Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шкотска: глас за нов референдум и за ЕУ

"Coming Soon II" (CC BY-NC-ND 2.0) by Lawrence OP

Шкотска: глас за нов референдум и за ЕУ

Изборите за новиот состав на шкотскиот Парламент, што се одржаа на 6 мај,  сигурно е дека во годините што доаѓаат ќе предизвикуваат целосна неизвесност околу иднината на Шкотска во Велика Британија и околу одржувањето на целовитоста на Обединетото кралство.

Сигурно е, исто така, дека таа и таква неизвесност ќе ја притиска британската политика, но и европската. Пред се, поради можноста од растурање на една важна европска држава, како и затоа што во тој случај – еден нејзин дел , а тоа е  Шкотска – би станал независна држава, која уште сега најавува дека веднаш би побарала членство во ЕУ.

Ваквата разврска, иако сега на Британците и на Европејците  им делува како малку веројатна, таа не е воопшто неможна и неостварлива, после уверливата изборна победа на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) која  досегашната доминација во овој дел од Британија, уште повеќе ја зголеми и ја засили.

„Историска победа“

Над се, СНП го зголеми бројот на своите пратеници во Холируд (Парламентот во Единбург), но со својата кампања за втор референдум и за независност, повлече раст на пратениците и од другите партии кои како и неа се залагаат за отцепување на Шкотска.

Таквата разврска на изборите отвора можност за потенцијален судир со владата во Лондон, околу тоа дали на Единбург да му се дозволи да организира уште еден референдум за независност, за да после нешто од над 300 години  – Шкотска и Англија одново се разделат. Тоа, пак ќе значи можност за  враќање на Шкотланѓаните во членство во ЕУ, од каде, како што велат, беа извлечени против својата волја – само благодарејќи на волјата на Англичаните.

Лидерот на СНП Никола Старџен која е и прв министер на Шкотска, воодушевено, изборните резултати ги означи како историски, а самото гласање како референдумско изјаснување на Шкотланѓаните за тоа како ја гледаат иднината на својата земја.

Таквата определеност на мнозинството од гласачите на изборите од минатиот четврток и дава слободни раце, со новата влада да работи на подготовките за уште еден референдум, седум години по првиот.

Џонсон против Реф.2

СНП освои 64 пратенички места, во Парламентот кој има 129 пратеници, што значи дека и недостигаше само едно место за да оваа партија и Старџен можат самостојно да формираат влада.

Наместо тоа, СНП ќе треба да коалицира со шкотските Зелени кои освоија осум мандати. Со вкупно 72 пратеници, при што се очекува, да ја има поддршката и од Алекс Салмонд и неговата набрзина формирана партија Алба, кога ќе стане збор за референдумот, старо-новиот прв министер ќе може да се насочи кон ова прашање кое , инаку, доминираше во годинешнава изборна кампања.

Британскиот премиер Борис Џонсон, меѓутоа, уште од порано зборува дека тој и неговата влада нема да прифатат Реф.2 како популарно се означува новото изјаснување за отцепувањето на Шкотска.

За проконзервативниот весник „Дејли Телеграф“ Џонсон има речено дека е „неодговорно и непромислено“ да се бара референдум – сега кога Британија излегува од пандемијата и кога е потребна работа на економското опоравување, за надминувањето на рецесијата и за враќање на луѓето на работа.

Времето на страна на СНП

Претходно, британскиот премиер се повикуваше на тоа дека Шкотланѓаните еднаш се имаат изјаснето околу ова прашање, во 2014 година. На тогаш одржаниот референдум, шкотските гласачи  се определија за останување во Обединетото кралство, гласајќи 55:45 за британската опција.

Но, пред седум години условите и политичката позиција на Британија беа  сосема поинакви  затоа што  тогаш  земјата беше членка во ЕУ. А, најголемиот број  од неутралните аналитичари сметаат дека токму тоа беше пресудно за едно вакво изјаснување.

Џонсон, во меѓувреме,  уште повеќе ја има заострено својата позиција, па тврди  дека вакви референдуми се организираат еднаш во една генерација.

Вака не мислат во Единбург, па Старџен најавува дека со своите коалициски партнери (Зелените), веднаш по надминување на состојбата со пандемијата,  ќе почнат да работат врз изготвувањето нов закон за референдум, што се верува дека лесно ќе биде изгласан во шкотскиот Парламент.

Таа тврди дека е погрешно она што го зборува и го прави Џонсон, обвинувајќи дека е бесправно да попречува организирање референдум.

Од друга страна,  Старџен смета дека секое натамошно блокирање на изјаснувањето на Шкотланѓаните за својата иднина, само уште повеќе ќе ја поттикнува решеноста за независност на Шкотска.

Решение ќе се бара на суд?

Како и да е, во услови на  вака силно спротивставените позиции, многу е веројатно дека прашањето за референдум за независност, што лидерот на СНП сака да се организира до крајот на 2023 година, претходно, ќе се најде на суд и судот ќе треба да пресудува дали Шкотска има право да бара нов референдум.

Во Лондон велат дека Џонсон настојува да игра на картата на  постојано одолговлекување и одлагање на ова прашање, уште и пред да се најде (евентуално) на суд – барем до 2024 година, кога се редовните парламентарни избори во Британија.

Освен тоа, како изговор  пред пошироката јавност, британскиот премиер веќе сега го користи тоа што СНП и Старџен не успеаја да обезбедат апсолутно мнозинство.Што ќе рече дека поради тоа немаат ниту право да инсистираат на покренување на ново референдумско изјаснување.  Тоа е така кога станува збор за изборните бројки, но владејачката шкотска партија, на 6 мај тешко ги порази своите главни ривали – лабуристите и ториевците.

Овие две партии во новиот состав во Холируд, заедно, имаат помалку пратеници од СНП сама. Тоа како и успехот на сите сепаратистички партии, силно зборува за расположението во Шкотска околу тоа каде ја гледаат својата иднина, што е работа која треба да го загрижува Лондон.

Мнозинството се за заминување

Анкетите правени пред изборите покажуваат дека доколку сега би имало референдум, нешто над 50 отсто од Шкотланѓаните би се определиле за напуштање на Британија и за повторно враќање во ЕУ, затоа Никола Старџен е категорична – не е веќе прашање дали ќе има втор референдум, туку кога тој ќе се организира.

Во една ваква атмосфера, цинички настроените коментатори во Лондон забележуваат дека Борис Џонсон со својата арогантна, англиска, националистичка и антиевропска политика успеа за неколку години да растури се што еден Тони Блер, како премиер, од 1997 до своето повлекување во 2007 година, направи за зачувување на единството и целовитоста на Британија.

Од историскиот мировен договор на Велики петок, преку законот за деволуција, до давањето автономија на Шкотска, Велс и Северна Ирска.

Проценка на некои од овие коментатори е дека како тргнал Џонсон да го разградува и политички да го елиминира Обединетото кралство, може да се случи моќната Британија, на крајот одново да се сведе само на Англија,  осамена – како што не била уште од времето на Оливер Кромвел.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе