Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Џо Бајден во Европа

"Joe Biden" (CC BY-SA 2.0) by Gage Skidmore

Џо Бајден во Европа

 

Една недела во средината на јуни, американскиот претседател Џо Бајден ќе биде во Европа, во неговата прва посета на Стариот континент, откако на 20 јануари ја презеде претседателската функција.

Во текот на посетата, Бајден ќе престојува во Велика Британија, во Белгија и во Швајцарија, каде ќе учествува во работата на неколку значајни меѓународни настани – средби на врвот со американските сојузници и европските партнери, како со рускиот претседател Владимир Путин, во Женева, на крајот од европската турнеја.

Првата средба е билатерална, со британскиот премиер Борис Џонсон, кој оваа година е домаќин на Самитот на групата Г – 7, што се одржува во малото приморско село Карбис Беј, во Корнвол, во југо – западна Англија.

Самит на Г-7 и на НАТО

На Самитот, во изолираното одморалиште, покрај домаќинот и Бајден, учествуваат и лидерите на Франција, Германија, Јапонија, Канада и Италија. Самитот ќе трае три денови – до 13 јуни, кога американскиот претседател ќе биде примен од британската кралица Елизабета Втора, во замокот Виндзор, во околината на британскиот главен град.

Во текот на престојот во Брисел – првиот ден, Бајден ќе учествува во работата на Самитот на НАТО, додека вториот ден е предвиден за негова средба и разговори со лидерите на сите земји – членки на ЕУ, во рамките на конференцијата меѓу САД и Унијата.

Во Брисел, од порано е договорена и билатерална средба меѓу Бајден и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека ден подоцна, претстои средбата на американскиот и рускиот претседател – во Швајцарија, покрај брегот на Женевското Езеро, по што Бајден ќе замине од Европа.

Поправање на нарушените врски

Вообичаено е новиот претседател на САД, во првата половина од годината од кога е во Белата куќа, да ја посети Европа и да се сретне со европските сојузници.

Но, сите средби и сите разговори што Американецот ќе ги има во Европа – од онаа, билатералната со Џонсон, до последната со Путин, имаат далеку поголемо значење и тежина, можеби, од сите претходни, затоа што доаѓаат во поинакво време и во изменета клима на сојузничките и транс – атлантските односи.

Во време и на нарушени односи на Вашингтон со Анкара, како и на најдлабока криза во американско – руските односи, каква што немало од крајот на Студената војна и паѓањето на „железната завеса“.

Голема „заслуга” за ваквата ситуација, кога станува збор за односите со европските партнери, има претходната американска администрација и пред се Доналд Трамп и неговите четири години изолационизам и постојано нарушување на односите со Европејците. Градејќи притоа некакви чудни и не до крај дефинирани врски со авторитарните власти и режими, какви се оние во Русија, Кина и Северна Кореја, потиснувајќи го притоа, дотогашното традиционално партнерство со западните сојузници во Европа.

Вашингтон и Лондон

Дури и првата официјална средба на Бајден со Британецот Џонсон, многу е веројатно дека ќе се искористи за репарирање на односите, кои од крајот на Втората светска војна се означуваат како „историски и нераскинливи“. Меѓутоа, во времето додека Трамп беше во Белата куќа, Борис Џонсон стана силен брегзитер, миленик на претходниот претседател на САД, кој го поттикнуваше излегувањето на Британија од ЕУ, додека Британецот и самиот популист, стана дискретен навивач за повторниот трампов избор.

Особено што конзервативецот Џонсон знаеше дека Бајден е проевропеец, дека е против Брегзит, како и дека поради своите ирски корени и католицизмот, силно се залага за посебниот статус на Ирците во Северна Ирска, кога Британија излезе од ЕУ.

Глобалната пандемија и долгата криза со коронавирусот, како да ги потисна во втор план разликите.

Лондон изгради каков – таков договор со Брисел за односите по Брегзит. Северна Ирска има статус што ја претвори во своевидна трговско – царинска тампон зона на ирскиот остров, а Американците и Британците допрва треба да работат на договор за слободна трговија кој Трамп го ветуваше, но не направи ништо на него.

Посветеност на Алијансата

Што се однесува, пак, до Европа и НАТО, Бајден доаѓа како претседател што треба да поправи се што Трамп расипа.

Според портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, сегашната бајденова посета треба да покаже дека САД се посветени на обновата на сојузништвото и на ревитализацијата на трансатлантските односи.

„Престојот во Европа ќе се искористи за обнова на тесната соработка со нашите (американски) сојузници и со мултилатералните партнери за решавање на глобалните предизвици и за подобрување на заштитата на американските интереси“ – има изјавено Псаки во Вашингтон.

Според неа, Самитот на НАТО во Брисел, ќе значи потврда на цврстата посветеност на САД на Алијансата, а тоа значи на трансатлантската безбедност и на колективната одбрана.

За многумина, сепак, главниот настан на европската турнеја на Бајден е неговата средба со Путин, иако политичките експерти не очекуваат никакви спектакуларни постигнувања, ниту во решавање на главните спорни прашања.

„САД не сака судир со Русија“

Американскиот претседател уште пред да тргне за Европа веќе има речено дека САД остануваат на страната на европските сојузници, но и тоа дека Вашингтон не сака судир со Русија, туку стабилни односи. Од друга страна, обајцата лидери ја сакаат оваа средба, а рускиот претседател во изминатиот викенд изрази надеж во позитивни резултати.

Како и да е, Самитот во Женева ќе се отвори во услови на силно затегнати билатерални односи.

Тие започнаа со промените во Украина и со агресијата од страна на Русија врз својата сосетка – со анексијата на Крим, интервенцијата во источноукраинските области Донецк и Луганск. Потоа продолжија, со хакирањето, со мешањето во американските претседателски избори, за да се дојде до најновите случувања со нападот, па апсењето Алексеј Навални и со белоруското киднапирање на цивилен авион на европска авио компанија, на лет меѓу две земји членки на ЕУ.

Во напис во „Вашингтон Пост“ Џо Бајден зборува за американската посветеност на Европа и на демократијата, на приврзаноста кон американските истомисленици и за определеноста за одбрана на човековите права и достоинството.

Сепак, претседателот на САД инсистира дека Америка не сака судир, што според него, веќе го има покажано со продолжување на важноста на спогодбата СТАРТ, за намалување на вооружувањето.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе