Политичка вакцинација
Кога една здравствено-епидемиолошка операција – од глобални размери – се претвори во политика и во орудие за политичко натпреварување на политичките лидери, тогаш и резултатите од вакцинацијата на населените против коронавирусот, се такви какви што се. Или, едноставно речено – далеку се од оние што есеноска, додека набрзина се настојуваше да се открие вакцината, ги очекуваше мнозинството од светската популација.
А, тие, според сознанијата на ОН и на Светската здравствена организација (СЗО) се поразителни.
Во првите 2,5 месеци, откако е започнато со вакцинирањето (официјално), се вакцинирани околу 190 милиони луѓе на целата Планета, или помалку од вкупното население на една држава каква што е Индонезија, на пример. Но, многу повеќе поразително е сознанието дека над ТРИ ЧЕТВРТИНИ од вакцинираните – најголемиот број со само една доза – се луѓе од ДЕСЕТТЕ НАЈБОГАТИ држави во светот.
Богати и сиромашни
Во истото ова време, 130 земји, со приближно 2,5 милијарди население, немаат ниту еден вакцинирани, а меѓу нив се и земји кои важат за сиромашни, како и оние кои се средно развиени. Тоа го предизвикаа – парите на богатите, нивната финансиска и политичка моќ, лакомоста на фармацевтските компании кои во сегашната пандемија видоа и гледаат можност за големи профити, како и обманата што тие ја предизвикаа ветувајќи милијарди дози до крајот на првиот квартал од 2021 година.
СЗО подготви и се јави како патрон на еден глобален систем за дистрибуција на вакцините, наречен Ковакс. Системот, меѓутоа, го растурија богатите и моќните уште на стартот, иако тој и сега и во иднина е неопходен.
Секако, доколку БОГАТИТЕ не престанат да трупаат ЗАЛИХИ со вакцини, не прашувајќи за нивната цена и постојано правејќи политички маркетинг од тоа – кој колку нарачал нови, дополнителни дози со вакцини и кој до кога ќе ги добие. Убаво е кога сето тоа уште ќе се спакува за пред некакви избори, или за градење личен и партиски политички рејтинг.
Трупање залихи со вакцини
Засега е поразително дека нема никаков одглас, дури и кај медиумите, за постојано повторуваниот апел на здравствените експерти, на вирусолозите и епидемиолозите дека – никој не е до крај безбеден, доколку сите не се безбедни од заразување – што ќе рече станат имуни на короната. Светот се соочува со глобална пандемија, за прв пат по сто години и таа може и треба ГЛОБАЛНО да се решава.
Наместо тоа, во првите 2,5 месеци и натаму важи (колку да е сурово и нехумано, зашто станува збор за здравје) правилото – вакцини прво мене!
Експертите и луѓето од јавното здравство кои веќе 18 месеци водат битка со пандемијата и со вирусот за кој се уште не се знае какво му е потеклото – предупредуваат: „Пандемијата нема да престане доколку најбогатите држави НЕ ГИ ПОДЕЛАТ СВОИТЕ ЗАЛИХИ СО ВАКЦИНИ – со останатиот свет.”
Од ваквата ситуација не успеа да се спаси ниту Европската Унија.
ЕУ со осум отсто вакцинирани
И покрај постоењето на некои нејзини организациони состојби, или на направени „грешки во чекори“, сепак, ЕУ сега, заостанува зад еден Израел, кого медиумите го имаат прогласено за „светски првак“ во процесот на вакцинирањето – колку и да работите и состојбите, на никаков начин не може да се споредуваат.
Или, пак, зад една Британија чија популистичка влада, во првите два месеци, откако и формално е надвор од ЕУ, настојува по секоја цена да го следи израелскиот „модел“ и над се, да им покаже дека биле во право евроскептиците кога зборуваат дека без Унијата, им било подобро.
Како и да е, ЕУ остана длабоко во кусок при испораката на нарачаната вакцина за сите земји на Унијата, како и за државите од Западен Балкан, кои за прв пат, во еден ваков процес, беа изедначени со земјите членки.
Иако и во вакви услови, ЕУ е пред една Кина, или Русија во вакцинирањето на населението, таа со осум отсто од вакцинираните Европејци, заостанува зад британските околу 20 отсто и израелските 40 отсто. Тоа им дава повод на некои европски медиуми да се јавуваат со „алармантни повици од јавноста во ЕУ“ во стилот – Давајте вакцини, какви и да се и од каде и да се. Секако, мислејќи при тоа, на руските и кинеските – кои се уште немаат дозвола за употреба во Унијата.
Русија и Кина
Ваквите наслови делуваат и лажно и антиевропски пропагандистички – затоа што токму низ Унијата, во исто време, безмалку на секои неколку денови има протести на разни антиваксерски групи и организации – против вакцинацијата – кои тргнуваат од западните европски земји, преку Средна Европа, се до Романија и Бугарија, на Балканот.
Во јавноста, сепак, се продолжува со притисокот да се прифатат и вакцините од Русија и од Кина, без разлика што и едната и другата немаат доволно сили и капацитети да ги задоволат барањата, а уште повеќе ветувањата на разни земји, во трката со Западот, како и истакнувањето на успешните примери на Израел и на Британија – за да се удира по ЕУ и посебно по Брисел и Европската комисија.
Некои работи, кога треба да се мерат едната страна (кинеско-руските вакцини и израелско-британските постигнувања) и другата – Унијата и нејзините стандарди, како политички и трговски, така и здравствени – останаа неизмерливи – што не значи оправдување за се направено и ненаправено од страна на Брисел.
Меѓутоа, факт е дека Кина и Русија не може да се мерат со ЕУ, затоа што во Пекинг и Москва има авторитарни лидери кои САМИ носат одлуки и никому не даваат отчет за тоа. Најмалку за тоа – кому ќе му се префрлат, а кому не, вакцини и во колкави количества.
Израелско/британски „феномен“
Што се однесува до феноменот Израел, Скопје/Глобал веќе пишуваше дека ЕУ со своите 450 милиони население и Израел со неговите десет милиони, никако, не може да се споредуваат.
Освен тоа, Бенјамин Нетанијаху со помош на вакцините и еуфоричното вакцинирање, се бори за својот политички живот, на изборите за две недели. Уште повеќе, тој се бори и за останување на слобода, затоа што доколку доживее пораз, ќе му се суди за корупција и (најверојатно) ќе оди во затвор.
Британецот Борис Џонсон, од своја страна, се има определено за брзо вакцинирање, но за разлика од ЕУ, Британците ја примаа првата доза без да се има обезбедено втората.
И, најважното во британскиот успех – владата се спогоди со менаџментот на британската Астра/Зенека сите капацитети на британска територија да работат само за британските потреби – според принципот – вакцините прво и само за нас во Британија. Ниту владата во Лондон, а ниту компанијата не водеа сметка за тоа дека на тој начин се крши договорот на Астра со ЕУ.
Силно антиваксерско движење
Колку и да стојат сите овие работи, тие може само да ја објаснат позицијата на Унијата, наспроти другите големи во светот и наспроти примерите на две земји – изведен меѓудругото и од политикански мотиви.
Останува забелешката за погрешната проценка околу фармацевтските компании и верувањето во нивната чесност. Тука се и критиките дека Европската медицинска агенција (ЕМА) не се има снајдено во сегашнава криза, при одобрувањето на лиценци за користењето на некоја од вакцините.
Од таму, а и од Брисел, меѓутоа, даваат поинакви видувања.
Својата внимателност, можеби и поголема од обично, ЕМА ја објаснува со силното антиваксерско движење и стравувањето од кикс со некоја од вакцините, затоа што било каква кобна грешка со било чија вакцина, би им дало полет на ваквите групи, а тоа пак, целосно би ја уништило програмата за имунизација.
Сите 27 земји од ЕУ, барале од ЕМА максимална строгост при контролата и оценките на понудените вакцини, затоа што, на пример – секој четврти Италијанец е против вакцинацијата. Таков е секој трет Германец, а секој втор Французин, се има изјаснето дека нема да прими вакцина против ковид.
Најниска цена и гаранции
Токму затоа, секоја од земјите членки на Унијата, стравуваат (здравствено, но и политички – поради изборите на секои четири години и гласачите) да се избере и одобри погрешна вакцина, односно вакцина чиј ефект ќе биде слаб, или ќе носи посериозни контраиндикации.
Конечно, ЕУ во преговорите со фармацевтските компании се избори за НАЈНИСКА ЦЕНА, штитејќи го својот пазар, како и тргнувајќи од тоа дека на него има 450 милиони население – како што нема никој друг. Но, дилемата е дали тоа го (зло)употребија Израелците, Британците и некои други, кога ги зедоа за себе дозите што требаше да одат на друга адреса – нудејќи им на компаниите повисока цена, или дури колку тие ќе побараат!? Па, така се дојде цените на една доза да се движат од пет до 60 евра.
Фармацевтите и свртеа грб на Унијата и затоа што Брисел се избори за ОДГОВОРНОСТ на компаниите доколку се случат несакани последици од нивните вакцини. Колку што се знае тоа не го имаат побарано ниту Израелците, а ниту Британците.
А, одговорност значи дека во случај на несакани последици, заштитени и осигурени во ЕУ се само оние кои се вакцинирани со вакцините што ги има одобрено ЕМА.
(Спектатор)