Јужноафриканка роди десет бебиња!
Јужноафриканката Госиаме Тамара Ситоле роди десет бебиња – јавуваат од Преторија тамошните медиуми.
Породувањето го имаат потврдено и здравствените власти во Јужна Африка, па ова породување се смета дека е светски рекорд – досега не е познато дека некоја жена, било каде во светот, има одеднаш родено толкав број бебиња.
Мајката и нејзиниот сопруг во првите реакции изјавиле дека се воодушевени, но и дека не очекувале дека ќе имаат десет бебиња, затоа што при последното скенирање, во последните фази од бременоста на жената, биле забележани осум.
Возбудениот татко открил дека седум од новороденчињата се машки, а три се девојчиња. Член на семејството кој одбил да се идентификува, за весникот „Преторија Њуз“ рекол дека пет од бебињата биле родени природно, додека другите пет се породени со царски рез.
Тамошните медиуми веќе пишуваат дека агенцијата која ги бележи светските рекорди и извонредните постигнувања – Гинис, веќе го истражува случајот на Јужноафриканката.
Засега, како светски рекорд, се води случајот на една Американка, која има родено осум бебиња и сите се останати живи и здрави.
Минатиот месец, една 25 годишна жена од Мали, има родено девет бебиња. Мајката и бебињата биле префрлени во една мароканска болница и – велат – дека новороденчињата се во добра здравствена состојба.
Здравствени експерти забележуваат дека при вакви ситуации, обично, сите бебиња не успеваат да преживеат.
За раѓање одеднаш на повеќе од три деца, медицинските експерти велат дека најчесто тоа е последица на претходно вршени третмани за неплодност. Во случајот на Ситоле и нејзиниот сопруг, меѓутоа, лекарите рекле дека немало такви проблеми. Станува збор за нормално и природно зачнување.
Госиаме Тамара Ситоле која има 37 години и нејзиниот сопруг веќе имаат две деца – близнаци на возраст од шест години.