Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Кого Македонците сакаат повеќе

Ale_Mi/Depositphotos.com

Кого Македонците сакаат повеќе

Изминатите шест месеци се изнаслушавме се и се сешто од нашите „пријатели“ од Софија.

Од тоа дека „шириме непријателство“ кон Бугарија (секако мислејќи на актуелната власт, а не на националистичката десничарска опозиција која пука по македонскиот премиер, а не по оние кои ни мислат лошо) како и дека ги третираме Бугарите како „фашисти“.

Потоа, дека ја „крадеме“ од нив историјата, дека „имаме територијални претензии“ кон делови од Бугарија, дека сме барале македонско малцинство (а такво не постоело, зашто не постоела ниту посебна македонска нација), па се до националистичката алхемија за тоа дека не сме ни свесни оти сите ние етнички Македонци, со генерации наназад (веројатно и пред постоењето на независна бугарска држава) – како „Раја“ во Отоманската империја – сме биле Бугари.

Две лица на Софија

Таквото „пријателство“ мислевме дека остана далеку зад нас. Верувавме дека сега, конечно, ќе можеме да изградиме вистинско пријателство, врз основите на взаемното почитување. Наместо тоа, останавме измамени од луѓето од официјална Софија кои пред и по 1 јануари 2018 година ни ја нудеа европска Бугарија.

Нивниот министер-претседател Б. Борисов нам, на регионот и на ЕУ им зборуваше дека „стабилноста на Европа зависи од Балканите“.

Во инаугуралниот говор во Европскиот Парламент (средина на јануари пред три години) Борисов ќе го истакне посебно примерот на Софија и Скопје, како пример за Балканот (мислејќи секако на потпишаниот и парафиран договор за пријателство и соработка).

„Бугарија и БЈР Македонија дадоа еден исклучителен пример, за тоа дека има држави на Балканот кои со такт, со добронамерност, можат да решат проблеми“….

…има речено бугарскиот премиер. Уште се изразува и добра желба за успех на (тогаш актуелниот) преговарачки процес меѓу Скопје и Атина, затоа што тоа ќе дадело „голема перспектива за Скопје за НАТО и за Европската унија“.

Бугарска контра

Се понатаму одеше онака како што посака Борисов. После македонско – бугарскиот, уследи и македонско – грчкиот договор. Република Северна Македонија стана веднаш по „Преспа“ од јуни таа година, членка на НАТО, а следната година (конечно) доби „зелено светло“ од Европскиот совет на ЕУ (лидерите на земјите – членки, меѓу кои и од премиерот на Бугарија) за отворање на преговарачкиот процес.

Кога Германија на 1 јули 2020 го презеде претседателството со ЕУ, а Ангела Меркел од истата говорница од која претходно не фалеше Борисов, најави дека до крајот на германското претседателство ќе започне преговарачкиот процес меѓу Скопје и Брисел – од Софија наместо поддршка – пристигна КОНТРА.

Истата таа бугарска влада, го искина на парчиња билатералниот договор со Скопје, прифатен без приговор од Парламентот на Бугарија, стави ВЕТО на почетокот за преговарачкиот процес, а „пријателите“ од Софија ја БЛОКИРАА Македонија, кога таа за прв пат во изминатите 30 години, се најде пред вратата на ЕУ.

Правејќи пред тоа отстапки – и со такт и со компромиси – што други порано не ги направија, продавајќи „комитлук“ и некакви „црвени линии“ низ Европа.

Во служба на антиевропските сили

Борисов застана зад своите воинствени, непријателски и националистички министри (за одбрана и за надворешни работи) кои се утркуваа кој повеќе и подолно ќе ги навредува Македонците, практично, „фрлајќи го во оган, за да изгори“ договорот кој инаку, првично, беше скициран за да и ПОМОГНЕ на Бугарија, на НЕЈЗИНИОТ европски пат, пред да стане членка на ЕУ, на 1 јануари 2007 година.

Излезе дека сега сме ги „мразеле Бугарите“.

Односно, не сме ги „сакале како што треба и колку што требало“ .Се броеја и текстови, кои наводно, биле непријателски. Всушност, само им се даваше материјал на ПРОТИВНИЦИТЕ на соработката и на македонско-бугарското пријателство, како и на европскиот пат на Македонија. Тоа ( кај нас) беа и се уште се лажните патриоти од скопското ВМРО, нивните платени пишувачи и т.н. „интелектуалци“ кои единствени АПЛАУДИРАА на бугарското вето!

Кавга со Србија

Служејќи им на тој начин само на оние во Македонија кои сакаат земјата да се претвори во „балканска Белорусија“ – „браќата“ од Софија почнаа и да се закануваат дека „ќе сме чекале со години пред вратата на ЕУ“.

Подоцна, уследи нова закана – дека Бугарија ќе не дотера на памет – па, не искараа дека сме биле опседнати со Тито (и Сталин) кои не создале како нација – (веројатно во кујната во Кремљ) „врз анти-бугарска основа“. А, тоа е тезата која толку нашироко беше обработувана во време на комунистичка Бугарија, во диктаторските години на семоќниот Тодор Живков, што се покажа дека сегашниот државен врв во Софија, ја има многу добро научено.

И, кога изгледаше дека канонадата од Бугарија полека се примирува до пред тамошните мартовски избори, целиот овој измислен (или од некого нарачан) „случај“ – Софија го  интернационализира. Во алхемијата на бугарската министерка за надворешни работи – за македонскиот јазик – беше вмешана и Република Србија.

Повод  беше најавата на владата во Скопје, за враќање на изучувањето на српскиот јазик во училиштата (за деца од српската етничка заедница) во Македонија, што, инаку, се практикуваше до 2007 година. Но, тогаш, скопските вмровци – ја укинаа таа (во основа) европска, демократска, мерка – за да нас, етничките Македонци не направат потомци на античките Грци, или можеби на Хунзите.

„Србизиран бугарски“

Министерката Е. Захариева на тоа реагираше во старо-бугарски манир, како да е  функционер од живковистичките години – тврдејќи дека тоа било „доказ оти македонскиот јазик е всушност, посрбен, или србизиран „бугарски“!!

Ова не беше одамна слушнато на Балканите, уште од падот на комунизмот во Бугарија, па во Белград им засмета.

Прво, затоа што е замешана српската страна во целото ова бугарско „замешателство“, а потоа и поради јасната бугарска порака – дека Софија покренува кавга со Србија – за Македонија.

Од Белград излез и забелешката дека Бугарија си игра со „санстефанските карти“ за некаква „голема Бугарија“, како и дека води „студена војна“ со Србија на македонската територија.

Кога  целото ова враќање на историјата и на балканските расправии околу и за Македонија од 19 век, сега во 21 век, од кои истрошивме две децении, не би било тажно и поразувачко, секако, би требало да биде смешно. Едноставно, затоа што излегува дека Софија е налутена што ние (Македонците) не ги сакаме нив толку многу, колку што ( наводно) сме сакале некој друг!!??

Пораката на Желев

Не излезе работата за смеење. Во атмосферата на потпалениот национализам што го пуштија слободно да се шета низ тамошната јавност, бугарското МНР го има повикано српскиот амбасадор во Софија, за да му вложи протест – за непријателски однос кон Бугарија!?

Тогаш некој таму како да почувствува дека работите отидоа предалеку.

Еднаш одамна, првиот посткомунистички бугарски претседател Жељу Желев, потребата Бугарија да ја признае независноста на Македонија, по распадот на поранешна Југославија, ја има објаснето едноставно:

„Ние во Софија не сакавме одново (како во времето на Балканските војни) да се расправаме за Македонија и кому таа да му припадне“.

Малку изгледа веројатно дека некој сега, во оваа Софија, се сетил на овие предупредувачки зборови на Желев. Но, Захариева побрза да се оправда тврдејќи дека „погрешна е тезата дека Бугарија води со Србија „студена војна“ на територијата на Македонија.

Сепак, доследна на себе и на сето она лошо што го направи за Бугарија и нејзиниот престиж во ЕУ и на Балканот, а посебно во расипувањето на односите со Македонија, таа одново, цинично ќе возврати –  сепак „Белград има силно влијание врз Скопје“.

Захариева за тројно пријателство

“Ние секако не водиме војна. Ниту со Република Северна Македонија, ниту со Република Србија, ниту со било кого, но не е тајна дека Србија има силно влијание во Скопје и сигурно постои постои тенденција за приближување кон српскиот јазик (!?), кон српскиот бизнис и кон српските институции”

…рекла за „24 часа“ госпожата Екатерина. Додавајќи, притоа, уште дека „тоа (македонската љубов кон Србија) не запрела последниве 30 години и дека  било разбиливо….“

И, се така во тој стил и со таквиот јазик… кој само остава простор за прашањето – дали  таа, со некого, се бори за душата и срцето на Македонците, или од тоа навистина произлегуваат старите, изветвени царистички претензии за македонската територија.

Но, Захариева потоа настојува да не увери дека таа (и Софија) „не сакаат да го уништат пријателството“ меѓу Србија и Македонија, туку дека „сака СИТЕ да бидеме ПРИЈАТЕЛИ“.

Сега одново се поставува прашањето – што од сето ова да се прифати како искрено. Секако, сакаме да бидеме пријатели, ама таа силна заложба на македонскиот премиер, во Софија максимално се потрудија да ја уништат, да ја понижат, а него лично да го дисквалификуваат пред македонската јавност.

Во ваквата атмосфера , навистина, станува нејасно – кому тоа некому во Софија, или можеби некому подалеку, воопшто, му беше потребно. И, кому му одговара Македонија да остане да чека на одоброволувањето на Бугарија, за се дозволи патот на земјата кон ЕУ.

Патишта и пруги

Тоа се работи на кои треба да одговори Захариева, која (со Борисов) дозволија еден К.Каракачанов да им ја води европската и балканската политика. Онака како тоа им одговара само на противниците на ЕУ, на навлегувањето на Унијата во Западен Балкан, да се ослабне југоисточното крило на НАТО и онака растресено со постојаните грчко – турски кавги. Такви  има и на македонската сцена- во десничарската популистичка опозиција и кај оние кои ги подржуваат и ги финансираат.

Или, ако навистина е загрижена за „бугарштината“ во Македонија, па е спремна да „војува“ со Србија, каде беше Захариева кога Македонците (или според неа, „Бугарите“) скопското ВМРО ги претвораше во антички Грци, или во некакви средноазиски Хунзи.

Министерката наместо тоа, сега приговара дека не било ред со Скопје да немало автопат и пруга – се уште.

Да не беше исполитизирана ваквата забелешка, можеше и да се поверува во софиската желба за градење мостови за поврзување и соработка.

Но, тоа е прашање на кое треба да одговорат во Бугарија. Па, тие се во ЕУ веќе 14 години и ако навистина имаа намера да се приближуваат кон Македонија, тогаш требаше да изградат автопат и до македонската граница. Но, тие се определија за таков пат до грчката и до српската граница.

Изнасилени „проблеми“

А, што се однесува до пругата – Македонија од поодамна ги има изградено и поставено сите носачи на мостовите на трасата, но останува најтешката работа – тунелот под Деве Баир, што треба да се пробива од двете страни. Како сега стојат работите, пругата до Ѓувешево(на бугарска страна) нема видено воз од поодамна. И, одново, Софија е таа што требаше да со помош на европските фондови кои обилно ги користи – да биде моторот на меѓубалканското транспортно поврзување.

Секако, барем за тоа, никој во Скопје не е против градењето пруга и патишта. Но, не личи кога еден шеф на дипломатијата – транспортните прашања, врзани за вакви крупни и скапи инвестициски проекти, ги става во политиката.

Само за да го оправда ветото ставено во Брисел, со кое се казнува сосетката која, потоа, се укорува што „не е доволно вљубена“ во оној кој отворено работи против нејзините интереси.

Да се надеваме дека прашањето – кого Македонците повеќе сакаат – нема да се бара да биде услов за отворање пристапни преговори со ЕУ. Екатерина Захариева, засега, тоа не го најавува, таа и натаму тврди (преку пораката до Белград) дека со нас „имале реални проблеми“.

Како да и стане јасно дека со нас Македонците, со Македонија – таа и Бугарија немаат никакви проблеми – доколку не сакаат насила да не „бугаризираат“. Но, во тој случај тие имаат проблеми со себе и кај себе.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе