшно.

„Нема 90 отсто од зградите. Запалени се, разурнати се. Едноставно, тие повеќе не постојат“ – има речено украинскиот претседател кој притоа ја има потврдено информацијата (ја објави и Скопје/Глобал) дека над 2000 деца се одведени од градот.

Според него, не се знае каде се и на која локација се наоѓаат. Не се знае ниту дали се сами, или се со своите родители, но тој верува дека се чуваат за да после бидат користени за размената на заробеници.

Сепак, во интервјуто, најмногу има зборувано за преговорите кои се во тек. Вели дека не е против преговорите со Русите и дека тоа го барал уште пред да почне агресијата, на 24 февруари.

Дали на Путин може да му се верува

Колку за потсетување, тој тогаш му нудеше средба и преговори на Путин за (тогаш) деескалација на кризата со натрупувањето руска војска на границата меѓу двете соседни земји, но Москва тоа го одбиваше. Тоа е времето кога рускиот претседател ја мамеше меѓународната јавност настојувајќи светот да верува во неговите „мирољубиви намери“, тврдејќи дека нема да има никаква инвазија.

Уште обвинувајќи ги НАТО, ЕУ и САД дека создаваат предвоена состојба, тврдејќи дека претстои инвазија.

Се покажа дека на Путин не може да му се верува и големо е прашање како, воопшто, после таа измама може со еден таков политичар и лидер на земја каква е Русија, воопшто, да му се верува во она што би се постигнало како договор за прекин на огнот и како ка спогодба за мирно сожителство на двете соседни земји.

Впрочем, постоеја и договорите „Минск 1“ и „Минск 2“.

Овој вториот, за идниот статус на Источна Украина. Киев не го исполни своето, само затоа што Москва одбиваше да ја спроведе својата обврска од договорот – а таа беше – повлекување на сите воени сили од Луганск и Донецк. Руската страна одбиваше да го направи тоа, затоа што на тој начин ќе се покажеше кој стои зад бунтот во тие два региони и кој ја има поттикнато војната, испраќајќи „доброволци“ од Русија.

Рускиот јазик не е забранет

Затоа, Зеленски вели дека има точки од рускиот ултиматум за кои Украина не може воопшто да преговара. Според него – денацификацијата и демилитаризацијата на земјата е обична бесмислица и за тоа нема што да се зборува.

Но, вели дека друга е работата околу употребата на рускиот јазик во Украина.

„Па, јас зборувам руски. Ако некој украински граѓанин ми се обрати на руски, јас му одговарам на тој јазик. Во Украина има над 100 разни етнички заедници и секоја од нив може да зборува слободно на својот јазик. Она што ние го бараме е взаемно почитување. А, тоа е договор за взаемно почитување на историјата, јазикот (Русите, дури и Путин го негира украинскиот јазик) и вкупните културни вредности“ – вели Зеленски.

Украинскиот претседател, можеби за прв пат, категорично се согласува со украинската неутралност и со ненуклеарниот статус. Тоа беше и првичната и почетната позиција на Москва при покренувањето на кризата. И, како што вели Зеленски, токму за тоа започнаа и војна.

Референдум по повлекување на Русите

Меѓутоа, документот за тоа мора да биде сериозна, темелна и гарантирана спогодба, зад која ќе застанат и земји – меѓународни гаранти на украинската безбедност. Таа спогодба би се ратификувала во Парламентите на државите – гаранти, а во Украина да помине на референдум.

При тоа, претседателот го отфрла барањето на руската страна – прво да се измени украинскиот Устав – каде е внесена намерата за влез во НАТО – па потоа да уследи повлекување на руските трупи.

За Зеленски нема дилема дека прво треба да си заминат руските војници и тенкови, за да во една невоена состојба – на референдум – се измени Уставот, или поточно се тргне одредбата за членство во Алијансата.

Во објавеното интервју за руските медиуми, претседателот на Украина уверува дека неговата земја ниту поседува, а ниту има услови и можности за производство на било кое оружје за масовно уништување. Тој, сепак, смета дека предавањето на тоа оружје (на СССР) при распадот на Советскиот Сојуз било „предавство на украинските национални интереси“.

Против мировни сили

Она што останува отворено и што засега не се споменува гласно е статусот на Крим и на Донбас. За тоа ниту Зеленски не зборува, иако е против предлогот на Полска таму да има мировни, меѓународни сили, затоа што тоа би значело трајно замрзнување на судирот.

„Она што ние, Украина сакаме е само враќање на руската војска на позициите на кои таа беше пред 24 февруари, пред почетокот на агресијата“ – има речено Володмир Зеленски во големото интервју за руските медиуми.

Во оваа прилика тој ги отфрла како лажни тврдењата на Москва дека украинската војска сакала на сила, со војна, да ја врати контролата врз окупираните источни територии. Уште во 2019 година, Киев има објавено дека отфрла воено решение за состојбата во Источна Украина.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе