“Despacito” преслушана безмалку осум милијарди пати!
Големиот латино – хит „Despacito” на Луис Фонзи и Деди Јенки, што прв пат се појави во 2017 година, брзо ќе достигне рекорд каков, велат, досега немало – ќе биде прегледана – преслушана на интернет, на Јутјуб, осум милијарди пати!
Станува збор за бројка која е безмалку еднаква на вкупниот број на населението кое живее на Планета. Некои проценки дури одат до таму дека песната би можела и да го надмине овој број, затоа што се претпоставува дека вкупното население на Земјата изнесува над 7,9 милијарди луѓе.
Песната за четири години од нејзиното прво изведување и ставање на Јутјуб, е отворена и слушана 7,6 милијарди пати.
Кога „Despacito” се појави, песната, веднаш и со голема брзина „освои“ огромен број луѓе и од различни возрасти. Уште во текот на 2017 и следната 2018 година, стана вистински планетарен хит, кој без престанок се вртеше на бројните радио станици низ целиот свет, а направениот телевизиски спот можеше да се види на разните музички тв канали.
Но, иако се мислеше дека популарноста полека ќе се намалува, песната остана и натаму – и слушана и популарна – и во следните години. А, популарна и слушана остана и ова лето, второто во времето на се уште присутната глобална пандемија.
За песната која, во основа е мошне едноставна, но и лесно певлива, дури и за оние кои не го знаат шпанскиот јазик, музичките стручњаци велат дека е заслужна за враќање на т.н. латино – звук во поп музиката.
Во меѓувреме е направен и ремикс на овој хит. На една таква верзија, на Фонзи/Јенки, се појавува и Џастин Бибер.