Четирите македонски предизвици
Македонија многу наликува како во народната песна – „Од сите страни Ѓорѓи сардисан“.
Во услови на долготрајната пандемија, светската енергетска криза и ценовните шокови, домашните економски состојби, колебливоста и непринципиелоста на ЕУ, ветото на Бугарија, воената агресија на Русија врз независноста и територијалниот интегритет на Украина, постојаните внатрешни состојби на поделби и препукувања. Тие, според заканите од опозицијата се очекува да се радикализираат за да дојде до смена на власта. Но, сите заедно се закануваат земјата да ја втурнат во политичко – институционен хаос.
Тоа може да предизвика институционален колапс, со што при малку подолга временска релација на нестабилност, може да биде доведен во прашање нејзиниот опстанок во сегашната уставно – правна и територијална форма.
Околу и во Северна Македонија се одвиваат четири големи и значајни процеси кои имаат свои внатрешни паралели, при што едната паралела е позитивна за земјата, а другата негативна.
Надворешни и внатрешни процеси
Едниот процес се одвива во Европската Унија, во врска со нашиот евроинтеграциски статус. Другиот го создаде и диктира Бугарија со ветото за почеток на преговорите со ЕУ, истакнувајќи налудничави, историско – идентитетски барања.
Третиот е нападот на Русија врз украинската држава и нација, а поврзаноста со нашата земја е во идентичноста на мотивите и наводните аргументи за воената агресија. Четвртиот процес е само наш и се „крчка“ внатре во земјата, според познатите рецепти на македонската политичка кујна.
Постои уште еден процес кој не е толку видлив, но е многу силен, константен и кој е само позитивен – тоа е чистата, целосна и со ништо неусловена (надвор од формалните критериуми) поддршка од САД на евроинтеграцијата на нашата земја, како што беше и околу влезот во НАТО.
Единствена добитна комбинација за земјата, би била да се поклопат четирите позитивни паралели од процесите. Иако тоа на прв поглед изгледа речиси невозможно, сепак во оваа прилика, поради актуелниот сплет на околности, шансите се изгледни. Се разбира, само ако од сите релевантни фактори (домашни и странски) во овие процеси се постапува посветено, внимателно, без подметнувања, реално и со прифатливи компромиси. Било која друга комбинација ќе донесе многу неизвесност и опасности.
Непринципиелноста на ЕУ
Европската Унија и некои нејзини земји – членки во случајот со нашата земја покажаа непринципиелност и непочитување на своите принципи и ветувања. Поради новата методологија на Франција за земјите кандидатки да почнат преговори и покрај исполнетите услови, а потоа и поради ветото на Бугарија, во Северна Македонија во многу краток временски период и во услови на пандемија, беше предизвикана и владина криза.
Земјата се соочи со оставка на влада и со предвремени избори, а подоцна (по редовните локални избори) уследи и оставка на премиерот и формирање ново парламентарно мнозинство од истата коалиција. Тоа предизвика политичко – економски и институционални последици во земјата, драстичен пресврт во електоратот и пораз на владејачката партија на локалните избори, со постојани барања на опозицијата за предвремени избори.
Скептицизмот кон проширувањето, воопшто, и конкретно кон Западен Балкан, консензусот/едногласноста како принцип во одлучувањето и ветото како инструмент за заштита на интересите на Унијата и поединечно на земјите – членки, се политики и инструменти кои ја карактеризираат оваа голема групација.
Ветото на Бугарија
Се покажа, меѓутоа, дека овој принцип, покрај тоа што е демократски дострел и е во функција на почитување и усогласување на интересите на ЕУ и на поединечните земји – членки, во некои случаи може да ѝ ги врзе рацете и на Унијата како заедница (тука може и ние, од „соседството“ на ЕУ, да го употребиме терминот „заробена ЕУ“, како тие за нас).
Таков е сега случајот со ветото на Бугарија, кога ЕУ, дозволи обид за недозволив историски ревизионизам и вето со непостоечки критериуми (еднострано наметнат билатерален спор) за започнување преговори со земја – кандидат, што досега не се случило.
Се дозволи, една крајно националистичка и експанзионистичка политика кон соседна земја (наметната од националистички исфрустрирани политичари) да ѝ создаде, сега веќе многу неволји и на самата ЕУ. Но, најмногу на Македонија, при што колатерална штета, стана и Албанија. Тоа е негативната паралела од овој процес.
Позитивната е што и Европската комисија и земјите – членки полека почнаа да ја сфаќаат каква неправда и политичко – институционални и економски последици, па и внатрешни безбедносни ризици и нанесуваат на Северна Македонија. Поради тоа се добива впечаток дека постои единство во ставот и глобалниот гео – стратешки интерес да се најде решение и што поскоро да почнат преговорите – уште за време на претседавањето на Франција.
Особено, во сегашниот контекст на меѓународни околности, кога се поклопија интересите на сите најзначајни фактори во ЕУ, со позитивниот став на Франција и Макрон, Германија со новиот канцелар Шолц, Европската комисија и, секако, САД.
Експанзионистички соништа во Софија
Официјална Софија, иако стана членка на ЕУ и НАТО, некои историчари, партии, високи функционери и мнозинството од јавното мислење, остана со националистичкиот и експанзионистички, романтичен сон за Македонија.
Поради тој сон, во минатиот век, Бугарија и како земја и како политика, во пресвртните настани за континентот беше на погрешната страна на историјата.
Но, за жал, и во длабоко навлезениот 21 век, кога сите се посветени на сегашноста и свртени кон иднината, поголемиот дел од политичко – функционерско – интелектуалниот естаблишмент на оваа држава се занимава со минатото и историјата, оспорувајќи го правото на самоопределување, на постоењето на македонската држава, народ, јазик и други елементи на идентитетот.
Корените на оваа негативна паралела водат кон вистинската цел – која во својата основа е експанзионистичка. А, тоа значи да се запре Северна Македонија во своите евроинтеграции, што во суштина значи да се изолира и да се остави, самата да се дели и подјадува однатре – меѓупартиски, меѓунационално, меѓуконфесионално. Истовремено, економски да се исцрпува.
Всушност, поради блокираниот пат во евроинтеграциите – да почнат внатрешни конфликти, што во такви услови би ги засилиле апетитите на соседите. И каква, само навидум случајна коинциденција – играјќи на картата на заедничка историја, а истакнувајќи го ставот дека Македонија е вештачка творба на Тито и Коминтерната, бугарските националисти, кои и сега се дел од власта, играат на тактиката на Путин. Наводно, Ленин ги измислил Украина и украинската нација. Тоа е уште една неповолна паралела.
Руската инвазија врз Украина
И овој процес, сепак, има позитивна паралела што ја навестува новиот бугарски премиер.
Тој почна со нов пристап кон проблемите, со поголемо свртување кон сегашноста и иднината, наместо кон минатото. Останува надежта дека ќе смогне сили и ќе добие поддршка од пошироката бугарска јавност и од меѓународниот фактор да опстои во своите намери и да го деблокира процесот на почеток на преговори на Македонија со ЕУ со разумен и европски пристап и компромис, без задирање во идентитетскиот код на народот.
Македонскиот шеф на државата, од своја страна, е со став дека кризата во Украина ја потенцира стратешката улога на Бугарија во овој воен конфликт, што би значело дека врз неа не би се вршел посебен притисок да ја деблокира Македонија околу почетокот на преговорите со ЕУ.
Исто така, се слушна и една недоречена изјава на шефот на мисијата на ЕУ во Скопје – ние и Албанија итно да бидеме ставени на побрзиот колосек кон евроинтеграцискиот процес. Затоа што, ги исполнуваме условите кои беа барани, а постои и одлука за старт на преговорите, за разлика од сите други земји кои сега поднесуваат барања за итен прием.
Изјавата останува „да виси во воздухот“, но во тоа меѓувреме, се создаде нов момент – ЕУ, конечно, се сплоти околу единствен став за руската инвазија на Украина и за мерките кон агресорот.
Дестабилизација на Балканот?
Безбедносно – политички анализи, меѓутоа, покажуваат дека Русија би можела да се обиде, за свртување на вниманието на светот од и како олеснување на својата положба, преку своите инсталации за да го дестабилизира Западен Балкан. Како потенцијални дестинации, се посочуваат БиХ, Косово и Црна Гора, но, извесно е дека тоа би можело да и се случи и на Северна Македонија.
Како што своевремено, тоа сакаше да го направи хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, за време на војната во БиХ и во Хрватска, со намерата да се отвори некаков „јужен фронт“, со поддршка од нему блиската партија ВМРО – ДПМНЕ, што, сепак, не му успеа.
Веројатно, ваквите „мрачни сценарија“ ќе ги вразумат земјите од ЕУ да ја сфатат сериозно ситуацијата и опасноста за регионот и за Северна Македонија (секако не со воена агресија, туку со дејствија на разни странски служби и домашни инсталации со предизвикување внатрешна нестабилност и конфликти), за да извршат притисок врз Бугарија да се откаже од историските и идентитетските барања и за да брзо се постигне разумен компромис.
Загрижувачко е што негативната паралела од процесот кој се одвива внатре во земјата се базира врз внатрешните поделби кои постојат и сé повеќе се продлабочуваат.
Земјата е длабоко поделена по многу вертикали и хоризонтали, но најизразени се: партиските (СДСМ – ВМРО – ДПМНЕ со Левица, ДУИ – Алијанса на Албанците со Беса, внатренационалните (патриоти и предавници, и во македонскиот и во албанскиот кампус), социјалните. ..
Внатрешни делби и поделби
Последните четири – пет години, по падот од власт на националистичко – популистичката ВМРО – ДПМНЕ, со силното форсирање на политиката – „Едно општество за сите“ од страна на сега владејачката СДСМ и коалицијата, меѓунационалните и меѓуконфесионалните односи, кои порано беа исклучително лоши, сега се на одржливо и толерантно ниво.
Политичко – партискиот конфликт сега е околу власта и владеењето, а ескалираше по поразот на актуелната власт, на локалните избори. Тој, во основа значеше, казнување за неисполнетите надежи, но и одраз на внатрешните ривалитети, суети и опструкции, внатре во владејачката партија. Меѓу другото, се појави и друг сплет на чудни предизборни околности, од кои две се посебно индикативни.
Првата, извесен период пред изборите, необичното замолчување на многуте и амбициозни фракции во вмровските редови кои најавуваа сериозни намери за преземање на власта и тргање на актуелното раководство. Тоа се случи по средба на еден од (наводните) фракционери, со Груевски во Будимпешта.
По таа средба, дали поради некаков договор, должничко – доверителни односи, закани и ветувања, се потврди дека бегалецот – осуденик и азилант сé уште цврсто ги држи конците во партијата – таква каква што ја направи и ја остави пред бегството. Во ВМРО – ДПМНЕ веднаш – по команда – престанаа делбите, исклучените беа рехабилитирани, па некои дури и кандидирани за градоначалници.
Командите на лидерот – бегалец
Втората беше вбризгувањето многу пари со непознато потекло од странство, во изборниот процес, на што укажа при најавата на својата оставка поранешниот премиер и лидер на СДСМ (што никој, посебно медиумите, не се обиде да го истражи).
Тоа ја осили опозицијата која се обиде (користејќи ги локалните избори) да направи преврат – на ниво на државата – со ново мнозинство, а потоа и со брзи, предвремени избори да направи промена на власта. И, покрај тоа што 15 месеци пред тоа, во Македонија се одржаа парламентарни избори.
Уште повеќе – парламентарен пуч сакаше да прави партијата која во своите 11 години режимско владеење, буквално, ја зароби државата.
Преку политички организиранизираниот криминал, ја ограби и осиромаши, ги врати назад за една деценија демократските процеси и евроатлантиските интеграции, го проблематизираше националниот – словенски идентитет со некакви антички атрибути и целосно ја наруши меѓународната позиција на земјата.
Главниот идеолог и спроведувач на таа политика, откако беше правосилно осуден и за него се уште се водат многу судски процеси, кукавички избега од земјата, а неговите најверни извршители се или во затворите или се водат процеси во судовите за нивните антидржавни криминални дела.
Октроиран партиски предводник
Конечно, оваа партија, доби октроиран лидер, која не се реформираше – ни програмски, ни кадровски. Партијата не им се извини на граѓаните за злоделата што ги направи во годините на автократското владеење на нивниот поранешен лидер. Наместо тоа, сега, преку своето дејствување, прави услови за форсирана смена на власта.
На времето, автократот Груевски го промовираше двојството на интереси, или поточно дволичноста, што сега се практикува од неговиот „чувар на престолот“, преку доктрината – „она што е од интерес на државата, не секогаш е од интерес на партијата“, и обратно.
Сегашниот лидер на ВМРО спроведува слична тактика – „што полошо (во државата), толку подобро (за партијата во опозиција). Уште една не случајна сличност на дејствувањето на Груевски и наследникот, како самонаречени народни трибуни.
И, како што тоа обично прави оваа партија, Мицкоски сега најавува протести и создавање конфликтни ситуации, но пред се, правење опструкција на институциите
Опозицијата како – пета колона
Пред се, со блокирање на Собранието и на општините, со популистички и енормни и нереални барања за некаков огромен проценти за зголемување на платите, пензиите, субвенциите, потоа, за укинување на акцизите и слични измислени небулози, кои се буџетско неизводливи, затоа што би ја одвеле државата во колапс.
Поради таквата политика и таквиот однос кон државата и нејзините интереси – и тоа во едно вакво време во Европа -, во Парламентот со месеци стојат блокирани закони кои се од примарен интерес на граѓаните и на стопанството.
Само поради опструкциите на опозициските ВМРО – ДПМНЕ и нејзините сојузници Левица и Алијанса на Албанците., па излегува дека опозицијата со својата политики се однесува како еден вид – петта колона.
Позитивната паралела во македонскиот контекст е посветеноста на актуелната влада на реформските процеси и разрешувањето на спорот со Бугарија (без отстапки од идентитетски карактер) – разумното водење на тековната економска, социјална, здравствена, безбедносна и надворешна политика, иако сето тоа се одвива во екстремно тешки околности.
Од пандемија и енергетската криза, се до силните опструкции од опозицијата и нејзиното папагалско повторување за предвремени избори.
Манчо Митевски
(Авторот е новинар и публицист)