Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Расел Кроу ќе гради студио крај Бризбејн

magicinfoto/Depositphotos.com

Расел Кроу ќе гради студио крај Бризбејн

Холивудскиот актер Расел Кроу, инаку Австралијанец по потекло, соопшти дека ќе гради големо филмско студио на источниот брег од Австралија, во близината на Бризбејн, главниот град на сојузната држава Квинсленд.

Во разговор за австралиската телевизиска мрежа Еј – Би – Си, популарниот оскаровец откри дека студиото ќе се гради во Кофс Харбор, на местото на некогашното истоимено одморалиште. Студиото – The Pacific Bay Resort Studios and Village – ќе им нуди услуги за снимање крупни меѓународни филмски проекти, на странски компании, но и на домашните филмски куќи.

Преселба на Холивуд

Во текот на 18 месечната глобална пандемија, Австралија се има претворено во „истурено одделение“ на Холивуд, како и во популарна дестинација за тамошните филмаџии. Најмногу затоа што Австралија, релативно лесно помина низ епидемијата со коронавирусот – како според бројот на инфицираните и заболените, така и според жртвите од вирусот.

Освен тоа, земјата стана популарна дестинација за филмските продуценти и за правењето филмови во Австралија, затоа што и владата настојува да ги привлече луѓето од светот на филмот – да работат и да снимаат филмови – силно поттикнувајќи ја филмската индустрија.

Еден таков случај е Марвел студиото, кое таму го работи својот филмски хит „Thor, Love and Thunder”, потоа компанијата МГМ и нејзиниот „Thirteen Lives”, како и филмот „Black light” со Лијам Нисон.

Бегство од пандемијата

Австралија стана наеднаш популарна и кај холивудските филмски ѕвезди кои таму снимаат филмови, но кои на снимањето доаѓаат со своите семејства, бегајќи од пандемијата која тешко ја има погодено Америка. Веќе сега во САД се регистрирани над 600 илјади починати.

Некои од актерските ѕвезди таму се по повеќе месеци и по завршување на снимањето, а други веќе купуваат и имоти – задоволни од нивните (пониски) цени отколку во САД, посебно споредени со оние во реонот околу Лос Анџелес, како и од климата и од условите за живеење.

Џулија Робертс и Џорџ Клуни снимаат филм (Ticket to Paradise), a таму се и Шон Пен, Џеф Голдблум, како и Саша Барон – Коен со својата сопруга, австралиската актерка Ајсла Фишер.

Во реонот на Сиднеј и Бајрон Беј се сместени и Никол Кидман, која е Австралијанка и која таму е заедно со својот сопруг, потоа Тилда Свиндон, Идрис Елба и Расел Кроу кој (очигледно) времето на пандемијата го минува дома.

Зак Ефрон се сели во Австралија

Австралиските медиуми кои нашироко пишуваат за „преселбата“ на Холивид откриваат дека Натали Портман, со сопругот и со двете деца, уште од ноември 2020 е во Австралија, на продолжен престој, по снимањето на филмот „Thor, Love and Thunder” во кој игра и Мат Дајмон.

Тој, пак, во една прилика се има појавено на една хуманитарна забава во Бризбејн, заедно со сопругата и со неговите деца. Тие се таму уште од јануари годинава и за да дојде во Австралија, Дајмон има поминато 14 денови во карантин.

Голем публицитет има привлечено актерот Зак Ефрон кој снима филм, но кој во Австралија си има најдено и девојка, патува низ континентот со караван и најавува дека ќе се насели во овој континент – држава, откако има купено имот и куќа, напуштајќи го Холивуд. Во Австралија тој живее веќе една година.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Култура

Горе