Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Санкции за дестабилизација на Западен Балкан

sepavone/Depositphotos.com

Санкции за дестабилизација на Западен Балкан

 

Американскиот претседател Џо Бајден ја потпиша уредбата со која се проширува обемот на вонредни мерки, поврзани со Западен Балкан, прв пат прогласени во 2001 година. Во исто време, со уредбата се опфатени и критериуми за воведување санкции од страна на САД, со цел да се разрешат разните предизвици како корупцијата и сите други потези со кои се опструираат клучните институции и меѓународните спогодби.

Сега е наложено да се санкционира секое лице за кое американското Министерство за финансии, во консултација со Стејт Департментот, е одговорно, или е соучесник – ангажирано во акции и во политика која му се заканува на мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на било кој дел, или на било која од државите во Западен Балкан, со поткопување на демократските процеси и на институциите во регионот.

Вклучување на Преспа

Со казнени мерки би биле опфатени и лица кои се виновни за кршење на човековите права и кои се вмешани во корупција во регионот, вклучувајќи проневера на јавни средства, отужување на приватен имот за лична полза или за политички цели, како и земањето поткуп.

Според соопштението на Белата куќа на кое се повикува „Гласот на Америка“, уредбата овозможува санкционирање на оние кои се замешани во непочитување, или се загрозува примената на било која спогодба за регионална безбедност, за мир и соработка, или за меѓусебно признавање во рамките на механизмите за Западен Балкан.

Ваквата уредба сега се однесува и на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, од јуни 2018 година, како и на меѓународниот механизам за кривичните судови, што наследник на Хашкиот суд за бивша Југославија.

Територијата на екс СФРЈ и Албанија

На сите овие лица, опфатени со Уредбата на Бајден, ќе им биде блокиран имотот на територијата на САД, а на американските државјани им се забранува да работат, или да соработуваат со нив. Овие лица повеќе не ќе може да влегуваат на територијата на САД, или да аплицираат и да добијат американска виза.

Листата на ваквите лица ќе биде постојано ажурирана и ако треба дополнувана со нови.

Уредбата, овој пат, прецизно определува дека Западен Балкан подразбира „целата територија на поранешната СФРЈ и на Република Албанија“.

За оваа област, уредбата вели дека во изминатите дваесет години (од правата ваква уредба), на територијата на вака определениот регион имало поткопување на повоените спогодби и на институциите, настанати по распадот на СФРЈ, како и ширење на корупцијата во разни влади и институции во регионот, што го има попречувано напредокот на земјите кон поефикасно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции.

Во исто време се посочува дека тоа претставува невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и за надворешна политика на САД.

Првата Уредба од 2001

По овој повод, Белата куќа соопшти дека целта на Уредбата на претседателот Џо Бајден е да се “обезбеди политичка стабилност и безбедност на Западен Балкан“ во рамките на решеноста на американската администрација да се промовираат клучните безбедносни интереси на САД, вклучувајќи ја и заштитата на демократските институции.

Првата ваква Уредба на САД, за вонредни мерки, ја има донесено поранешниот претседател Џорџ Буш, во јуни 2001 година.

Со неа тогаш беше санкционирањето лица кои промовираат, помагаат, или спонзорираат екстремистичко насилство во Македонија, но и во другите делови од Западен Балкан, или пак дејствуваат со опструкција на спроведувањето на Дејтонската спогодба во БиХ, или на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН (1244) од 10 јуни 1999 година – која се однесува за Косово.

Заштита на Охридскиот договор

На 28 мај 2003 година, оваа Уредба беше дополнета, на тој начин што претседателот Буш презеде нови чекори “поврзани со опструкцијата и на дела кои се однесуваат на спроведувањето на Охридскиот договор “, од јули 2001 година, во врска со ситуацијата во Македонија.

Вонредни дополнувања на уредбите имаат правено и другите претседатели, после двата мандати на Буш, вклучувајќи го и Доналд Трамп.

Неидентификуван функционер во Белата куќа, на кој се повикува „Гласот на Америка“ има речено дека во сегашната Уредба на Бајден, за прв пат, експлицитно се потенцира дека Албанија е дел од Западен Балкан.

„Во претходните вакви документи Албанија не се исклучуваше од дефинираниот регион, но сега прв пат тој прецизно определува за кого се однесува“ – рекол овој функционер.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе