Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Асанж оди на судење во САД?

Ale_Mi/Depositphotos.com

Асанж оди на судење во САД?

Поранешниот австралиски хакер, подоцна познат како основач на Викиликс, Џулијан Асанж може да биде екстрадиран во САД, за да му се суди за нелегалното објавување на илјадници доверливи и тајни документи на американската администрација, на неговата интернет страница – сите добиени на нелегален начин.

Вака пресуди лондонскиот Виш суд во второстепена постапка, откако претходно, основниот суд оцени дека префрлањето на Асанж во Америка би можело да предизвика „натамошно влошување на неговото ментално здравје“ – односно дека тој не може да се екстрадира, затоа што (наводно) е склон кон самоубиство. Судот побара гаранции од САД за третманот на осомничениот во американските затвори.

Вишиот суд во Лондон расправаше по жалбата на Американците на првостепената пресуда од јануари оваа година, откако САД во меѓувреме имаат дадено дополнителни, правни, гаранции врзани со третманот на Асанж. Со нив, се гарантира дека Америка ќе направи се за да се избегне ризикот од самоубиство.

Изменета судска одлука

Судиите во второстепената постапка утврдиле дека основниот суд сметал дека постои опасност Австралијанецот да биде затворен во затвор со висок степен на обезбедување, па затоа и се определил против екстрадиција – во такви услови.

Асанж, инаку, сега се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш, познат по својот висок степен на безбедност, издржувајќи ја казната за прекршување на законот за кауција и за условна слобода, затоа што побегна и се сокри во зградата на амбасадата на Еквадор во британскиот главен град.

Бегството се случи во јуни 2012 година, откако Врховниот суд на Велика Британија пресуди дека тој може да биде префрлен во Шведска – на сослушување за основното обвинување за кое го бараа тамошните правосудни власти – сексуален напад и силување на две свои колешки, соработнички на Викиликс во Стокхолм. Инцидентот, според обвинувањата на двете девојки, се случил во станот на Викликс во шведскиот главен град.

Како и да е, американските власти се жалеа на првостепената одлука, обезбедувајќи гаранции дека осомничениот нема да биде сместен во затвор со строг режим, освен ако во меѓувреме не направи ново кривично дело, за што е предвидено чување во затвор со таков режим.

Гаранции од САД

Во гаранциите од Америка има уверување дека нема да биде сместен во самица, пред судењето, а и потоа, ако биде осуден. Адвокатите на американската влада уште дале и гаранции дека Асанж би можел казната да ја издржува во Австралија, за да биде поблиску до дома, до своите родители.

Приказната околу овој човек и неговата одговорност – прво, за случајот во Шведска, а потоа и за обвинувањата од САД, што се провлекува повеќе од 11 години, сепак, се уште не може да се смета за затворена, ниту после пресудата на Вишиот суд. Затоа што се уште не се знае дали Асанж и неговите адвокати ќе може да се жалат, иако главниот судија има споменато дека основачот на Викиликс ќе се жали на пресудата.

Неговата адвокатка сега официјално се третира како свршеничка на Асанж, откако беше обелоденето дека додека тој  се криеше во зградата на еквадорската амбасада, тие двајцата станале љубовници, а од таа врска има две деца. Според неа,  сигурно  ќе биде вложена нова жалба.

Таа тврди дека пресудата на Вишиот суд со која се менува првостепената пресуда, претставува „голема повреда“ на правдата, прикажувајќи го својот свршеник како – „борец за слободата на медиумите“ и како новинар, иако тој тоа никогаш не бил.

Орудие на Москва

Неговата интернет страница замислена за да објавува – за пари – тајни информации и документи кои медиумите не може да ги објавуваат (поради тоа што се класифицирани и како документи кои не се за објавување),  веднаш се претвори во нечие орудие за пресметка со САД и нивната глобална политика, служејќи им на интересите, пред се, на Русија, а во поново време и на Кина, за нивната геостратешка борба за поголема доминација.

Последен пат, Русите го искористија Викиликс на Асанж во екот на кампањата за американските претседателски избори во 2016 година, кога недели пред гласањето, почна да објавува хакерски обезбедени информации со кои се дисквалификуваше штабот на Демократската партија на САД и пред се, нивниот кандидат, Хилари Клинтон.

Таа беше фаворит на изборите, но руското мешање на страната на Доналд Трамп, помогна тој да стане претседател, а Америка и светот да се соочат со неговата налудничава политика, од која единствена полза имаше само Москва. Таму сакаа токму таков претседател – новак кој ќе ја изолира САД, ќе предизвика бранување во самата Америка и ќе ја оддалечи од ЕУ и НАТО – и успеаја да го добијат.

„Новинарството“ на Викиликс

Од друга страна, видливо е дека никогаш досега Викиликс нема објавувано тајни документи од и за Русија, на пример, ниту пак за случаите како што се ликвидациите на низа дисиденти и критичари на Кремљ – последен е Алексеј Навални кој го преживеа нападот, но сега е во затвор.

За тој дел од „новинарството“ на Асанж, нема никаква реакција од бројните про – Викиликс и анти – американски движења низ Европа, најчесто финансирани од сомнителни и тајни донации.

Но, затоа, луѓето собрани околу оваа интернет страница продолжуваат да пишуваат на социјалните мрежи за  „злосторството“ на Англо – саксонците врз осомничениот и да зборуваат дека ако биде префрлен во САД, нема да преживее!?

Прво, се тврдеше дека ќе биде убиен во затвор, потоа дека ќе биде осуден на смрт, што подоцна се смени со доживотен затвор (или со казна од 175 години), а сега се зборува за неговата ментална состојба и за самоубиство.

Незавршена приказна

Во  ваквата атмосфера, неговата свршеничка, за еден лондонски таблоид – како најново – и токму деновиве откри дека Асанж, во затворот имал  „мал мозочен удар“ – како последица на „големиот стрес“ предизвикан од неизвесноста со расправите околу екстрадицијата.

Нема таква официјална потврда за ова тврдење.

Но, колку за потсетување – од една таква „стресна ситуација“ тој на почетокот на летото во 2012 година, ги прекрши британските закони, побегна во еквадорската амбасада и предизвика  меѓународен дипломатски инцидент. Тоа траеше се додека Еквадорците не разбраа за неговата љубовна врска, под нивна заштита, па му го откажаа гостопримството во својата дипломатска мисија и му го одзедоа еднаш доделениот политички азил.

А, шведските власти тогаш го бараа само за да го сослушаат, не за да му судат. Тој и неговите од Викиликс, меѓутоа, ја раширија приказната дека ако биде префрлен во Стокхолм –  веднаш ќе им бил предаден на Американците – не негирајќи ги притоа обвинувањата на неговите две шведски соработнички. И, дел од европската јавност тоа го прифати како -здраво, за готово.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе