Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Чернобил: 35 години по катастрофата

02konon/Depositphotos.com

Чернобил: 35 години по катастрофата

Пред 35 години, светот беше сведок на најголемата, досега, нуклеарна катастрофа, кога експлодира, а потоа и се запали четвртиот реактор на НЕЦ „Владимир Илич Ленин“ во местото Чернобил, оддалечено 110 км од Киев. Во тоа време, стануваше збор за Советскиот Сојуз, денес тоа е Украина.

Радиоактивните честички што се ослободија ја контаминираа целата околина. Во атмосферата се создаде радиоактивен облак што од украинската и белоруската територија, се пресели над Балтикот и потоа над северот од Европа, но на крајот се разнесе , речиси,  низ целиот континент.

Целата ситуација околу хаваријата и катастрофата се усложни, прво затоа што се покажа дека нуклеарната централа беше лошо управувана и целосно неподготвена за вакви вонредни прилики. Дежурните пожарникари и луѓето задолжени за безбедноста на стартот се бореа со огнената стихија, како да станува збор за обичен пожар. Втората работа беше  што тогашните советски власти (на почетокот) сокриваа што се случило.

Сокривање на вистината

Сокриваа од сопствената јавност, а сокриваа и од меѓународната која не знаеше за нуклеарната катастрофа се додека не алармираа шведски власти, соопштувајќи за значително зголемената радијација во воздухот над северот од Европа.

Кога вистината почна да се открива, на брзина беа евакуирани стотина илјади луѓе од Чернобил и од блискиот град Припјат, а беше воспоставена зона на контаминација од над 2500 км. Но, ни тогаш не беа известени (и предупредувани) два милиони луѓе кои живееја во Киев и во неговата најблиска околина.

Загинаа стотина лица кои беа најблиску до местото на хаваријата, како и оние кои храбро се впуштија во борбата со огнот, не сметајќи, на многу поголемата моќ на радијацијата. Проценка е дека во следните месеци бројот на жртвите од експлозијата се има искачено до илјада починати.

Дури 400 пати поголема и посилна радијација ослободи Чернобил – доцна ноќта на 26 април 1986 година – од атомската бомба што беше фрлена над Хирошима во август 1945 година.

Припјат – место на духови

Експерти, затоа,  сметаат дека можеби никогаш повеќе тој дел од украинската територија, пред се,  реонот околу централата и околу Припјат нема да бидат погодни за живот.

Сега, 35 години подоцна, ова мало место изгледа како град на духови – со згради празни и без население, со паркови и игралишта без луѓе и училишта без деца – сето обраснато во трева и во разни други растенија, во мрачен пејсаж на полуразурнати и распаднати објекти.

Целиот  крај и натаму потсетува на место каде се случила голема трагедија.

Впрочем , тоа останува да биде локацијата на најголемата досегашна еколошка катастрофа и на мрачните сеќавања. Новите генерации, меѓутоа, и оние кои чернобилската хаварија ја знаат само како настан од детството, сметаат дека веќе е време Чернобил да почне да се покажува и поинаку-  како пример за тоа како да се надминат последиците, псле нешто вака страшно.

Украинскиот министер за човековата околина Бохдан Боруховски открива дека властите во Киев сакаат Чернобил, во иднина, да се прикажува како зона на обнова и на развој во која би се развивал еден специфичен туризам и тоа околу самата, по зло позната нуклеарка.

Туристичка атракција

„Сметаме дека локацијата би можела да се прикажува како местотоа каде се направени човечки грешки, со трагични последици, но и како место на големиот човечки хероизам, што заедно може да ја претворат локацијата туристички атрактивна“ – има изјавено овој украински министер.

Велат дека последните мерења покажуваат дека нивото на радијација во Чернобил е ниско и безбедно (за посети). Обновен е растителниот и животинскиот свет, а одново таму се вратиле и дивите животни.

Сепак, не се дозволува населување на луѓе. Можеби тоа и никогаш нема да се дозволи, иако велат дека имало стотина жители кои и натаму има во близината на некогашната нуклеарна централа.

Планот на владата е  да се направи еден голем музеј на отворено – на кои би се прикажале возилата, опремата, техниката и сето она што се корисетело пред 35 години за да побрзо се изгасне пожарот и за да се покрие отворот од реакторот, направен по експлозијата.

Лет над „закопаниот“ реактор

Засега е почнато со една „чернобилска атракција“ – авионски летови над реакторот сега цврсто ставен во својот оловен сандак и над целата област. Авион полетува од Киев и правејќи кругови, на патниците им овозможува да гледаат и да снимаат како Чернобил изгледа денес.

Почнато е од првата недела на март и се тврди дека „бизнисот цвета“ – за еден час летање се плаќа 85 евра. Уверуваат дека, што се однесува до радијацијата, се е безбедно.

Како аргумент се користи и најновото истражување според кое децата зачнати по катастрофата немаат мутација на својот ДНК.

Во секој случај, во Киев уверуваат дека ситуацијата е подобрена во овие 3,5 децении, па дека може да има и економска дејност – со или без ограничувања. Исклучок би биле поедини реони во целиот тој крај, каде радиоактивноста е повисока од она што може да се толерира.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе