Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Албин Курти: Би гласал за обединување!

Албин Курти: Би гласал за обединување!

Лидерот на косовската партија Ветвендосје (Самоопределување) Албин Курти, кој на неодамнешните предвремени парламентарни избори во Косово освои најмногу гласови, изјави во Приштина дека доколку „некогаш би се одржал референдум за обединување (федерација) со Албанија – тој би гласал “За“.

Оваа поранешна југословенска и српска покраина, прогласи независност во февруари 2008 година.

Повеќе од 90 отсто од 1,8 милиони Косовци се етнички Албанци и во изминатите 13 години најмладата балканска држава настојува да се избори за своја меѓународна афирмација, но иако е призната од стотина држави во светот, Косово се уште не е член на ОН и на низа други меѓународни организации.

„Жива“ идејата за една држава

Сите такви обиди се блокираат од Србија која одбива да ја прифати и да ја признае косовската независност, за што на меѓународната сцена и во ОН ја има поддршката на Русија и на Кина.

Властите во Приштина настојуваат да ја зацврснат својата државност и сувереност, силна поддржувани од локалното албанско население, сепак, и од двете страни на границата, меѓу националистите, продолжува да живее и идејата за обединување на двете соседни држави, во некаков федерален сојуз.

Во интервју за „Јуроњуз“ Курти не крие дека ја подржува идејата за унија со Албанија, или како што вели – или за унија со ЕУ.

Но, притоа тој инсистира дека доколку би дошло до тоа, да се актуелизира едно вакво прашање, тоа би морало да се изведе мирно, демократски и на ненасилен начин.

Во секој случај, зборува за тоа дека процесот за обединување би одел преку два референдума – едниот во Косово, а другиот во Албанија и дека претходно би морало да се смени и косовскиот Устав. Во интервјуто рекол дека тоа е неопходно, затоа што сега во првиот член во Уставот постои контрадикција. На едно место се зборува дека Косово е суверена и независна република, а во третиот став од истиот член, дека не може да се припои (приклучи) кон друга држава.

Тврди ставови за преговорите

Таквата поставеност на овој член е разбирлива, па уште од почетокот на косовската државност, се знае зашто членот е така формулиран. Но, Курти уверува дека „независноста имплицира и независност од независноста“ (!?) што според неговото толкување – „овозможува влез во федерација со Албанија, или со Европската Унија“.

Албин Курти на косовската политичка сцена, а и во меѓународната јавност важи како националист и неговите ставови кон преговарачкиот процес со Србија се потврди, во споредба со неговите претходници и политички противници.

Тој вели дека е подготвен за дијалог (со Белград) но дека од тој дијалог луѓето (на Косово) ќе мора да имаат полза, инсистирајќи дека во Србија ќе мора да се случат промени во нејзиниот однос кон Косово. Вели дека не е за договор после кој Косово ќе остане без надоместување од државата Србија. Смета дека е неопходно извинување, признание и исплата на репарации.

„На Србија и треба Де Гол“

„На Србија сега и е потребно, таа самата да се ослободи од Косово. Треба да го направи она што го има направено Французинот Шарл де Гол кој има речено – Франција е голема и без Алжир. Во Белград сега треба да се објави дека – Србија е голема и без Косово“ – рекол Курти за „Јуроњуз“.

Како сега стојат работите, Албин Курти ќе биде мандатор за новата косовска влада и најверојатен нов премиер – функција од која тој беше принуден да се повлече во јуни 2020 година.

Но со тоа не се разрешени сите дилеми на косовската политичка сцена, на која четири пати се оди на избори за нешто повеќе од две години.

Станува збор за тоа дека новиот Парламент треба да избере и нов претседател на државата, за што е потребно дво – третинско мнозинство. Курти во овој момент нема толку пратеници, и покрај тоа што (уште еднаш) обезбеди најмногу гласови на изборите.

Доколку не се избере претседател, за што е потребна поддршката од опозициските партии – Демократска лига на Косово (ЛДК) и Демократска партија на Косово (ПДК) – кои заедно имаат 30 пратенички места, тогаш владата ќе падне и ќе мора одново, по пети пат, да се оди на гласање.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе