Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кина ја казнува Литванија за Тајван

dbrnjhrj/Depositphotos.com

Кина ја казнува Литванија за Тајван

Кина одлучи да ја казни Литванија, намалувајќи го нивото на дипломатските односи со официјален Вилнус, затоа што оваа мала балтичка земја воспостави односи со Тајван, прва меѓу земјите членки на ЕУ.

Пекинг ги спушти односите на ниво на вршители на должноста, побара од литванскиот амбасадор веднаш да ја напушти Кина и демонстративно го повлече свој амбасадор од главниот град на Литванија. Кинеското министерство за надворешни, веднаш потоа, издаде соопштение во кое грубо побара од владата во Вилнус “веднаш да ја поправи сторената грешка“, односно да ги раскине сите односи со Тајван.

Пораки и закани

Според официјален Пекинг „грешката“ на Литванците е во тоа што му дозволија на Тајван да отвори своја канцеларија – претставништво во литванскиот главен град. Иако не станува збор за признавање на независноста на Тајван, ниту пак канцеларијата има дипломатски статус, за налутената Кина, фактички станува збор за тајванска амбасада.

Кинеското МНР уште ја предупредува Литванија дека „не би смеела да ја потценува силната одлучност, волјата и способноста на кинескиот народ да го брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет“.

Ваквите зборови и формулации, Пекинг, редовно, му ги испраќа на Тајпеј, од време на време, кога сака да им покаже на Тајванците да не сонуваат за независна држава, или за било какво меѓународно признавање на посебноста на островот.

Но ваквите „патриотски “соопштенија со силна доза на закана, се испраќаат и кон светот и меѓународната политичка јавност за да не ја охрабруваат власта во Тајпеј – својата голема економско – финансиска моќ да ја искористи и за менување на својот сегашен дипломатски статус.

САД ја признава НР Кина

Овој остров, некогаш познат и како Формоза е територија која не е меѓународно призната, не е членка на ОН, но која фактички постои и делува како демократија со сите атрибути на независна држава. Тајпеј целосни дипломатски односи има само со 15 земји од Карибите и од реонот на Пацификот, иако во еден период Тајван беше признаен како независна држава од над 30 земји.

Против овие држави и против сите што би сакале да имаат односи и со „другата“ Кина, Пекинг применува казнена доктрина – ги раскинува дипломатските односи со земјите кои ја прифаќаат независноста на Тајван и со властите во Тајпеј разменуваат дипломатски мисии.

После посетата на Хенри Кисинџер на Пекинг во раните седумдесетти години на 20 век, а посебно по престојот на тогашниот претседател на САД, Ричард Никсон во Кина и неговата средба со лидерот на комунистичка Кина, Мао Цетунг, Вашингтон ги раскина односите со Тајван. Тогаш ја призна НР Кина како единствена кинеска држава, која веднаш по тоа стана и членка на ОН и на Советот за безбедност – позиции кои дотогаш ги имаше власта во Тајпеј.

Америка и ЕУ се отвораат кон Тајван?

Од тогаш, Тајван е во дипломатска изолација која ја диктира Пекинг, но САД и светот, а пред се, големите и моќни економии од Западот, како и Јапонија, без разлика што немаат дипломатски односи со владата во Тајпеј, сепак, одржуваат разгранети трговски и други односи со оваа непризната држава.

Сега, Литванија најавува дека таа ќе отвори своја канцеларија претставништво во главниот тајвански град, што веројатно, уште повеќе ќе ги налути властите во Пекинг. Литванското МНР изрази жалење што Кина реагираше со казнување на нивната земја, со намалување на нивото на дипломатските односи. Притоа, во Вилнус велат дека тие ја почитуваат политиката на Кина кон Тајван, но дека како суверена земја имаат право да ги прошират своите врски со островот.

Кина и нејзината одлука да се казни Литванија треба да биде порака и до другите во ЕУ и во Европа, да не тргнат по тој пат. Особено што тоа доаѓа во време кога Унијата, за прв пат, се определи, иако подискретно од Американците, да ги следи САД во нивниот поинаков приод и однос кон Тајван – со одржување на поотворени врски, со посети на пониско ниво и со поинтензивна билатерална соработка.

Случајот со Македонија

Тоа не значи признавање на Тајван, но тоа треба да биде американска и европска порака до Пекинг на нивната агресивна експанзионистичка политика во Југоисточна Азија, во Пацификот, кон Австралија и навлегувањето во ЕУ, на „мала врата“ преку Западен Балкан. Купувајќи ја лојалноста на некои од локалните политичари, посебно оние подмитливите и деспотски определените, како поранешниот избеган вмровски премиер, или дури и како Унгарецот Виктор Орбан во самата ЕУ.

Потегот на Литванија, затоа, може да се гледа и како „вратка“ за мешањето на Кина во внатрешните работи на Унијата и посебно на земјите од Западен Балкан и уцените на Пекинг кон нив, со скапите државни кредити, насочени сега против политичари кои не сакаат да ги претворат своите земји во кинеска „провинција“, станувајќи трајно зависни од стратешките планови на Кина.

Така, или не, литванскиот случај потсетува на оној од времето на првата вмровска влада во Македонија, со Љупчо Георгиевски како премиер, но сепак, е сосема различен.

Тогаш, неочекувано, македонската влада го призна Тајван за независна држава и отвори своја амбасада во Тајпеј. На тоа Кина одговори со раскин на односите со Скопје и ја затвори својата амбасада во македонскиот главен град.

Судир стар 71 година

Потегот беше и политички и дипломатски штетен, затоа што Македонија водеше битка за своето меѓународно признавање и за својата афирмација како независна држава во светот. Со одлуката да го признае Тајван, Скопје ја изгуби соработката и поддршката на Кина во Советот за безбедност на ОН и во самата Светска организација, па излезе дека, практично, самата си „пукаше во коленото“.

Литванија, меѓутоа, нема такви проблеми – таа веќе е членка на ЕУ и на НАТО, па затоа и реакцијата на Пекинг кон Вилнус е поблага, што не значи дека така и ќе остане, ако нејзиниот пример го следат и некои други земји, кои на никаков начин не зависат од Кина и од нејзината политика.

НР Кина и Тајван се во судир уште од 1949 година, кога после победата на комунистите во граѓанската војна, силите на поразената националистичка армија и на политичарите кои војуваа против тоа Кина да стане комунистичка земја, побегнаа на островот, што е блиску до кинескиот брег. Заедно со својот лидер, генералот Чанг Кај Шек од тогаш почнаа да градат своја Кина.

Тајван, инаку, никогаш нема побарано од Пекинг да ја признае неговата независност.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе