Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Џонсон пеел на телефон – “I will survive” (Ќе преживеам)

Ale_Mi/Depositphotos.com

Џонсон пеел на телефон – “I will survive” (Ќе преживеам)

Британскиот премиер Борис Џонсон му пеел на телефон на својот нов директор за комуникации Гато Хари, кога го известил дека го именувал на оваа важна функција во кабинетот на британскиот премиер.

Џонсон го пеел големиот диско – хит на Глорија Гејнор „I will survive” (Ќе преживем) – политички – покажувајќи ја својата позната ароганција, но и тоа дека не само што нема намера да поднесе оставка, туку и дека е убеден оти ќе може да остане на функцијата до крајот на мандатот, во 2024 година.

Песна и политика

Гато Хари кој во едно интервју за велшкото радио има откриено дека Џонсон низ песна со ваков наслов му ја соопштил својата одлука, не е непознат во британската јавност.

Тој е поранешен новинар на Би – Би – Си кој подоцна му стана портпарол на Џонсон кога овој беше градоначалник на Лондон. Велат дека блискоста меѓу нив двајцата потекнува од тогаш, особено што Гато има направено многу за градењето на ликот на Џонсон како успешен градоначалник на британскиот главен град. Пред одново да работи со Џонсон, Хари има работено во каналот „UK News”, но по еден инцидент бил суспендиран, а тој потоа си дал оставка.

Новиот директор за комуникации во Даунинг стрит 10, открил и дека користењето на хитот на Гејнор од седумдесеттите години на 20 век, предизвикал смеа кај обајцата, но дека потоа, со Џонсон имал долг, сериозен разговор за тоа како владата и премиерот да го вратат својот углед во домашната јавност.

Угледот е сериозно разнишан по скандалот „Партигејт“, во врска со организираните тајни забави и журки во резиденцијата на премиерот и во градината, во време кога Британија беше во карантин, а сите такви забави беа забранети.

Извинувања и оставки

Поради скандалот, за кој Џонсон на три пати јавно се извинуваше (еднаш и на британската кралица), дури четворица негови најблиски советници и соработници во кабинетот поднесоа оставки – во рок од само два часа.

Премиерот, веднаш потоа, набрзина има извршено и мала реконструкција во владиниот состав, што е вообичаена техника во британската политичка пракса, кога треба да се спасува „образот“ на премиерот.

Џонсон и натаму е изложен на притисокот за оставка, пред се од својата Конзервативна партија и неговите пратеници, како и од опозициските лабуристи. Особено откако една интерна парламентарна истрага заклучи дека во случајот со забавите и журките во невреме, Борис Џонсон ниту малку се нема поднесено како државник и лидер во услови на глобална пандемија.

Во дел од британската политичка јавност и случајот со пеењето преку телефон, се оценува како „невкусно“. Уште повеќе што доаѓа после една од ретките мисии на премиерот во странство, како што беше неговата посета на Украина. Гато Хари, пак, има речено – “Џонсон не е никаков кловн, туку човек со силен карактер“.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе