Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Заробен во Израел до крајот на 9999-та година!

lucidwaters/Depositphotos.com

Заробен во Израел до крајот на 9999-та година!

Австралиецот Ноам Хаперт кој живее во Израел, уште од 2013 година не смее да ја напушти земјата, затоа што нема платено алиментација на својата поранешна сопруга, инаку Израелка – ниту приватно, за било какво патување во странство, а ниту службено.

Вака има одлучено еден локален, израелски семејно – верски суд кој има определено дека Хаперт ќе мора да остане заробен во Израел се до крајот на 9999 година, или во следните, безмалку осум илјади години, или се додека не се согласи да и го плати долгот на екс сопругата и мајка на нивните две деца – од над три милиони австралиски долари.

„Вечно заробеништво“ за странци

Медиумите во Австралија кои се загрижени за судбината на својот државјанин, по разговорот што го имале со него, сега пишуваат дека тој и не е единствениот Австралијанец кој со судски налог е ставен во „вечно заробеништво“, како и дека ги има можеби неколку илјади, но дека во ваква ситуација се наоѓаат и други странци. Сите оженети за Израелка.

Драмата на овој човек почнала во 2011 година, кога сопругата се вратила од Австралија во Израел, заедно со нивните деца и побарала развод, но својот случај веднаш го пријавила кај еден семејно – верски суд кои имаат овластувања да ги обработуваат ваквите предмети, врзани за семејни прашања и за семејното право.

Кога екс сопругата пријавила дека таткото на децата, не сака да ја плаќа алиментацијата, судот веднаш ставил забрана за патување на Хаперт надвор од земјата.

Случајот на овој Австралиец предизвика интерес и кај лондонските медиуми, откако се разбра дека како „жртви на ваквото правосудство“ има и британски државјани. Претставник на амбасадата на Обединетото кралство во Израел изјавил дека секој месец на адресата на мисијата пристигнуваат по повеќе од 100 писма со барања за правна помош на луѓе со иста, или слична судбина.

Семејно – верски судови

Засега не се знае дали Хаперт, во меѓувреме, има платено дел од насобраниот долг, ниту пак, се знае дали ќе мора да ги плати сите три милиони, пред да може да излезе од државата во која е заробен. Медиумите, пак, открија дека станува збор за поширок проблем, па американскиот Стејт департмент ги предупредува своите државјани да бидат максимално внимателни.

Во отпечатеното предупредување се известуваат американските државјани за постоењето на израелските семејни и верски (религиозни) судови.

За нив се вели дека „активно и мошне доследно ги применуваат своите овластувања“, при практикување на одредбата – странец да не може да замине од Израел додека не си ги расчисти долговите, или некои други обврски кон израелски граѓани. Најчесто тоа се жени и прашања врзани за бракот, за алиментација, за старателство врз деца, или за нивно издржување.

А, што се однесува до годината која е определена за случајот на Ноам Хаперт, се смета дека 9999 година е избрана онака, од ракав – затоа што тоа е најголемиот можен датум што може да го дозволи дигиталниот систем.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе