Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Израел: Полицијата тајно го користела „Пегасус“

hlalex/Depositphotos.com

Израел: Полицијата тајно го користела „Пегасус“

Израелската влада покрена истрага за тврдењата што се појавија во локалните медиуми дека и тамошната полиција го користела шпионскиот супер софтвер „Пегасус“ произведен во компанијата НСО – Груп во Израел – за да ги хакира мобилните телефони на низа израелски граѓани – без да има овластување.

Меѓу оние чии „мобилки“ биле хакирани има функционери – генералните директори на министерствата за транспорт, за финансии и за правда, потоа на новинари на низа интернет изданија (некои од нив блиски на поранешниот премиер) и на лидери на протести и на протестни движења, меѓу кои и она на Израелците по потекло од Етиопија.

Биле „ловени“ и телефоните на четворица градоначалници (од новосоздадените населби за Евреи – доселеници), па мобилниот на синот на Бенјамин Нетанијаху, на неколкумина од најпознатите домашни бизнисмени, како и на еден од сведоците во судењето на екс премиерот, обвинет за корупција, земање поткуп и злоупотреба на функцијата.

Супер шпионски софтвер

Компанијата која го има создадено „Пегасус“ и го продава и која и онака е остро критикувана за тоа што својот изум го има продавано и на земји и режими кои се недемократски и кои важат за авторитарни, се брани дека таа не е виновна за тоа што шпионскиот софтвер, земјите – купувачи го злоупотребувале за шпионирање на сопствените граѓани.

Од НСО – Груп објаснуваат дека софтверот е создаден за борба со тероризмот и терористите и за пресметка со организираниот криминал.

„Пегасус“ е оспособен да ги нападне и да ги „инфицира“ мобилните телефони, овозможувајќи му на операторот да ги лови сите пораки, фотосите и целата електронска порака, со можност и се активираат микрофонот и камерата.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет побара од државниот обвинител брза истрага, а со слична порака се огласи и претседателот на државата Исак Херцог.

Владата бара брза истрага

Се верува дека хакирањето и тајното прибирање на информации со помош на „Пегасус“ е правено во време на поранешниот комесар на израелската полиција, во периодот меѓу 2015 и 2018 година, кога Нетанијаху беше се уште на власт.

Екс премиерот ја искористи ситуацијата во која со супер изумот на една израелска компанија се шпионирале израелски граѓани, а тоа го правела израелската полиција, за да се нафрли врз полицијата и обвинителството кои и онака ги обвинува дека (наводно) му ги имаат „сместено“ сите обвинувања.

Во декември беше откриено дека Нетанијаху настојува да се испазари со државното обвинителство и со обвинителите во неговиот процес – да ја признае вината, за да не оди во затвор. Доколку се случи тоа, поранешниот премиер ке ја одбегне затворската келија, но сепак би останало она што сака да се одбегне – ќе мора да остане надвор од политиката – меѓу осум и десет години.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе