Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Гилејн Максвел: живот меѓу измамник и педофил

Ghislaine Maxwell, Ghislaine Maxwell, CC BY-SA 4.0

Гилејн Максвел: живот меѓу измамник и педофил

Во судот во Њујорк во тек е судскиот процес против Гилејн Максвел (60), Британка која живее во Америка и жена со контроверзно минато и ист таков живот.

Обвинета е за подведување млади девојки и малолетнички, за американскиот милијардер Џефри Епстајн кој се самоуби во затвор додека го очекуваше своето судење. Во обвинителниот акт стои дека таа “дејствувала како партнер во криминалот“ на Епстајн, па според тоа, главниот обвинител ја смета за соучесник.

За Гилејн, медиумите во САД (и во Британија) велат дека е негова поранешна љубовница и партнерка.

Други, пак, ја опишуваат повеќе како придружничка за покажување (на Епстајн) во високото њујоршко општество во кое постојано се движат влијателни луѓе, како британскиот принц Ендрју, син на кралицата Елизабета, или поранешниот американски претседател Бил Клинтон, или доскорешниот претседател на САД и милијардер Доналд Трамп.

Виновник или жртва

Максвел, меѓутоа, уште од времето на апсењето, па преку притворот, во кој остана без право на кауција, до сега, кога е изведена на судење, категорично ги отфрла сите обвинувања. Таа демантира дека била вклучена во подведувањето на девојчиња од 14 годишна возраст, кои (според обвинувањето) биле ангажирани, наводно, како масерки за возрасна и богата господа, а всушност, биле сексуално злоупотребувани.

Засега, на нејзина страна е само братот кој изјавил за американските медиуми дека Гилејн е избрана да биде жртвувана пред домашната јавност која сака некој да биде казнет за педофилските злодела на Епстајн, откако американското правосудство не успеа нему да му суди.

Како и да е, нејзиното судење покрена широк интерес за Гилејн и за нејзиниот живот.

Повеќето од весниците, притоа, се согласуваат дека таа ги има поминато годините живеејќи меѓу двајца „милијардери – монструми“. Едниот, нејзиниот татко Роберт Максвел – измамник, а другиот, Џефри Епстајн – педофил. Или, што ќе рече – меѓу двајца мажи кои постојано биле на другата, криминална страна од животот.

Магнат и сомнителен богаташ

Таткото Максвел познат како британски медиумски магнат кој почина под мистериозни и се уште недоразјаснети околности, додека беше сам на својата јахта, вкотвена покрај брегот на шпанските Балеарски острови. За полицијата во Шпанија, станува збор за „несреќен случај“ – паднал од јахтата во морето и се удавил, но во таа верзија, изгледа, дека никој не верува.

Вториот, Епстајн, човек со многу пари, за кого се знае дека познавал многу луѓе и тоа оние на високи, или на влијателни позиции. Но, кој заврши неславно – како остарен педофил кој немаше храброст да се соочи со правдата и со судот, па се обеси во својата затворска ќелија. И за неговиот случај има бројни контроверзии и неверување во официјалната верзија за смртта, но во овие околности, како никој и да не води сметка за тоа – дали е навистина самоубиство.

Гилејн е родена во 1961 година, како најмалото од деветте деца на нејзините родители.

Израснала меѓу таткото Максвел кој од времето веднаш после Втората светска војна почнал да навлегува во водите на „матниот“ бизнис и мајката, за која ќерката има речено дека била „заборавена“ од неа, откако по тешката несреќа на синот – кого мајката го обожавала – целосно се има посветено на неговото лекување.

Така „заборавената“ ќерка од рани години почнува самата да се пробива.

Дружење во високите кругови

Учејќи за него од животот во раскошна куќа со 50 соби, во каква е израсната и движејќи се во неа меѓу луѓе постари од неа, од кругот во кои дејствувал нејзиниот татко – деловни и богати луѓе, политичари и уредници на весници. На тој начин, уште како многу млада, таа го има до перфекција научено „бизнисот“ за дружење во високите кругови на разни забави и за стакнување и градење пријателства и врски.

Роберт Максвел ќе остане запаметен по тоа што за да се спасува себе си и „империјата“ што ја има изградено, од разните сомнителни зделки и бизниси, ги украде парите од пензиските фондови на своите компании, оставјаќи на илјади луѓе без парите уплатувани за пензија, но и без пензиите.

Веднаш по Втората светска војна, тој почнува да гради врски со воената индустрија и со производителите на оружје. Како Евреин по потекло, за него се вели дека има помагано многу за вооружувањето на новата држава Израел (создадена во 1948 година) и за опремување на нејзината армија – по илегален пат, тогаш кога ретко кој сакал да се вклучи во тоа.

Подоцна, почнува да купува пропаднати, или весници пред пропаѓање, за да во времето на својата моќ стане сопственик на лондоонскиот „Дејли Мирор“ и на американскиот „Њујорк Дејли Њуз“ – изградувајќи медиумска империја.

„Мадам“ во високото општество?

Кога станува збор за ќерката Гилејн, сега додека тече судскиот процес – многумина се прашуваат – дали таа била „несвесен пион“ во мрежата со манипулации на (во почетокот љубовникот) Епстајн, или пак, навистина, како што тврди обвинителството во Њујорк, добро знаела што се случува. Дека знаела што, всушност, работи човекот со кого живеела и ги подржувала неговите сексуални настраности – градејќи педофилска „империја“ во која биле вовлечено многу влијателни луѓе.

Повеќето медиуми не веруваат во нејзината невиност, па не ретко таа се нарекува “мадам“ – газдарица, или раководотел на бордел.

Се потсетува дека уште веднаш по смрта на таткото, ќерката Максвел била често видена во друштво и секогаш седната покрај Џефри Епстајн, во Њујорк, на тамошните забави. Конечно, во случајот и со принцот Ендрју, жената која го обвинува за малолетнички секс, тврди дека се среќавала со него во станот на Гилејн во Лондон.

Самиот Епстајн, инаку, е поранешен учител. Малку се знае како навистина стекнал толкаво богатство, освен дека секогаш знаел да воспостави блиски контакти со богатиот свет. На почетокот тоа било познанството со екс генералниот директор на компанијата за женска долна облека „Victoria’s Secret”. Можеби од таму тргнала и настраноста.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе