Извинувањата не му помагаат на Џонсон?
Британскиот премиер Борис Џонсон на два пати се извинуваше – еднаш до домашната јавност, а вториот пат до кралицата Елизабета – во настојувањето да ги смири незадоволните Британци, признавајќи ја притоа грешката, направена со изигрувањето на епидемиолошките мерки и локдаунот што го има воведено неговата влада.
Станува збор за откритието за организирање тајни журки, во службената резиденција на премиерот во Даунинг стрит 10 и во нејзината градина, во текот на пролета во 2020 година, во екот на големиот налет на коронавирусот на британските острови и на воведените строги мерки за одбрана од пандемијата.
Закана од партиски пуч
Овие откритија на медиумите предизвикаа аферата со журките да се означат како „Партигејт“, а самоуверениот Џонсон, кој се чувствува моќен и речиси недопирлив, затоа што има големо мнозинство во Долниот дом на Парламентот предизвикаа, наеднаш, да се најде на работ да биде тргнат од премиерската функција, откако пред тоа неговите ториевци ќе го тргнат од лидерската позиција во владејачката Конзервативна партија.
Со партиски пуч, како што тоа тој го направи, кога ја тргна од двете места неговата претходничка, Тереза Меј.
За елиминацијата на Меј се погрижи самиот Џонсон кој настојуваше по секоја цена да дојде до премиерската функција која ја има „меркано“ уште додека беше градоначалник на Лондон, во два мандати. Сега, барем јавно, нема некој кој се мести за неговата позиција, но затоа има мнозинство конзервативци – ториевци кои сметаат дека „Партигејт“ аферата и штети на партијата и значи забрзано губење на нејзината позиција кај гласачите.
Дури и нему блиските про – ториевски весници на неколкупати го имаат предупредено дека е време да го измени однесувањето и да се држи за ториевската политика.
„Или однесувај се и работи како ториевец, или оди си“ – напиша еден од „неговите“ лондонски таблоиди. И, тоа не е само позиција на весникот, туку на низа угледни конзервативци и членови на Парламентот.
Извинување до кралицата
Така, на пример, мисли досегашниот главен преговарач на Лондон со Брисел, околу т.н. северноирски протокол, кој поднесе оставка на почетокот од минатиот месец. Тој важи за влијателен во партијата и за еден од тврдите брегзитери.
Но, така мисли и лидерот на конзервативците во Шкотска (каде се подготвува нов референдум за независност) кој смета дека Џонсон треба веднаш да се повлече од двете функции, затоа што извинувањето не е доволно.
Проблемите за Борис, тргнаа кога се разбра дека во градината на Даунинг стрит 10 се собрале стотина луѓе – викнати со покани по имејл – во време кога „обичните луѓе“ можеа да се соберат (и тоа само дома) – до шест лица од едно семејство. Згора на тоа, на оваа журка се појавил и Џонсон со сопругата.
Кога изгледаше дека гневот на јавноста полека се смирува, се разбра дека имало журка во службената резиденција на премиерот додека кралицата го оплакуваше својот починат сопруг.
Тогаш, таа мораше сама да седи на еден помен во црква, почитувајќи ја забраната за собирање на британската влада. Фотографијата од тој момент, предизвика нов бран од револт против Борис, па уследи ново извинување – овој пат до британскиот суверен.
„Срамно однесување“
Медиумите разбраа дека, всушност, во Даунинг стрит 10 имало собирање и пијачка, така што секој си носел алкохол за себе, секој петок и дека сето тоа се правело зад грбот на британската јавност која трпеливо го издржуваше строгиот локдаун. Затоа, опозицијата ја искористи (наеднаш) создадената ситуација да се нафрли врз Џонсон, обвинувајќи го дека „лаже штом ја отвори устата“.
Според опозициските, лабуристи, премиерот „мора да си оди од функцијата“. Тие сметаат дека е „срамно однесувањето на еден британски премиер, да го испрати својот министер за здравство да им зборува на Британците да издржат со карантинот, а во градината на истата зграда, во исто време, да има журка“.
Во овој момент, партијата е поделена околу тоа што да се прави со нејзиниот лидер.
Некои од оние кои остро го осудуваат Џонсон за ваквото однесување и за толерирање на состојбата во неговото опкружување, ја повикуваат партиската група 1221 која се состанува во вакви кризни ситуации, за да се определи како понатаму.
Доколку таа би се состанала, Борис би можел да ја доживее судбината на Меј, или на Маргарет Тачер, пред многу години, која на врвот од моќта беше тргната со партиски пуч.
Сомнителни пари за обнова
Анкетите во јавноста повеќе не му се наклонети, па мнозинството верува дека извинувањата не помагаат, како и дека Џонсон нема да го дочека крајот на оваа година, како тори лидер и како премиер.
Уште повеќе што во грев не му се ставаат само тајните журки, туку и (засега) оставената „под тепих “ афера околу преуредувањето на приватните простории во резиденцијата во Даунинг стрит 10, со сомнителни пари.
Станува збор за преуредувањето што го побарала новата сопруга на Џонсон, на која не и се допаѓало како изгледа резиденцијата, обновена само пред 1,5 година, кога премиер беше Тереза Меј.
Проблемот е во тоа што (изгледа) дека парите за тоа (120 илјади фунти), се од донатор на партијата, а тоа значи прекршување на министерскиот кодекс, како и „политичка корупција“, што само по себе, е доволно за оставка – ако се потврдат ваквите обвинувања.
Единствени кои го бранат Џонсон се неговите министри во владата.
Се бара наследник за Борис
Министерката за надворешни работи Лиз Трас, на пример, изјави дека нема место за оставка на премиерот, затоа што зад Џонсон остануваат “успешно спроведениот Брегзит, успешната борба со пандемијата (!?) и тоа што и во овие услови, Британија има најбрзо растечка економија, меѓу земјите – членки на групата Г – 7“.
Голем број Британци, меѓутоа, не мислат така за ниту еден од „успесите“. Незадоволни се што напуштањето на ЕУ ни од далеку не го донесе она што Џонсон го ветуваше, ниту од пандемијата, која со сета силина се врати во земјата, а ниту од економијата.
Медиумите, во меѓувреме, лицитираат околу тоа кој би можел да го наследи Борис.
Прва на листата е токму министерката Трас (46), потоа министерот за финансии Риши Сунак (41), Британец од индиско потекло, како и актуелниот министер за здравство Сајед Џавид. Тој беше дел од првата влада на Џонсон, како министер за финансии, но брзо поднесе оставка. Важи за долгогодишен ториевец од пакистанско потекло и веќе беше претендент за лидерската функција, по соборувањето на Меј, но загуби од Џонсон.
(Д.Л.)