Почина Ѓорѓе Балашевиќ
Познатиот музичар и кантавтор од Нови Сад, Ѓорѓе Балашевиќ, популарен на просторот на целата поранешна Југославија, почина на инфективната клиника во својот роден град, од последици предизвикани од коронавирусот. Имаше неполни 68 години.
Според војводинските медиуми, пред три денови тој бил итно префрлен во болница, откако десетина денови пред тоа, се лекувал во домашни услови од, како што беше пренесено, силно воспалување на двете белодробни крила.
Против војната и национализмот
Познат по прекарот „Панонскиот морнар“ Балашевиќ со музика почнува да се занимава како член на групата „Жетва“, а потоа и на групата „Рани Мраз“ со која се пробива на тогашниот југословенски музички простор, со посебниот стил на музика на оваа новосадска група.
Од 1982 година, ја започнува својата соло кариера која ќе го прослави, компонирајќи, пишувајќи текстови и пеејќи. Во својот опус има издадено 16 албуми, заедно со оние како член на двете групи каде има настапувано.
Се има појавено и како актер во неколку телевизиски серии, а има снимено и еден филм, насловен како “Раниот мраз“ во кој игра и неговиот пријател Раде Шербеџија.
Во музичкиот свет ќе остане запаметен по своите коментари на разните актуелни состојби, во текот на своите соло концерти. Но сите најмногу ќе го паметат како жесток критичар на војната, на војните и на национализмот во деведесеттите години од 20 век, при распадот на поранешната сојузна држава.
Беше и остана жесток критичар на режимот на Слободан Милошевиќ.
На концерти во Сараево и Загреб
Оние, пак, кои го подржуваа тогашниот националистички, српски „вожд“ и застанаа во одбрана на крвавите воени судирања, во името на „националната кауза“, го обвинуваа дека се „замешал во политиката“ и тоа на „погрешната страна“.
И сега, се до пред неговата смрт тој остана неомилен и критикуван од српските националисти кои го дисквалификува како „автономаш“, односно како поддржувач на идејата за Војводина како „република“, што тој од секогаш го демантираше.
Како голем пацифист и противник на секаков национализам, Балашевиќ прв и единствен меѓу музичарите, се огласи против војните на тлото на екс Ју. А, потоа, прв по војната, одржа концерт во Сараево, на некој начин извинувајќи се во името на народот кому припаѓа за она што се направи во БиХ, а потоа прв одржа концерт и во Загреб.
Во едно од последните интервјуа, за белградската Н – 1 телевизија, Балашевиќ ќе рече – „Кога ќе прозборуваш, тоа е веќе слобода“. А, потоа, ќе додаде – „Во мојата религија нема цркви и исповедалници, туку јас така си олеснувам душата“.
Разочаран од „новите клинци“
Еден од неговите големи хитови е песната „Некои нови клинци“, но тој нема да крие дека останал длабоко разочаран од „новите клинци“ во српското општество. „Наместо нови фаци – експерти, економисти, стручњаци – само се измешаа картите, па сите Тие и понатаму се тука, меѓу нас“.
Беше амбасадор за добра волја на Високиот комесаријат на ОН за бегалци.
По повод неговата смрт, во петокот вечерта, над илјада негови сограѓани и почитувачи на неговата музика, спонтано се собраа пред куќата во која беше роден и во која живееше, во улицата која беше опеана во една од неговите хитови, а потоа и во центарот на Нови Сад. Се собраа слушајќи ги неговите најголеми хитови и силно аплаудирајќи им на секоја од нив. Како на концерт.
(Д.Б.)