Премиерата на филмот за Дијана во Венеција
Продуцентите на најновиот филм за покојната британска принцеза Дијана соопштија дека премиерата на филмот „Спенсер“ е предвидена за 3 септември, на фестивалот во Венеција. Ликот на поранешната принцеза од Велс и мајка на принцовите Вилијам и Хари, го толкува актерката Кристен Стјуарт.
Филмот зборува за викендот што Дијана го има проведено на кралскиот имот во Сандригам, во текот на божикните празници во 1991 година, кога (се верува) дека принцезата донела одлука да се разведе од својот тогаш сопруг, принцот – престолонаследник Чарлс.
Божик 1991 година
Во филмското сценарио се вели дека станува збор за декември 1991 година, време кога бракот на „народната принцеза“ и на првиот син на кралицата Елизабета веќе подолго време е во распаѓање.
Според сценариото, иако во јавноста има приказни за љубовни афери и за развод, празникот Божик, сепак, мора да се испочитува и да помине во мир и слога, да се јаде и да се пие и да се оди на лов. Но, само Дијана знае дека сето тоа наскоро ќе исчезне и дека повеќе никогаш нема да биде како што е во тие декемвриски денови.
Продуцентите веќе го прикажаа и плакатот за филмот „Спенсер“ (насловот е според моминското презиме на Дијана), на кој актерката Стјуарт е прикажана расплачена. На себе има раскошен фустан кој многу потсетува на оној што принцезата го носеше за време на венчавката со Чарлс.
Тажна приказна
Кристен Стјуарт за медиумите има изјавено дека филмот, во основа, е една тажна приказна. „Тоа е најтажната приказна што било кога се случила и била раскажана“ – има речено актерката.
Принцезата Дијана загина на 31 август 1997 година, во Париз, во сообраќајна несреќа.
Во несреќата што се случи во парискиот тунел Алма, во центарот на францускиот главен град, заедно со неа загина и нејзиниот тогашен придружник – партнер, Египќанецот Доди ал Фаед, син на богатиот милијардер Мохамед ал Фаед, кој (тогаш) живееше во Лондон, каде поседуваше различен имот.
Во несреќата загина и возачот на „мерцедесот“ Хенри Пол кој со голема брзина удри во еден од столбовите на тунелот. бегајќи од толпа „папараци“ кои се обидуваа да ја снимат двојката која од хотелот „Риц“ се возеше кон апартманот на Доди во Париз.