Каде е Роман Абрамович?
Рускиот олигарх Роман Абрамович имаше слободен влез во Британија и привилегија како малкумина други од транзициските милијардери на Русија кои се населуваа во Лондон, откако во 2003 година го купи за „мали пари“ (130 милиони фунти) ФК „Челси“. Особено, кога од овој некогаш просечен фудбалски клуб, за помалку од 20 години, направи европски и светски шампион.
Клубот сега се проценува на околу три милијарди фунти.
Во изминатите години олигархот, во еден мандат, беше и губернатор на Чукотската област, на далечниот руски исток. Тогаш важеше за човек на Владимир Путин, купи скапи имоти во Британија, се разведе од својата прва сопруга (оставајќи и 200 милиони фунти, со спогодбата за раскин на бракот).
И, беше обвинет пред лондонскиот (стопански) суд за измама со акции, од својот некогашен ментор и прв олигарх во пред путиновата ера – Борис Березовски.
Од Британија во Израел
Го доби тој спор и продолжи да живее далеку од очите на јавноста – никогаш не давајќи изјави, не појавувајќи се на јавни манифестации (за разлика од еден Евгениј Лебедев, на пример), постојано отфрлајќи ги уверувањата дека е “близок со Путин“. Како и другите и тој дозволата за траен престој и слободен влез на британска територија ја имаше „купено“ со парите вложени во економијата на Британија и со скапиот имот – преку т.н. шема на „златни пасоши“.
Никој и со ништо не го поврза Абрамович со рускиот претседател при руската инвазијата и краткотрајната војна со Грузија (2008) за Јужна Осетија, а никој не го повика на било каква одговорност, околу неговите врски со Путин и по украинските настани од 2014 година и анексијата на Крим и потикнатиот од Русија бунт во Источна Украина.
Дури во 2018 година, во Лондон за прв пат се покрена прашањето за руските олигарси во Британија и за тоа дали треба да се задржи шемата – пасоши за пари. Следната 2019 година, Абрамович не доби продолжување на дозволата за престој, па замина за Израел, каде стана израелски државјанин (како Евреин по потекло и купувајќи два хотели во Тел Авив).
Олигарх во бегство?
Сега има и португалски пасош (за уште полесен влез во ЕУ), но сега е како бегалец – под удар на санкциите од Британија и од Брисел – како и другите олигарси. Сите означени како блиски до Путин, откако рускиот претседател се нафрли врз Украина, со огромна војска – претходно замајувајќи ги Европа, САД и меѓународната јавност дека нема намера да изврши агресија.
Иако има два странски пасоши, не може да патува, па се поставува прашање – каде се наоѓа Абрамович. Имотот во Британија, вклучувајќи го и фудбалскиот клуб, се ставени под блокада и „замрзнати“, пред да можеше да ги продаде. Повеќе не може да влезе на британска територија, а ниту на територијата на ЕУ.
Неговата јахта, кусо време се најде во марината „Порто Монтенегро“ кај Тиват, но потоа отплови од Црна Гора, во непознат правец. Неговиот авион кој неколку денови беше на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, одлета во вторникот за Москва, каде сега се наоѓа.
Самиот Абрамович, пак, велат непрепознатлив, е виден последен пат на телавивскиот аеродром, но се тврди дека леталото заминало без него. Во секој случај, не се знае дали е, сепак, дома во Русија, или пак на некоја трета локација, каде не важат санкциите.
Меѓу Елцин и Путин
Мистеријата која изминатите недели се направи околу него во европските медиуми,одново го отвори прашањето за неговото богатство и за тоа како овој некогашен трговец со пластични детски играчки, на почетокот на руската пост – комунистичка транзиција, стана еден од најбогатите Руси и познат руски олигарх.
Лондонски Би – Би – Си , за прв пат, по толку години, овој пат направи специјална емисија за Роман Абрамович, прикажувајќи го неговиот пат до милијардер, како неморален и постојано на работ на нелегалното, но секогаш „покриван“ од политичарите – прво од Борис Елцин, а потоа и од Владимир Путин. И, во двата случаи со наместени тендери и конкурси и со измами.
Се смета дека во светот на високиот бизнис, сепак, го има внесено Березовски, човек од висока доверба кај претседателот Елцин, кој му има помогнато да ги поседува најважните и најголеми индустриски капацитети од тоа, пост – советско време . Вклучувајќи ја и авио – компанијата „Аерофлот“ и тогаш водечките руски ТВ станици и весници , што му овозможи на овој академски професор по математика на факултетот во Москва, да стане милијардер, првиот руски олигарх и во тоа време – најбогат Русин.
Купено па продадено на истата држава
Во 1995 година, Абрамович ја има купено нафтената компанија „Сибњефт“, од руската влада, на наместен конкурс. За 250 милиони долари.
Десет години подоцна, во 2005 година, Абрамович и ја продаде својата компанија на државата Русија, од која претходно ја купи, но за 13 милијарди долари. И, на тој начин стана милијардер и олигарх.
Тоа беше времето кога Владимир Путин направи „историски договор“, или попрецизно – кога се испазари со олигарскте и за големи пари ги откупуваше имотите кои беа во приватни раце, претворајќи ги во државни компании.
Березовски кој му има помогнато на Абрамович да влезе во нафтениот бизнис, а му помогна и на Путин, со своите медиуми, кои агитираа непознатиот поранешен агент на КГБ , да стане претседател на Русија, наместо Елцин, меѓутоа, практично, остана без ништо.
Мораше дури и да бега во странство, во Британија, од путиновите обвинувања за „даночни измами“, како и од заканите од (секако) нефер судење и затвор. Стана политички дисидент, само затоа што одби да го почитува „историскиот договор “ со новиот претседател Путин.
„Историски договор“ со олигарсите
Според тој договор, новиот шеф на државата, се согласи набрзина збогатените олигарси, кои го приграбија руското природно богатство , да можат да го задржат она што го поседуваат, без разлика како го имаат стекнато. Имаше само еден услов – да му бидат лојални и да не влегуваат во политиката.
Березовски кој ( со право) сметаше дека има заслуга што Путин е во Кремљ , велат, прво има побарано да биде исклучен од „договорот“ , а кога барањето не му било исполнето- објави дека влегува во политиката- како опозиционер, Но, новиот човек во Кремљ не беше како Елцин, па за непослушноста веднаш беше казнет. Го загуби сето она што другите, вклучувајќи го и Абрамович, го задржаа и дури уште повеќе се збогатија. Едноставно, тие му останаа лојални на Путин.
Во 2012 година, Березовски не беше воопшто сиромашен емигрант во Лондон. Земајки го како соработник избеганиот разузнавач Александар Литвиненко, имаше нов, разгранет бизнис, но беше далеку од она што набрзина стана неговиот поранешен штитеник.
Тогаш има откриено дека Абрамович, неговиот поранешен партнер, го има измамено за делот што му го исплатил на Березовски по продажбата на „Сибњефт“, прикажувајќи помала вредност на акциите, наместо онаа вистинската, што му ја има исплатено руската влада.
Губернатор и дисидент и бегалец
Процесот се развлече, но на крајот, судот во Лондон не можеше да ја открие измамата, а Березовски да докаже дека Абрамович го излажал, па поранешниот олигарх не успеа да ги добие побаруваните 3,5 милијарди долари, за колку тврдеше дека бил измамен.
Би – Би – Си сега тврди, повикувајќи се на извори од денешна, путинова Русија, дека Абрамович, со Березовски заедно, во времето додека беа партнери, ја измамиле државата за 2,7 милијарди долари, при купувањето на „Сибњефт“. Наводно требало да се отвори истрага, за обајцата, но таа била запрена, а обвинителот бил сменет и пензиониран – по налог на Борис Елцин.
Така или не, Роман Абрамович, од новиот руски преседател тогаш беше и награден со губернаторска функција. Борис Березовски остана како дисидент во бегалство, каде почина под мистериозни околности. Неговиот соработник Литвиненко, претходно, беше брутално убиен од оперативци на КГБ/ФСБ, среде Лондон, во ноември 2006 година, со радиоактивен изотоп Полониум 212.
Абрамович, меѓутоа, се до сегашните санкции, остана како еден од најбогатите руски олигарси.
(Д.Л.)