Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон ја споредува војната во Украина со Брегзит

Wlad_Mus/Depositphotos.com

Џонсон ја споредува војната во Украина со Брегзит

Британскиот премиер Борис Џонсон предизвика гневна реакција во Британија, но и во Европа, откако ја спореди борбата на Украинците против руската инвазија со гласањето на Британците (од пред безмалку шест години) за напуштање на ЕУ.

Во говор на партиската конференција на неговата Конзервативна партија, Џонсон рекол дека “и Британците, како и сега Украинците имале инстинкт за да се определат за слободата“ – спомнувајќи го гласањето за Европа и Брегзит, во јуни 2016 година, како пример за „слободарство“ на британските гласачи.

Притоа, лидерот на ториевците и актуелен премиер, уште рекол дека “не сака да верува дека мнозинското определување на луѓето за напуштање на ЕУ, не било поттикнато од непријателството кон странците“.

Гнев во Британија и Европа

Ваквата сегашна определба на Џонсон, меѓутоа, е сосема спротивна од онаа во времето кога тој, иако претходно еврофил, во текот на кампањата за референдумот, се претвори во жесток анти – европеец, евроскептик и противник на ЕУ.

Силно подржуван од десничарот и англиски националист Најџел Фараж, чија партија за британска независност (УКИП), што повеќе не постои, тој и сегашниот премиер, беа силни заговорници за затворање на Британија за Европејците кои доаѓаа да работат и да живеат во Обединетото кралство – како државјани на ЕУ.

Токму слободното влегување на државјаните од ЕУ на британската територија, беше поводот за референдумското изјаснување, а плашењето на гласачите со наводното „освојување“ на Британија од луѓето од Источна и Југоисточна Европа, придонесе најмногу за победата на брегзитерите.

А, тоа сега ја има разгневено британската јавност, кога како премиер Џонсон прави споредба со војната во Украина, врз која е извршена инвазија од една нуклеарна сила, во која секој ден гинат цивили и на која и се заканува опасноста да биде целосно територијално распарчена.

„Навреда за Украинците“

Британската реакција тргнува од тоа дека Брегзит беше изгласан со тесен резултат и тоа само со гласовите на Англичаните, затоа што Шкотланѓаните и Северноирците беа против, како и тоа дека Украина не само што не се спротивставува на ЕУ, туку бара, по забрзана процедура да биде примена во Унијата.

Доналд Туск, поранешен полски премиер и во време на Брегзит, затоа, вели дека изјавата на Џонсон е „бесмислена и навредлива – за Украинците“.

Со остра критика се огласи и ториевскиот лорд Барвел, член на Горниот дом на Парламентот, кој има речено дека референдумското изјаснување не може да се споредува со она што сега и се случува на Украина, бидејќи Британците во 2016 година “не го ризикуваа животот поради гресија, ниту беа соочени со војна“.

Лидерот на британските либерал – демократи Ед Дејви, како и Туск, смета дека изјавата на премиерот на Британија ги навредува сите Украинци, додека поранешниот белгиски премиер и европски либерал Ги Верховстад кој беше вклучен во преговорите за Брегзит, споредбата направена од Џонсон ја оквалификува како „обична глупост“.

Опозицијата бара извинување

Британските опозициски лабуристи и пратеничката група на шкотската СНП партија бараат извинување и повлекување на изјавата, нарекувајќи ја „национална срамота“ за Британија.

Малку е, меѓутоа, веројатно дека Борис Џонсон, ќе им се извини на Украинците, бидејќи тоа не го направи ниту за изјавите давани во текот на кампањата за Брегзит, иако од него тоа го бараа и од Лондон, а и од Брисел.

Тогаш, на пример, се утврди дека се лажни бројките со кои оперираше во јавноста, за тоа колку пари дава Британија за ЕУ – секој ден – но тој не почувствува потреба да се извини.

Како што не се извини и тогаш кога ЕУ и европската јавност беа гневна откако во еден свој новински текст, концептот за обединета Европа, Џонсон го спореди со хитлеровите идеи за уредување нов европски поредок.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе