Баришников: Русија се врати во времето на Сталин
Еден од најголемите руски балетани на сите времиња, Михаил Баришников кој беше ѕвезда на балетната сцена уште во времето на Советскиот Сојуз, се огласи од Њујорк, каде сега живее, со остра осуда на војната во Украина и на руската инвазија врз соседната држава.
Во интервју за лондонски „Гардијан“ тој за војната вели дека е лудило и при тоа ја цитира изјавата на папата Франциско кој го повика Владимир Путин да ја прекине суровоста, со која се соочуваат Украинците и го молеше да ги запре војувањето.
Рубикон за путинова Русија
Баришников смета дека тоа е наједноставната порака што може да се испрати за она што се случува во Украина, но тој зборува и за Русија, за која тврди дека веќе се има вратено во времето на некогашниот комунистички диктатор Јосиф Сталин.
А, дека во таквите услови, како и во Сталиновото време од пред седумдесетина и повеќе години, страда уметноста. Таа и сега е колатерална штета, па е невозможно да се предвиди и да се шпекулира како сето тоа понатаму ќе се одигрува.
„Во моментот, постои Рубикон што Русија ќе мора да го премине. Или ќе најде начин да го оконча овој сегашен крвав судир и да живее во отвореното, глобално општество, или ќе биде турната, назад во минатото, без надеж за опоравување“ – рекол Баришников.
Затоа, според неговото мислење, секој познат Русин мода да направи избор, да се определи на која стана ќе застане.
Цената на уметноста
Меѓутоа, овој балетски играч кој кога се пресели на Западот, почна да се појавува и во филмови и во телевизиски серии, како актер, смета дека е индивидуална одлуката на секој уметник дали при правењето на изборот – јавно ќе зборува, или не.
Баришников верува дека изведувачите и уметниците не би требало да ја платат цената на војната во Украина, па затоа е и против тоа санкции да се воведуваат и за неговите колеги од театарските сцени и воопшто од светот на уметноста и културата.
Поводот за ваквата негова реакција е одлуката на низа сцени и на оперски куќи од Европа и од САД, рускиот диригент од светски глас Валериј Гергиев, како оперскиот сопран Ана Нетребко да се најдат меѓу оние кои ги загубија своите аранжмани на Западот, затоа што (и обајцата) се блиски до Путин.
Посебно тоа важи за Гергиев кој ги има поддржувано претходните воени операции во странство, па и нападот врз Украина од 2014 година, кога беше анектиран Крим и окупиран Донбас.
Против санкционирање уметници
Иако не ги споменува овие двајца уметници, Баришников е со став дека за некои луѓе на високи позиции од светот на културата и да се биде неутрален претставува моќен став.
Поранешниот балетан смета дека отворената размена во уметноста, секогаш е добра работа (како што беше и во советско време, кога тоа беше единствениот начин да се открие и да се покаже нивниот врвен квалитет во другиот дел од светот).
Михаил Баришников (75) е роден во Рига, во Латвија, кога Балтикот беше дел од Советскиот Сојуз, но својата врвна кариера ја има постигнато како ѕвезда на балетот „Киров“ од тогашен Ленинград. Градот сега се вика Санкт Петербург, а балетот – „Марински“. Баришников од 1974 година, живее на Западот, прво во Канада.
Сега кога работи само како кореограф, настојува да помогне за да се поправи гледањето на луѓето во светот за Русија, па затоа им се има приклучено на цела низа познати уметници и критичари на политиката на Путин, во кампањата наречена „Вистинска Русија“, преку која учествува и во прибирањето пари за украинските бегалци.