Самоубиство на силувано девојче
Петмина тинејџери се уапсени во Белгија за групно силување на едно 14 годишно девојче, кое една недела подоцна се самоубило, откако сликите од сцената на силувањето се појавиле на една од социјалните мрежи на интернет.
Тројца од уапсените се малолетници, но другите двајца се на возраст од 18 и 19 години. Белгиското 0бвинителството потврди дека против сите нив се води криминална истрага за кривичните дела што се случиле непосредно пред смртта на девојчето.
Шок во белгиската јавност
Според пишувањето на белгиските медиуми, инцидентот се случил на 15 мај, кога девојчето требало да се сретне со еден свој пријател и тоа на гробиштата во Гент, во фламанскиот дел од Белгија. На состанокот, меѓутоа нејзиниот „пријател“ донел со себе и четворица свои пријатели.
Тие ја нападнале малолетничката и сите ја силувале, а набргу потоа, на интернет се појавиле фотографиите од силувањето.
Засега не се знае кој од напаѓачите ги ставил сликите на социјалната мрежа, но според таткото на девојчето – „тоа дефинитивно ја има скршено… целиот нејзин живот во тој момент, наеднаш се има урнато“.
Случајот предизвика вистински шок во белгиската јавност. Градоначалникот на местото каде била родена жртвата има речено дека станува збор за нешто вчудоневидувачко.
„Ова е нешто што никој не мисли дека може да се случи во неговата близина“ – рекол градоначалникот кој го познавал несреќното девојче.
„Одвратно и нелегално“
Медиумите зборуваат и за бурна реакција во белгиската политика. Државната секретарка во владата, за родна еднаквост Сара Шилц, во својата остра изјава после овој случај има речено дека “ќе се преземат сите мерки за да се спречи – слики со сцени од сексуално насилство да може да се ставаат на интернет и на социјалните мрежи.
„Делењето вакви фотографии на социјалните мрежи не е само одвратно, туку е крајно нелегално“ – изјавила Шилц, најавувајќи дека нејзините соработници веднаш ќе се состанат со претставници на компаниите на социјалните мрежи, за да се договори за нова политика околу приватноста на овие мрежи.
Случајот од Гент, меѓутоа, не е ниту единствен, а ниту е осамен.
Секоја година, во Белгија се пријавуваат по околу 200 случаи на групно силување.
Претпоставка е дека вистинската бројка е многу поголема, затоа што многу од жртвите не се осмелуваат да го пријават силувањето.