Џонсон: Смртноста од Ковид ја намали само локдаунот
Британскиот премиер Борис Џонсон, во својот веќе познат стил – еднаш топло, а потоа студено – ги предупреди Британците, но посебно Англичаните и лондончани да останат и понатаму максимално претпазливи кон епидемијата со коронавирусот и покрај олеснувањата на некои од досегашните мерки против ширењето на пандемијата.
„Падот на смртноста од Ковид е резултат само на тримесечната блокада и на ВОВЕДЕНИОТ ЛОКДАУН, А НЕ МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА“ – изјави Џонсон. Притоа, тој призна дека ЌЕ УСЛЕДИ НОВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЗАРАЗЕНИТЕ, веќе во следните две недели, по владината одлука.
Според британскиот премиер, сите тие мерки ја имаат одиграно најважната работа во британската битка со пандемијата. Сепак, тој останува на тоа – владата да не го менува планот за отворање и за покренување на домашната економија, која веќе има претрпено огромни штети.
„Новозаболени и нови починати“
„Меѓутоа, треба да сме свесни и подготвени дека како ќе попушта блокадата против короната, ќе има НОВОЗАРАЗЕНИ, дека ќе се зголемува бројот на инфицираните и за жал – ќе има и НОВОЗАБОЛЕНИ И НОВИ ЖРТВИ“ – има речено Џонсон.
Велика Британија меѓу првите во светот (со Израел и со САД) почна со вакцинација на населените од над 50 годишна возраст, на хронично болните и на заболените од специфични болести, како и на здравствените работници.
Сегашните официјални податоци покажуваат пад на бројот на заразените, заболените и на смртноста, па во Англија од понеделникот, се отворија продавниците, фризерниците и берберниците, теретаните, како и пабовите и тоа во нивните дворови и отворени простори.
Шкотска, Велс и Северна Ирска, меѓутоа, објавија дека нема да го следат англискиот модел и дека ќе одат позабавено во олеснувањето на локдаунот, почнувајќи од крајот на овој месец.
Јужноафриканскиот вид во јужен Лондон
Новото предупредување на Џонсон доаѓа во време кога во јужните делови од Лондон се влошува епидемиолошката ситуација. Во густо населените делови Ламберт и Вондсворт се регистрирани нови случаи на заразени со новиот т.н. јужноафрикански вид корона.
Станува збор за вирус познат како Б.1. 351. за кој експертите сметаат дека е отпорен на сите сегашни вакцини, односно дека тие на Астра/Зенека и на Фајзер се помалку ефикасни на овој вид вирус. Епидемиолозите потврдија дека досега стотина лица се заразени со јужноафриканскиот вид, по што е наложена итно и забрзано тестирање на луѓето од овие лондонски општини.
„За тоа како ќе се одвиваат натаму работите и дали овој вирус сега зема замав, ќе се знае во следните две – три недели. Доколку тоа се случи, тогаш веднаш ќе мора да се запре со олеснувањето на локдаун мерките и со отворањето на пабовите и кафулињата и јавните места на кои се собираат многу луѓе“ – има изјавено Џејмс Нејсмит, професор за структурна биологија на Унивезритетот во Оксфорд.
Повторувањето на ланскиот случај?
Ова се случува во деновите кога Лондон „го прослави“ отворањето на пабовите по три месеци блокада, со масовна посета и со уште помасовна пијачка. Некои експерти, меѓутоа, сметаа и претходно дека одлуката на владата е преуранета и избрзана.
Според нив, вакцините и спроведената вакцинација е сосема ОК, но вакцините не се лек и од нив не може веднаш да се очекува да дадат резултат, особено што тие различно делуваат на различни луѓе.
Како и да е, овие здравствени експерти, не негирајќи ја вакцинацијата, сепак, стравуваат дека и овој пат може да се повтори минатогодишната ситуација.
На почетокот од јуни 2020 година се попушти со карантинот и со локадунот во Британија (а и во низа други земји од Европа), па Британците тргнаа на одмор и летување. Но веќе во август, мораа да „бегаат“ од одморите во Грција, Италија и Шпанија, а на британските острови да расте бројот на новозаразените .
Остана само нејасно – дали Британците отидоа на одмор веќе заразени (со нетипични појави), или се инфицираа таму каде отидоа да летуваат.
Велика Британија, официјално, има регистрирани 128 илјади жртви на пандемијата со коронавирусот. Според смртноста, таа е пета земја во светот.
(Д.Л.)