Хрватска од ЕУ добива 13 милијарди евра
Хрватска, најмладата земја – членка на ЕУ добива 13 милијарди евра, од специјалниот фонд на Унијата, од 900 милијарди, предвиден за санација и опоравување на економиите, сите погодени од долгата глобална пандемија со коронавирусот.
Доделените средства се однесуваат не само за покривање на штетата, туку повеќе и за натамошен, позабрзан развој на хрватското стопанство и на економијата, воопшто, преку програмата од проекти што владата во Загреб и ги понуди на одобрување и прифаќање на Европската комисија во Брисел.
Од тој специјален Фонд, што беше усогласен и одобрен на Самитот на ЕУ во декември 2020 година, најмногу пари се предвидени за Италија, околу 200 милијарди, за што сите членки солидарно се согласија, како земја од ЕУ која прва и тоа многу тешко, беше погодена од пандемијата. Потоа следуваат Шпанија и Франција, како и Германија.
Досега примени 10,7 милијарди
Средствата се доделуваат (не сите одеднаш) на земјите според претрпената економско штета, големината и обемот на економијата во секоја од нив, откако владите ќе изготват детална програма за тоа – како и за што и за какви проекти планираат да ги употребат. Европската комисија во Брисел потоа ги одобрува предложените проекти.
Колку што се знае, Грција, на пример, треба да добие 30 милијарди евра. Не е познат износот што треба да го добие Бугарија, која останува да важи како најнеразвиената земја – членка на ЕУ. Многу е веројатно дека нема да има пари за Софија до крајот на годинава – затоа што земјата нема влада и стабилна администрација која треба да ги подготви сите проекти и да се јави во Брисел за нивно одобрување.
Што се однесува до Хрватска, која во ЕУ е од јули 2013 година, средствата што сега и се одобрени се за 20 отсто повеќе од средствата што и се досега одобрени. Од влегувањето во ЕУ, или од мај 2014, до декември 2020 година, оваа поранешна ЈУ република, од европските развојни фондови има примено 10,7 милијарди евра.
Македонија и Хрватска одеа заедно
Или попрецизно, Хрватска има примено над 5,5 милијарди евра повеќе помош, од средствата што таа, во период од 7,5 години, како земја – членка, ги има внесувано во заедничкиот буџет на ЕУ.
Колку за потсетување и за оние кои сакаат да заборават, Македонија беше во истиот пакет за влез во ЕУ. Во времето кога изгледаше дека Унијата е „изморена од проширувањето“, посебно со оние од поранешниот комунистички Исток, двете поранешни ЈУ републики (заедно) требаше да влезат во Унијата.
За добивањето покана за влез, меѓутоа, требаше да се затвори спорот со Грција, а на изборите во 2006 година, македонските гласачи се определија за националистичката опција, наместо за европската.
На тој начин, решавањето на спорот за името беше ставен ад – акта, а на една вмровска партиска клика и се овозможи да загосподари и со партијата и со државата. Така, наместо пат кон ЕУ и градење вистинска демократија, во земјата почна да се создава режим на еден деспот. кој својата авторитарна власт ја покриваше со лажниот патриотизам и со градењето омраза кон Западот и кон се што доаѓа од Европа.
Создавање клептократија
Хрватска се подготвуваше за прием, а Македонија се претвори во перилница за пари за разни белосветски мангупи.
Стана терен за криминални зделки и за инвестиции помогнати со поткуп, за создавање на вмровска олигархија, од блиски луѓе на деспотот кои од референти по министерства станаа газди на Македонија, преку воспоставувањето систем на клептократија во руски стил.
Наместо европски реформи, се носеа антиевропски закони и се потроши една милијарда евра за кич – споменици, за лажни барокни и други такви фасади, какви на овие простори никогаш немало, се градеа непотребни мостови и објекти без план и мерка, какви во Европа се градени до крајот на 19 век.
Еден современ руски патеписец има напишано – кој тоа будала фрлаше пари за обезличување на Скопје – признавајќи дека не разбрал – зошто таа милијарда, ако веќе требаше да се „испере“ или да и се префрли на партиската олигархија, не беше употребена за ревитализација на скопските фасади, како и на оние во градовите низ државата.
Корупција од врвот
Конечно, наместо владеење на правото, како што тоа им го има ветувано на западните пријатели на Македонија, малиот деспот, пред да седне во премиерската фотеља, како премиер ги прислушкуваше сите кои ги сметаше за непријатели.
Ги апсеше политичките противници дури и од сопствената партија – на улица, пред режимските тв камери, а други чуваше во затвор и по три години, без да се подигне обвинување.
И, кога се откри Кина, како инвестициски партнер, за до тогаш забаталената патна мрежа, тоа се направи за да се „лапнат“ екстра пари – низ поткуп што го има побарано таа и таква власт.
Сега тие „лапнати“ пари, се јавуваат како „екстра поскапување на целата инвестиција“ што треба да го плати државата Македонија – нејзините даночни обврзници – како оние кои гласаа за еден таков режим, така и оние кои гласаа против, во јули 2006 година.
Секако, нема да се заборави „бомбата“ од телефонскиот разговор на послушниот министер, со деспотот – „Ало, шефе, колку да им земеме на оние, жутите“. Земањето се однесува на тоа колку поткуп да се побара, а „жутите” – тоа се Кинезите.
Свртување на Исток
Како и да е, еден толку корумпиран режим, знаеше дека не поминува на Западот, па властодржецот и кликата околу него, спасување побраа во свртувањето кон Исток, кон Русија, која наеднаш, во една власт каква што тогаш беше во Македонија, најдоа прекрасен сојузник. Прво, за да се инфилтрираат уште повеќе на Балканот, а потоа и за да не се случи земјата да стане членка на НАТО – што тогашната власт во Скопје и го има ветено.
А, НАТО/ЕУ како дамнешна стратешка определба на државата од самото осамостојување, можеше да се оствари само низ затворањето на грчко – македонскиот спор, што ако изборите (во 2006) завршеа поинаку – сигурно ќе се оствареше. Така и ќе можеше, Македонија да влезе во Алијансата и во ЕУ – со Хрватска.
За да се прикрие предавството на државната стратегија и да се оправда свртувањето кон Москва, која почна да се меша во македонските внатрешните работи, режимот преку својата пропаганда ширеше невистини.
Хрватска пред Бугарија
За тоа дека Западот сака да не обезличи, дека влегувањето во ЕУ/НАТО има цена, дека тие од Западот ги сакаат само католиците и протестантите, а не и православците и оние кои пишуваат кирилица – па се почна со безобзирно повлекување некакви „црвени линии“.
Што ќе рече – “не ја даваме Македонија – сакаме да биде сама“ – иако лажните патриоти, на кој македонството им е последната работа – се самопрогласуваа во наводни „бугари“ по род и се обезличуваа.
А, Хрватска ги исполни задачите кои и се бараа и стана членка на ЕУ и тоа сама, пред точно осум години. Во тој кус период, успеа да ја надмине и Бугарија, која во Унијата е од 1 јануари 2007 година.
Во нејзиниот развој, во стандардот на луѓето, во отворањето нови работни места и во вкупната ревитализација на државата, во Хрватска се влезени досега, или ќе влезат, речиси 24 милијарди европски пари. Македонија, како членка на ЕУ, ќе можеше да смета на барем половина од тој износ.
(Г.С.)