Русија прави „ѕид“ кон Европа
Ситуацијата во и околу Украина и натаму останува – ниту војна, ниту мир.
На сите страни „летаат“ закани и предупредувања, како и понуди за мирно и со дипломатски средства решение на кризата, што е создадена од порано, уште пред седум години, со сепаратистичкиот бунт во украински Донбас и со анексијата на Крим.
Од после Нова година, наместо дотогашниот „замрзнат“ конфликт, ситуацијата почна да се усложнува .
На почетокот случувањата не беа ниту вест за пошироката меѓународна заедница. Но, во изминатите месеци, се имаат случено низа инциденти по линијата на прекинот на огнот, што сепаратистите ја сметаат за „меѓудржавна граница“, откако од Донецк и Луганск прогласија „независна народна република“, како и на полуостровот Крим, кој по руската агресија од март 2014 година, беше анектиран.
Време пред инвазија?
Кризата доби во забрзување откако Русија почна да трупа војска на границата кон Украина и да носи секакво оружје во Донбас и на Крим. Прогласувајќи го полуостровот за руска државна територија, Москва отфрли секакви приговори за таквите свои потези, тврдејќи дека „на својата територија“ може да прави што сака .
Во секој случај, руските тенкови на границата со Украина, Русија го означи како дел од „воена вежба“, додека засилувањето на борбената моќ во Донбас, го толкува како обид да се „заштити населението кое зборува руски јазик“ и да се спречела „нова Сребреница“ – што ќе рече геноцид врз русофилите во овие два региони.
На големата концентрација оружје на границата, меѓутоа, и во Европа и во САД, се гледаше како на ситуација на време пред инвазија, еднаш видена во 2014 .
Од Москва тврдеа (и се уште тврдат) дека нема намера да ја освојува Украина. Руската страна, сепак, со месеци води жестока кампања против властите во Киев, обвинувајќи ги дека токму тие ја создаваат кризата со, наводната, намера да извршат напад врз Донбас за да ја вратат под контрола територијата на (практично) отцепените Донецк и Луганск.
„Црвените линии“ на Москва
Украина повеќепати повтори дека нема такви планови и дека сака со дипломатски средства да се ставил крај на сегашната ситуација во која се наоѓа земјата. А, таа е вистински „распарталена“ – како Грузија, или како Молдавија – со значајни делови од државната територија врз кои Киев нема никаква контрола, Исто онака, како што Абхазија и Јужна Осетија, или Придњестровје се надвор од контролата на Тбилиси или на Кишинев.
Западот – трупањето војска и оружје на границата – го означи како закана за украинскиот територијален интегритет, па ја предупреди Москва да престане со своите воени игри, навестувајќи дека доколку нешто се случи, Киев ќе ја има западната поддршка.
Руската страна, меѓутоа, одговори прашувајќи што Западот, воопшто, бара на Истокот, на територија која Москва ја смета за своја, а потоа и предупредувајќи дека „доколку Западот ја мине црвената линија, ќе се соочи со одлучен одговор од Русија“.
Во меѓувреме, рускиот претседател ја одби поканата од Володмир Зеленски да се сретнат и да разговараат за Донбас, но (во принцип) се согласи да има Самит со Џо Бајден, веројатно во јуни, некаде во Европа.
Чекајќи „грешка“ на САД
Како и да е, остана напнатоста, иако од Москва се најави завршување на воената вежба, без повлекување на бројните воени сили и оружјето. Останува, така, заканата до Украина дека Русија може да интервенира – кога сака – и пораката до Западот за тоа дека (ако сака) Москва може да ја дестабилизира земјата, пред тие (Западот) да можат да помогнат.
Европски дипломати, затоа, веруваат дека зад целата оваа агресивност и борбеното расположение на Путин, стои една друга порака. Таа е дека рускиот претседател е спремен да искористи секаков погрешен чекор на САД за да го оствари својот дамнешен план – да подигне „ѕид“ кон ЕУ, кон Европа и во секој случај кон НАТО.
Тој „ѕид“ или некои го нарекуваат „штит“ би се поставил од молдавското Придњестровје, преку југозападот на Украина, се до Крим, за кого постојано се порачува дека полуостровот „за сите времиња“ останува руска територија.
Во основа, планот на Русија е да постави „завеса“ на југоистокот на Европа – што ќе го подели континентот на Истокот и Западот. Или попрецизно, меѓу Европа/ЕУ и она што сега Кремљ го означува како „руска земја“. Тука е повлечена таа т.н. „црвена линија“ која доколку Западот би ја преминал, би го почувствувал рускиот одговор!?
Пополнување на „празнината“
Воени експерти сметаат дека Москва, всушност, бара одговор за ракетниот штит на САД поставен во Полска и во Романија – двете земји членки на НАТО, некогашни сателитски држави на Советскиот Сојуз. Западот инсистира дека станува збор за одбранбено оружје, но од Русија тврдат дека тоа лесно би можело да се претвори во офанзивно. Освен тоа, на романска територија, во Трансилванија, е поставена и нова авионска база на НАТО.
„Ѕидот“ на Путин, сепак, не е „контра – мерка“ на Западот, затоа што тргнува од многу подалеку – од руската енклава Калињинград, на Балтикот, каде Русите веќе имаат поставено свој балистички ракетен систем, па од таму се спушта кон Црно Море.
Но, за да биде комплетиран потребно е да се најде решение за неговото јужно крило, а во него влегуваат делот на Молдавија, каде Кишинев нема контрола и украинската територија, која на тој начин, добива витално значење за комплетната изградбата на „ѕидот“ на рускиот претседател.
Во Украина треба да се помине преку регионот Буџак каде не живеат Руси и русофилско население, иако локалните луѓе зборуваат руски, а не украински. Тие, сепак, имаат поинакво потекло и не се врзани за Русија, како оние во источна Украина. А, тоа значи дека во „ситуација на воена интервенција на Русија“, Москва не би можела на нив да смета со онаа сигурност.
Централно место
Во централна Украина, како и на Западот од земјата, има многу малку руско население и оние кои се нарекуваат русофили.
Дури во овој дел од земјата има силно анти-руско расположение, па за разните аналитичари на ситуацијата во и околу оваа поранешна советска република, оваа територија се означува и како „загубена за Москва“. Според тоа, истокот и југоистокот на државата е она што ја интересира Русија – прво за да го затвори „ѕидот“ од Балтикот до украинското црноморие, а потоа и за да го обезбеди Крим, каде е сместена руската црноморска флота.
На другата страна, од сите тие причини, тимовите на американските демократи – како оној на Барак Обама, така и на сегашниот на Џо Бајден, посебно во Стејт департментот и во Пентагон – Истокот на Европа го гледаат поинаку од она како го гледаат неколкуте последни републикански претседатели.
Проценка на политички експерти е дека за демократите Украина има централно место во политиката на САД кон Европа. Оваа проценка тргнува од тоа дека Американците се враќаат кон поставената шема на некогашниот советник за национална безбедност Збигњев Бжежински кој беше дел од администрацијата на претседателот Џими Картер.
„Враќање“ во минатото
Некои аналитичари во Европа ја опишуваат неговата русофобија со фактот дека тој беше бегалец од комунизмот и од Полска, врз чија основа Бжежински ја има градено и (својата) стратегијата за тоа како САД треба да се постават кон Москва.
Прв пат беше промовирана во услови на „студената војна“. Во денешно време, таа би требало да значи дека Бајден ќе ја насочува својата стратегија кон Источна Европа и кон она што се нарекува Евроазија – со потиснување на Русија – понатаму на Истокот.
Сите, меѓутоа, не веруваат во една вака поставена стратегија и ја сметаат за теза од времето на комунизмот во Источна Европа. Се верува дека доколку продолжи да се форсира, односно да се прикажува како основа за (новата) американска политика во Европа – може само да му биде алиби на Путин за неговата агресивна политика.
Пред се, кон Украина, Молдавија и Грузија, како поранешни републики на СССР, но и кон другите на Истокот од континентот и во реонот на Западен Балкан, кон земјите кои се уште не се во ЕУ.
Казнување на Украина
Во сите овие три екс советски републики, Москва има пуштено „пипала“ и во сите три настојува да одржува – или нестабилност, или да обезбеди свое, проруско раководство.
Во 2014 година, од контрола им излезе најголемата и најважната земја за подигнување на „ѕидот“ – Украина, со настаните од Мајдан и со тргање на прорускиот претседател Виктор Јанукович. Ако за Балтикот, каде три екс советски републики влегоа во ЕУ, но и во НАТО, треба да е „виновен“ Борис Елцин, тогаш во украинскиот случај, пропустот треба да му се припише на Путин.
Очигледно е дека тој самиот, тоа не може да си го прости, па затоа ја казни Украина, земајќи и го Крим и Истокот (Донбас).
Затоа, сега го брани диктаторскиот режим во Белорусија, дека Американците, наводно, се обиделе да го ликвидираат Александар Лукашенко. Конечно, затоа е сегашниот силен притисок врз Киев, а преку него и врз Западот и САД – да не се мешаат во „дворот на Русија“ и во она што се смета како „руска земја“.
(С.С.Г.)