Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Унгарија нема што да бара во ЕУ“

mazzzur/Depositphotos.com

„Унгарија нема што да бара во ЕУ“

Холандскиот премиер Марк Руте изјави деновиве дека „Унгарија нема повеќе што да бара во ЕУ“ откако Парламентот во Будимпешта, на предлог на десничарската и конзервативна влада на Виктор Орбан, го усвои најновиот анти-геј закон со кој целосно се дискриминира ЛГБТ заедница.

„Според мене, после еден ваков закон, тие (Унгарците) повеќе нема што да работат во Унијата. Па тие се контра сите наши стандарди и мерила. Но, не одлучувам сам. Постојат уште 26 други членки“ – изјави Руте во Брисел доаѓајќи на јунскиот Самит на Советот на Европа и на ЕУ.

Притоа, Холанѓанецот има речено и тоа дека Унијата е „заедница на вредности“. Но, како одминува времето, се е поочигледно (и се почесто се случува)  некои членки да не ги почитуваат и застапуваат, иако се обврзале на тоа станувајќи дел од ЕУ.

„Срамен закон за членка на ЕУ”

Унгарскиот Парламент, минатата недела, со гласовите на десничарската партија Фидес на Орбан и ултра-десничарите од партијата Јобик, која е редовно на орбановата страна, усвоија (уште еден закон ) против ЛГБТ заедницата, овој пат, спакуван да изгледа дека е наменет за заштита на децата – на тој начин што забранува „промовирање на хомосексуалноста меѓу малолетниците“.

Вака направен закон има и Русија, уште од пред неколку години, па се смета дека унгарскиот е само копија на она што го има направено руската власт која војува со хомосексуалноста и со геј ЛГБТ заедницата, правејќи се сојузник на Руската православна црква.

Реакцијата на Марк Руте не остана осамена, затоа што дури 17 земји членки, меѓу кои Германија и Франција, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која за законот рече дека е „срамен за земја членка на ЕУ“ и се закани со постапка против Унгарија и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој исто така, се огласи со остра осуда.

Хари Потер на црна листа

Колку што се знае само Полска се спротивставила на критиките, што не е чудно, затоа што и таму е на власт една десничарска и конзервативна влада која тврди дека ги брани католичките вредности. Не се знае како реагирале Словенија, на премиерот Јанез Јанша, најблискиот сојузник на Орбан, како и Бугарија, која се повеќе прави радикално свртување кон тврдото десничарење и национализмот, спротивно на основната линија на ЕУ.

Како и да е, законот забранува образовни програми (за сексуално воспитување) во кои воопшто се споменува хомосексуалноста во било каков облик, или комерцијални реклами кои се солидаризираат со истородовата заедница, слични на онаа на „Кока Кола“ од 2019 година, направена со двајца мажи.

Забраната се однесува и на книги, како и на емитувањето ТВ серии, или филмови, налик на серијата „Пријатели“, или на филмовите „Бриџет Џонс“ и „Хари Потер“ во кои само се споменува хомосексуалноста.

Орбан, пак, се брани дека тој не е против хомосексуалците, дека дури и ги брани, па цинично потсетува дека во времето на комунизмот во Унгарија, кога хомосексуалците биле ставени надвор од законот, тој ги заштитувал нивните права!

Јавноста, сепак, е против

Семоќниот автократ уште има речено дека со законот тој никого не прогонува, туку дека само ги заштитува правата на децата и на родителите.

Другата страна, на која е опозицијата, меѓутоа, зборува поинаку, па вели дека може Орбан да се прикажува како наводен хуманист, наводно, загрижен за потомството и за семејството, но тоа не е така. Активистите за човекови права, пак, сметаат дека владата во Будимпешта само продолжува да се пресметува со ЛГБТ заедницата, затоа што ова е четврти по ред закон контра геј луѓето во Унгарија.

Тоа предизвика нови протести во Будимпешта и во другите поголеми градови, при што демократските активисти се залагаат за почитување на основните вредности на ЕУ и за почитувањето на човековите права, па бараат од претседателот на државата Јанош Адер да не го потпише законот, што, како сега стојат работите, е малку веројатно.

Конечно, последното истражување на јавното мислење во земјата покажува дека 46 отсто од Унгарците прифаќаат истополови бракови, што е зголемување на поддршката од пред осум години, кога само 30 отсто од луѓето се согласувале со брачна заедница на двајца мажи, или на две жени. Над 100 илјади лица имаат потпишано петиција против најновиот закон.

Додворување на конзервативна Унгарија

Прашање е само зашто Орбан го прави сето ова. Посебно сега, кога по разни основи е во судир со Брисел и со ЕУ и откако „побегна“ од заедницата на десноцентристичките партии, за да не биде срамно, исклучен од членство- затоа што дејствува спротивно на нејзините идеолошки и политички определби, а тие се најбројниот идеолошки блок во Европскиот Парламент.

Аналитичари кои избегаа од Унгарија за да не бидат истерани од работа, шиканирани и оневозможувани да пишуваат како што мислат, сметаат дека целата оваа претстава со законот е во функција на изборите, предвидени за април 2022 година, како и за настојувањето да освои уште еден, четврти по ред мандат.

Орбан е на власт од 2010 година и секогаш, главно, со гласовите од провинцијата и од руралните средини кои ги „храни“ со европските субвенции за аграрот, а кои се максимално конзервативни.

Уште еден закон против геј заедницата, се верува, треба да биде мамката за нив – да веруваат дека само Орбан и Фидес ги бранат „традиционалните, семејни вредности на Унгарците“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе