Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Ер Србија“ профитира од војната во Украина?

Boarding2Now/Depositphotos.com

„Ер Србија“ профитира од војната во Украина?

Висок функционер на украинското министерство за надворешни работи ја обвини српската авионска компанија „Ер Србија“ дека прави екстра профит од војната во Украина и на санкциите кои ЕУ, САД и Европа и ги наметнаа на Русија, поради инвазијата.

Според Емине Џепар, српскиот авио превозник ги има двојно зголемено своите летови за Москва, во време додека сите други европски авионски превозници имаат воведено санкции и кога небото над ЕУ е затворено за сите авиони од Русија.

„Србија е единствена во Европа со авионско небо отворено за Русија. Правење пари на крвта на украинската крв е недостојно за една земја – кандидат за влез во ЕУ“ – има речено заменичката министер за надворешни работи на Украина Џепар.

„Преку Србија во Европа“

Реакцијата на владата во Киев доаѓа непосредно откако лондонскиот весник „Гардијан“ објави дека богатите Руси ја користат Србија, за да преку нејзината територија, на „мала врата“ влезат во Европа и ги заобиколат забранетите летови кон и од Русија, што инаку важат за целата Европска Унија.

Весникот потсетува дека Србија одби да воведе санкции кон Русија, но српската државна авио – компанија слободно да го минува воздушниот простор на ЕУ. Излегува дека српската компанија се има претворено во „единствениот отворен, воздушен коридор што остана отворен за Русија и за Русите“ – констатира овој весник.

Компанијата „Форвардкис“ (ForwardKeys) која ги анализира податоците за сите патувања, има сознанија дека капацитетот на летовите меѓу Русија и Република Србија – само во првата недела од март се зголемени за повеќе од 50 отсто, во споредба со последната недела (во февруари) пред руската армија да изврши инвазија врз Украина и да почне брутална војна за покорување на Украинците. Уште повеќе, од Белград се најавуваат дополнителни летови и натамошно зголемување на капацитетите.

Доброволци за Русија?

Британски „Гардијан“ пишува дека Русите кои доаѓаат од Москва во српскиот главен град, продолжуваат понатаму, главно, во Кипар, Швајцарија, Франција и Италија, но дека се префрлаат и во Британија и Германија, како и во Словенија, Австрија и Шпанија.

Поранешниот естонски шеф на дипломатијата Урмас Пет кој сега е европратеник, побара да се затвори воздушниот простор на ЕУ за авионите на „Ер Србија“ затоа што, како што има речено, овој авио превозник ги игнорира санкциите против Русија.

Во меѓувреме, дел од европските, но и некои домашни медиуми, ја пренесоа информацијата на Генерал – штабот на украинската војска за тоа дека државјани на Република Србија се пријавуваат, а некои веќе и војуваат заедно со руските војници, против одбранбените сили на Украина.

Белград демантира

Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ, меѓутоа, го демантираше ваквото тврдење, нарекувајќи го „опасна дезинформација“, барајќи притоа, украинскиот Генералштаб да ја повлече. Според овој српски министер, секое учество на државјани на оваа земја во вооружени сили на странска земја, или во војна во странство, е кривично дело.

Претходно и српскиот претседател се огласи со слична изјава, тврдејќи дека „најстрого ќе се казнува секој од Србија кој ќе замине во Украина за да се војува – без разлика на чија страна ќе се пријави “.

Во текот на сепаратистичкиот бунт во Источна Украина, што во пролета 2014 година го поттикна Русија, а кој заврши со отцепување на украинските области Луганск и Донецк, што Москва сега ги признава за „независни држави“ – учествуваа и поголем број српски државјани, како и Срби од српската енклава Република Српска во БиХ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе