Џонсон во трет брак – во јули 2022
Британскиот премиер, конзервативецот, Борис Џонсон ќе се венча со својата сегашна девојка – свршеничка Кари Симондс, но на крајот од јули идната 2022 година.
Веста за тоа ја објавува лондонскиот таблоид „Сан“ повикувајќи се на свои извори, блиски до двојката, откривајќи притоа дека Џонсон и Симондс веќе ги испратиле и првите покани – за најблиските во семејството и за некои од пријателите.
Тоа ќе биде трет брак за актуелниот премиер на Обединетото кралство, а прв за неговата свршеничка. Двојката веќе една година имаат дете – син кое се роди додека Џонсон беше во болница на лекување, заболен од Ковид – 19.
Невенчана двојка во Даунинг стрит 10
Засега не се знае каде ќе се одржи премиерската свадба. Според „Сан“ едната локација би била летната резиденција на британските премиери во Чекерс, недалеку од Лондон, во англиската област Бакингамшир. Како потенцијално втора локација, се споменува областа Кент, во сафари – паркот во кој е ангажирана идната невеста, како волонтер – во добротворна организација.
Претходно се споменуваше и Италија, каде Симондс има роднини, но весникот пишува дека местото за тоа каде ќе биде венчавката ќе се чувало во тајност – до непосредно пред свадбата.
Џонсон (55) и Симондс (33) се првата невенчана двојка која живее во службената резиденција на Британија во Даунинг стрит 10, во британската историја.
Невенчани двојката живее таму од јуни 2019 година, кога нивната врска која траела подолго, беше и службено обелоденета. Двојката тогаш не можеше веднаш да се венча, како што тој тоа го има направено – претходно – на два пати, бидејќи се уште не беше разведен од својата втора сопруга, која против него имаше покренато судски спор.
„Немиркото“ Џонсон
Расправијата траеше долго околу оставинската постапка – прво за издршката на нивните четири деца, а потоа и околу семејната куќа. Премиерот мораше да ја продаде за да ја исплати екс сопругата. Свршувачката, затоа, се случи во февруари 2020 година, кога беше откриено и дека свршеницата е бремена, откако заврши бракоразводната парница, а Џонсон формално се разведе.
Џонсон важи за „немирко“ кога станува збор за припадничките на понежниот пол.
Со Симондс се има запознаено и започнато тајна врска додека беше градоначалник на Лондон, а во Градската куќа, како еден од советничките работела и неговата идна сопруга.
Тој е татко на пет деца од сите негови брачни врски, а таблоидите тврдат дека постои и шесто дете, од една врска со жена која упорно тврди дека тој е таткото на нејзиното дете, што Џонсон категорично го демантира.
Парламентарна истрага
Живеејќи невенчано со Симондс, се создаде протоколарна ситуација која се решава на разни начини – но, главно, неговата девојка – свршеничка – партнерка не се појавува на службените приеми и не се третира како „прва дама“ на Британија.
Џонсон, меѓутоа, уште веднаш по објавувањето на врската, со својата нова избраничка, пред две години, беше на одмор на Карибите. Парламентарната комисија за правилно однесување на политичарите, се уште води истрага за тоа дали премиерот ги прекршил правилата околу тоа како е финансиран одморот. Се сомнева дека е направен на службен трошок, или со недозволена донација.
Во ова меѓувреме, медиумите открија и тајна „љубовна – бизнис врска“ со една Американска, за која се вели дека имала „специјални повластувања“ додека Џонсон беше градоначалник. Тоа се случувало во време додека веќе бил во врска со Симондс.
Премиерска свадба немало од 1822
Освен тоа, се покрена истрага и околу тоа со кои пара била извршена адаптацијата на приватната резиденција на премиерот, адаптирана во време кога премиер беше Тереза Меј. Велат на Симондс не и се допаѓале тапетите, иако и мебелот па, побарала (и добила) согласност од премиерот – резиденцијата одново да се адаптира.
Станува збор за екстра 60 илјади фунти, за кои се сметаше дека се буџетски пари, но се покажа дека станува збор за пари на Конзервативната партија, платени од некои од партиските богати донатори. Тоа е исто така прекршување на министерскиот кодекс, но истрагата се придуши со „успесите на Џонсон со вакцинацијата“.
Последен пат, една двојка се венчала додека младоженецот бил британски премиер, во далечната 1822 година. Британскиот премиер, лорд Ливерпул, тогаш се оженил за Мери Честер.
(Д.Л.)