Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Зеленски: Не верувам дека Украина ќе биде во НАТО

Зеленски: Не верувам дека Украина ќе биде во НАТО

Дваесеттиот ден од почетокот на руската инвазија врз Украина и разурнувањата што руските трупи ги предизвикуваат во соседната земја, како некаква казнена експедиција, затоа што Украинците не сакаат да се предадат и да капитулираат, продолжи со натамошно бомбардирање на главниот град Киев, со уништување на Харков, со блокада на Мариупул, но и со запрено напредување кон Одеса.

Во ова лудило на руската армија и посебно на оние кои ја испратија да ја разурнуваат и да ја распарталуваат украинската територија, присвојувајќи од неа дел, по дел и цинично, да тврдат дека „Русија не ја нападнала Украина“, во Харков „настрада “ и – кај младите – популарното локално кафуле „Хемингвеј“. Целосно е уништено откако руските тенкови ја разурнаа зградата каде тоа беше сместено, како што претходно беа разурнати, или тешко оштетени низ други објекти во овој, втор по големина град во земјата.

Топло – студени преговори

Зашто кафулето „Хемингвеј“ беше проблем, нема објаснување од руската страна. Како што Москва повеќе ништо не ќе може разумно да објасни. Освен со веќе употребеното руско „оправдување“ дека таму (наводно) се криеле „нео – нацистите од групата Азов“ која војува против инвазионите трупи. Исто онака што беше „оправдувано“ и ракетирањето на породилиштето во Мариупул, при што од последиците на повредите почина една од бремените жени и нејзиното (предвреме) родено бебе.

Најновото од овој намачен град, што Русите сакаат да го приклучат кон Русија, па затоа ги казнуваат неговите граѓани за да го прекинат отпорот е дека руските војници навлегле во градската болница во овој источноукраински град, на брегот на Азовско Море, држејќи околу 400 лица како заложници – затоа што не им дозволуваат на лекарите и на пациентите да заминат.

Во истото ова време, некако, течат преговорите на украинската и руската делегација за прекин на непријателствата и војувањето – според принципот – топло, студено. Преговорите продолжуваат, иако украинската страна, по последната рунда има речено дека тие „се тешки и подмолни, затоа што се фундаментално контрадикторни, но дека и такви какви се, остават простор за компромис“.

Откажување од НАТО?

Прашањето е, меѓутоа, каков тој треба да биде и како ќе изгледа компромисот – за да се постигне прекин на огнот – а, потоа и за да се остави Украина да живее, онака како што сака, без диктатот на Москва, доколку е тоа можно. Во секој случај, од она што ќе остане од Украина и од нејзината територија.

Претседателот Володмир Зеленски, во меѓувреме, во своите бројни настапи на социјалните мрежи и обраќањата до домашната и меѓународната јавност, повремено навестува какви се определбите за понатаму. Во вторникот, за прв пат, тој навести дека Киев би можел да се откаже од својата амбиција да биде дел од НАТО, за сметка на мирот и руските гаранции за него, за прекинување на војната, разурнувањето и страдањето на луѓето.

Во оваа прилика Зеленски има речено дека “не верува оти неговата земја ќе влезе како членка на НАТО, иако ваквата изјава е дадена во веќе познатиот негов стил да ги прекорува Западот, ЕУ и сега Алијансата. „Со години слушаме дека вратите на Алијансата се отворени, но нам, во Украина, ни е јасно дека ние нема влеземе“ – има речено Зеленски.

Потрага по компромис

Ваквата негова изјава доаѓа некако во исто време кога Владимир Путин, во текот на разговорот со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел (одново) го има критикувано официјален Киев, дека “не покажува доволно посветеност за изнаоѓање компромис“.

Што ќе рече – ги обвинува како да не сакаат порано до него да се дојде и порано и побрзо да завршат воените судирања, критикувајќи ја и европската политичка јавност што не го осудила и „нападот на Украинците врз Донбас“.

Сето тоа, покажува дека веројатно Киев и Москва одржуваат преговори и на друго ниво, со посредник, во кои, по Емануел Макрон и Олаф Шолц, сега се има вклучено и Мишел. Но, и дека во исто време, за јавноста двете страни остануваат на своите позиции.

Москва и натаму тврдоглаво се обидува да го увери светот дека таа “не војува“, туку дека станува збор за (наводна) специјална воена операција за одбрана на Републиката Донбас“. Не можејќи и не сакајќи да објасни – зашто за таа „операција“ треба да се уништува целата земја. Од украинска страна, пак, дека нема да има капитулација, иако полека, како да се навестува дека Киев е спремен да се откаже од членството во НАТО. А, тоа беше (и се уште е) главното руско барање.

Закана од судир на Западот со Русија

Како и да е, Зеленски продолжува да делува како да е незадоволен од однесувањето на неговите сојузници – Западот, ЕУ и НАТО – иако токму помошта и поддршката што ја има и што ја добива, ја одржуваат земјата во борбена и секаква друга кондиција.

Украина не е членка на Алијансата, за да НАТО може да ја брани.

Секоја таква интервенција, во сегашните услови, би предизвикало директен конфликт со Русија, а тоа значи европска, или и светска војна – што никој не ја посакува. Зеленски бараше и авиони од НАТО, практично, руски МИГ – 29 што ги имаат земјите од Источна Европа, сега членки на Алијансата, кои украинските воени пилоти би ги користеле во одбраната на украинското небо. Во исто време и натаму бара да се прогласи воздушниот простор над Украина за зона на забранети летови.

Меѓутоа, и двете негови барања значат закана од директна конфронтација на Западот со Русија.

Тоа не само што не се посакува, туку таквата помош на Украина никој и ја нема ветено, уште додека Русите трупаа војска, наводно, за да вежбаат. Она што на Киев му беше ветено се само воена помош, финансиска поддршка и жестоки санкции кон Русија, ако се нафрли на украинската територија. Тоа ветување се исполнува.

Без ветување за НАТО и ЕУ

Не беше ветувано ниту членство во ЕУ, преку ред и по забрзана постапка, откако на брзина Зеленски потпиша формално барање.

Тоа, исто така, требаше да значи и вовлекување на Унијата во воениот судир, според една од клаузулите кои ги содржи членството во ЕУ. Како што не е точно она што го тврди руската пропаганда, со помош на своите тајни служби и со русофилската мрежа – посебно активна на Западен Балкан – дека Западот, а пред се САД и НАТО ја имаат натерано Украина да завојува со Русија, а потоа ја имаат оставено на цедило.

Зеленски и Украинците порачуваа уште од почетокот на тензиите што ги наметнаа Москва и Кремљ дека ако бидат нападнати – ќе ја бранат Украина, а како земја чии делови – Крим и Донбас – беа запоседнати од Русија уште од 2014 година, тие имаа и имаат морално право да сакаат да ги ослободат окупираните територии.

Џо Бајден во Европа

Особено откако стана јасно дека Путин и Кремљ зборуваа за „лојалност кон двете спогодби од Минск“, а практично дејствувајќи против тоа тие да стапат во дејство. Во таа игра се вклучи и Киев – како претходниот претседател Петро Порошенко, така и Зеленски – настојувајќи прво руската страна да го исполни своето, што Москва сега го користи како изговор за агресијата.

Затоа, сигурно е дека Киев и Украина, во никој случај, не се оставени сами – на милост и немилост на руската агресија.

Тројца премиери од ЕУ (на Полска, Чешка и Словенија) допатуваа во Киев во ризична и небезбедна мисија, со поддршка за украинската борба. Американскиот претседател Џо Бајден, идната недела, ќе допатува во Европа, за поддршка на Европејците во нивната одбрана од руската закана, како и за средба со лидерите на НАТО.

Контра санкции

Во исто време – Конгресот на САД – со согласност и на демократите и на републиканците – го одобри планот на претседателот за рекордна финансиска помош за Украина од 13,4 милијарди долари.

Русија и Путин, меѓутоа, продолжуваат со злосторствата што ги извршуваат во Украина, која ја нападнаа без никаков повод, освен за да ја покорат. Сега не знаат како да излезат од војната во која самите се вовлекоа.

Зеленски ги повикуваа руските војници да престанат да се борат, ветувајќи им дека ништо нема да им се случи.

Кремљ, пак, се храбри себе си на тој начин што на санкциите возвраќа со свои санкции – на Бајден и на државниот секретар Блинкен и на низа луѓе од администрацијата, па дури и на Хилари Клинтон која девет години е во пензија – им е забранет влезот во Русија. МНР на Сергеј Лавров признава – мерката е само реванш за тоа што тој и Путин не можат во САД.

Многу поважно од ваквото однесување на Путин и на Лавров и од барањето како да се излезе непоразен од војната, сепак, е она што Зеленски го има речено во средата – „Руските позиции во преговорите, сега изгледаат многу пореално“.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе