„Стоунси“ без Чарли Вотс
Чарли Вотс, тапанарот на легендарната англиска група „Ролинг Стоунс” почина во болница во Лондон, по кратко лекување, само три месеци откако во јуни го прослави својот 80 роденден.
Во специјалната изјава на неговиот музички издавач се вели дека Вотс кој се опоравуваше после извршената хируршка интервенција, починал мирно окружен со своите најблиски. За него се вели дека е еден од најголемите тапанари на својата генерација, но и добар и внимателен сопруг, татко и дедо.
Со Мик и Кит од 1963 година
Веста за смртта на тапанарот на „Стоунси“ доаѓа откако, претходно, беше соопштено дека Вотс, за прв пат, нема да биде со своите другари од бендот, за време на нивната (еднаш во 2020 одложена) турнеја во САД, поради здравствени проблеми и извршената операција.
Во 2004 година, тој се лекуваше од рак на грлото, но тогаш беше соопштено дека благодарејќи на благовременото откривање на болеста и брзата лекарска интервенција е целосно излекуван.
Член на групата, која има одбележано една епоха од англиската и британската рок музика, Чарли Вотс беше од 1963 година, кога иако „запален“ џезер, наместо со некој од џез групите од тоа време, им се приклучи на Мик Џегер, Кит Ричардс и Брајан Џонс – тројката од првата постава на „Стоунси“.
Школуван да биде графички уметник, почнал да свири на тапани по лондонските ритам и блуз клубови и во еден од нив ги има сретнато другарите со кои ќе остане заедно целиот живот.
Вотс е единствениот – покрај Џегер и Ричардс – кој се појавува на сите студиски албуми на Ролинг Стоунс. Од порано има речено дека токму џезот најмногу влијаел да го изгради стилот по кој остана запаметен.
Мирен и тивок
Неговата смрт предизвика широк публицитет во британската јавност.
Во сите написи во весниците Чарли Вотс е опишуван како „мирниот и тивок “ член на „Стоунси“, инаку, познати низ светот по бројните скандали на сцената и надвор од неа.
Одамна е познато дека меѓу него и другите имаше огромна разлика. Брајан Џонс, на пример, беше најден мртов во фонтаната на својата куќа. Никогаш не се разбра дали се удавил, или бил убиен, после бучната журка со дрога и многу алкохол.
Гитаристот Бил Вајман беше суден за заведување малолетнички, а Кит Ричардс, во една прилика, има признаено дека кога немал дрога, ја пушел пепелта од урната на својот покоен татко. Рони Вуд се ожени за девојка 30 години помлада од него, а Мик Џегер се женеше повеќе пати.
Нетипична рок ѕвезда
Вотс, меѓутоа, водеше крајно мирен, нетипичен живот за рокер и за еден од прославените „Стоунси“.
Беше 50 години во брак со својата сопруга, живеејќи на една сточарска фарма во англиската област Девон. „Во петте децении хаос и бура, Чарли Вудс беше како лек за смирување на сцената, на која Џегер и Ричардс создаваа олуја“ – има напишано лондонскиот весник „Дејли Мирор“.
Во осумдесеттите години на 20 век кусо време се има лечено од алкохолот и дрогата, но самиот има речено дека брзо се излекувал од тие пороци.
За него нема приказна дека било кога бил дел од лондонските пијани журки, ниту дека било кога учествувал во демолирање на хотелски соби за време на турнеите, или има „трчано“ по младите обожувателки.
„Никогаш не станав модел за рок ѕвезда“ – има изјавено Чарли Вотс, уште во 1994 година за списанието „Ролинг Стоун“.