Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Од Буенос Ајрес до Дарвин (Австралија) без слетување

Од Буенос Ајрес до Дарвин (Австралија) без слетување

Австралиската авионска компанија „Квантас“ го изведе својот, досега, најдолг лет што траеше 17 часа и 25 минути – без ниту едно попатно слетување.

Авионот „Боинг 787/9 – Дримлајнер“ полетал од аргентинскиот главен град Буенос Ајрес со 107 патници, во најголем број Австралијанци, кои се враќале дома после долгото отсуство и престојот во странство и неможноста да се вратат во Австралија, за да после изминати 15.020 км, слета на аеродромот во градот Дарвин, на северот од оваа земја – континент.

Во текот на целиот лет, патувањето постојано се одвивало дење, поради различните временски зони што ги минувал авионот, преминувајќи од западната во источната полутопка на Земјата. Патниците, притоа, можеле да уживаат, прво во глетките од над Атлантикот, покрај брегот на Аргентина и на југот на Јужна Америка, па потоа во спектакуларното летање над Антарктикот и на крајот, во надлетувањето на Пацификот, од неговиот краен југ, кон северот на Австралија.

Лет со четворица пилоти

Во историскиот, рекорден лет на „Квантас“ учествувале четворица пилоти кои наизменично го управувале леталото, менувајќи се на капетанското место, како и кабинска посада од 17 стјуардеси и стјуарди кои, исто така, се менувале во опслужувањето на патниците.

Во информацијата која ја пренесуваат сите австралиски медиуми, не се зборува за тоа како патниците успеале да издржат во своите седишта и во авионската кабина, летајќи безмалку 17,5 часови без авионот да слета на некој аеродром, како што тоа, инаку, е вообичаено на летовите кон и од Австралија.

За патниците само се знае дека биле дел од владината програма за постепена репатријација на Австралијанците кои долго време беа заглавени во разни земји и локации по светот, поради глобалната пандемија со коронавирусот.

Репатријација на Австралијанците

Овие луѓе – патници на историскиот лет од Буенос Ајрес – се нашле во Аргентина кога избувна епидемијата и останале досега таму поради разните карантини и локдауни во таа јужноамериканска земја, но и во Австралија, која после 18 месеци, најавува од ноември дека ќе почне да се отвора по долгата самоизолација.

Свој рекорд има забележано и аеродромот во Дарвин, затоа што тој е единствениот во Австралија, што има примено авиони кои долетале од сите континенти – без претходно слетување. Таков рекорд имаат само шест аеродроми во светот.

„Квантас” го држеше и досегашниот рекорд во авионски, комерцијален лет, без ниту едно слетување. Станува збор за летот од Лондон до Перт, во западна Австралија. Овој лет е покус за 522 км. Компанијата одлучи тој да стане редовен лет, но сега е 18 месеци во прекин – поради пандемијата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе