Окупација на Украина во три потези
Русија на Владимир Путин го направи она што од порано се очекуваше да го направи. Откако го окупира, па го анектира Крим, пред безмалку осум години, а потоа го потикна бунтот на проруските сепаратисти во Источна Украина, рускиот претседател сега го доврши растурањето на државата – признавајќи ги двата отцепени украински региони за „независни држави„.
Во операција во три потези, Путин изврши окупација на таа територија, зголемувајќи ја притоа заканата дека тоа може да и се случи и на цела Украина, за која во своето обраќање до руската јавност, не се обиде да сокрие дека оваа соседна земја ја смета „само како дел од Русија“ и ништо повеќе од тоа.
Признавање на Донбас и сецесијата
Во добро познатиот некогаш советски и сега руски манир, тој прво ги сослуша (договорените) барања на сепаратистичките лидери од Луганск и од Донецк – да бидат и формално признаени од Москва како „независни држави“. По примената порака и барањето за „братска помош“, шефот на Руската федерација издаде декрет за признавање на овие два туѓи региони во „држави“ и веднаш по тоа, издаде налог за руската армија, која е насекаде околу Украина – да навлезе на украинската територија, што Путин со еден декрет, претходно, ја запоседна.
Наводно, руските војници во реонот на Донбас, ќе бидат таму за да го одржувале мирот. Но, нивното разместување во Источна Украина станува најопасната закана за владата во Киев и за украинските сили – затоа што доколку се обидат да ја вратат назад окупираната територија – веќе нема да се соочат со бунтовнички сили, туку директно со војската на Русија.
Според тоа, се покажа дека лажни беа сите изјави и пораки на Москва дека сака мирна разврска на кризата, дека и дава време на дипломатијата, за да најде излез од најопасната криза во Европа по крајот на Студената војна, како и уверувањата и од самиот Путин дека сега е потребно да се почне со деескалација.
Особено, по онаа парада со снимките, кој знае кога направени, за божемното повлекување на руските војници од украинската граница, направено за пропагандни цели и за замајување на наивните русофили.
Разделени 750 илјади руски пасоши
Во право беа сите западни анализи и експертизи на познавачите на однесувањето на Путин кои сугерираа дека не треба да му се верува, дека нема никакво повлекување, дека нема волја во Кремљ за деескалација, туку дека интензивно се подготвува за инвазија и за покорување на Украина.
Требаше веднаш да му се поверува на рускиот весник „Правда“ кој објави пред десетина денови дека Москва ќе го анектира Донбас и ќе ја заврши приказната.
Не е сигурно дека „приказната“ ќе заврши со анексија, или без употреба на воена оружена сила, но рускиот претседател уште еднаш, (засега) без испукан куршум, одзеде уште еден дел од украинската земја, како што тоа го направи со Крим.
Не случајно, во Луганск и Донецк претходно се разделени 750 илјади руски пасоши, а претседателот на Думата (Парламентот) уште пред една недела зборуваше за потребата Москва да ги заштити „руските граѓани во овие два региона“.
Изговор од Кремљ за една ваква арогантната повреда на меѓународното право, на меѓународните договори и на повелбата на ОН – за неповредливост на границите – нема и веројатно нема ниту да се добие. На лидер кој доживотно ќе владее со Русија, тоа не му ниту потребно, затоа што откако на границата донесе 190 илјади свои војници, се трудеше да увери дека нема да има инвазија (?) но дека НАТО е наводно виновно за сегашната криза. Не тоа што осум години токму Русија работи за растурање на Украина.
Невозможни услови
„Вината“ е во Киев што сака да биде дел од Алијансата (што сега се покажува како безбедносна потреба), без разлика што Украинците немаат ниту побарано членство, а НАТО за тоа нема никогаш расправано. Сепак, руската страна почна од НАТО да бара невозможни услови за смирување на тензиите кои Путин, како искусен поранешен оперативец на КГБ, секако знаеше дека нема да му поминат во Брисел и во Вашингтон.
Знаејќи го тоа, а не сакајќи вистинска деескалација, Москва ја отфрли понудата на Западот да се разговара за европската безбедност низ процесот на разоружувањето. Не само за да се тргне оружјето од источноевропските земји, туку да се повлечат и руските ракети, насочени кон Западот. Или, да се отвори процес каков што имаше во годините на поделена Европа, на постоењето на Железна завеса, на времето на Истокот и Западот, кога Путин раководеше со советската тајна служба во Дрезден, во тогашна Источна Германија.
Стана јасно дека рускиот претседател, нудејќи дијалог и разговарајќи со лидери од Европа, само купува време, ги развлекува работите, настојувајќи во тој период да го подели западното единство (во НАТО и во ЕУ), да предизвика криза во односите на сојузниците со САД, а дека одлуката е донесена од поодамна.
Без „мали зелени човечиња“
Донецк и Луганск од поодамна бараат од Москва признание на своето отцепување. Уште од 2015 година кога беше направен договорот од Минск, што требаше да ја спречи сегашната ситуација. Односно, откако двата региони прогласија „народна република“, на што Русија никогаш не се спротивстави. Го остави тоа прашање отворено – за да го употреби тогаш кога ќе биде потребно.
Тоа време дојде сега, но окупирањето на Донбас се извршува многу погрубо, отколку на Крим.
Таму три денови, низ полуостровот се движеа „мали зелени човечиња“ во униформи без ознаки, додека стана јасно дека Крим е веќе освоен и ставен под руско знаме. Без закани и без омаловажување на Украина, како што тоа сега се прави, за да се оправда окупацијата на Донбас. Сега нема “неидентификувани човечиња“, туку станува збор за руска армија која влегува како „ослободителна“.
„Нема своја историја за да биде држава“
Онака како што тоа го има направено во молдавско Придњестровје уште во 1991 година, во Абхазија истата година, или во грузиска Јужна Осетија во 2008 година, кога Москва и двете провинции ги призна за независни држави. Досега, тие се признаени само уште од Сирија, Никарагва и Венецуела. Многу е веројатно дека тие држави ќе ги признаат и отцепените региони од Украина.
Во случајот на признавањето на Донбас, Владимир Путин користеше дури и за него, невообичаено остра реторика.
Прво, дека тоа требало да се направи порано и дека е оправдано. Потоа дека Украина е претворена во „американска колонија“ со која управува „режим од кукли“ и посебно, дека Украина „никогаш не била држава, па нема своја државност во историјата“.
Според рускиот претседател современа Украина е креација на Русија, дека „нема своја историја за да може да биде вистинска држава и нација“.
Но, во исто време, тој му се закани на Киев да „престане со бомбардирање“ на Донбас, затоа што ќе се соочи со последици. Закана што треба да потсети на тоа како помина Грузија пред 14 години, кога за малку руските трупи ќе навлезеа во главниот град Тбилиси.
Инвазија или пуч во Киев
Како и да е, впечаток на посматрачите во Москва е дека Путин, во својот настап со кој требаше пред Русите да им ја оправда својата одлука – да признае сецесија, а во исто време да зборува против тоа, во други делови од Европа и светот – се покажа како гневен човек, нетрпелив и заканувачки определен.
Излезе дека на сцена го извади својот вистински карактер и го истури сето она што 20 години, откако е на власт, го има чувано длабоко во себе.
Очигледно дека тој е опседнат со Украина и тоа веројатно потекнува од времето на „шарената револуција“ во Киев, во 2014 година, од протерувањето на неговиот украински човек (Виктор Јанукович), што го смета за свој најголем политички пораз. Од годината кога ја загуби Украина.
Затоа, останува дилема за сите – што и како понатаму. Заканата од инвазија врз украинската територија е поголема од било кога досега. Уште повеќе – треба да се очекува обид за пуч во Киев, за тргање на „режимот“ на Зеленски и за креирање нова власт по теркот на Русија и на Кремљ.
(С.С.Г.)