Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Белорусија пред исклучување од Евросонг

gustavofrazao/Depositphotos.com

Белорусија пред исклучување од Евросонг

Белорусија и нејзината песна за годинешниов Евросонг, се соочуваат со исклучување затоа што понудената песна е оценета како политичка.

Унијата на европските радио – телевизии (ЕБУ) соопшти дека белоруската песна била отфрлена и може да биде и дисквалификувана, доколку РТВ на Белорусија не го измени нејзиниот текст, или пак ако не понуди сосема нова песна.

„Заклучивме дека предложената песна го доведува во прашање неполитичкиот карактер на Евросонг“ – се вели во соопштението од ЕБУ. Особено што, како што се додава во соопштението, песната веќе има предизвикано реакции кои му се закануваат на угледот на ова европско музичко натпреварување.

Осуда на демонстрациите

Текстот на песната, инаку, е полн со политички набој, со напади на протестите и на демонстрантите кои со месеци излегуваа на улиците на Минск и другите белоруски градови, протестирајќи против 27 годишното владеење на претседателот Александар Лукашенко.

Во текстот на песната се споменуваат дури и некои веќе казнети, или сменети од функциите јавни личности од оваа земја, затоа што ги имаат подржани протестите. Бендот кој ја изведува белоруската песна, во еден момент, пее испраќајќи порака – ќе ве научам (јас) на ред – што минатото лето беше изговорена од Лукашенко во едно негово обраќање во кое ги осудува протестите.

Критичари велат дека доколку една ваква песна биде изведена на Евросонг, таа практично, ќе го легализира насилството на властите врз мирните демонстранти кои излегоа на улиците по претседателските избори во август 2020 година кои не ги признаа за фер, демократски и валидни – како домашната опозиција, така и меѓународната јавност.

Фронтменот како политичар

Засега нема реагирање од белоруската РТВ, како и од властите во Минск, но членовите на бендот веќе имаат дадено изјави за западните агенции кои се прилично политички интонирани.

Фронтменот на петчлената група има речено дека „не го изненадува ваквата одлука“ и дека „таа требала да се очекува откако на Белорусија и беше одземена организацијата на СП во хокеј на мраз“. Сега Белорусија ќе биде исклучена и од Евросонг – рекол музичарот.

Групата Galazy ZMesta е позната во тамошната јавност како силен поддржувач на режимот, а членовите на бендот повеќепати ги имаат осудувано и критикувано протестите, обвинувајќи ги демонстрантите дека се „обидуваат да ја растурат државата“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе