Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Богатите и моќните поседуваат 70 отсто од вакцините!

InkDropCreative/Depositphotos.com

Богатите и моќните поседуваат 70 отсто од вакцините!

Откако пред крајот од 2020 се почна со дистрибуцијата на новосоздадена вакцина против коронавирусот, а набргу потоа и со вакцинирањето на населението, не требаше многу време за да се открие ароганцијата и егоизмот на богатите, моќните и влијателните држави и да се разбере дека нема да има ништо од договорот, што претходно, беше направен со Светската здравствена организација (СЗО) за рамноправно распределување на дозите со вакцините.

Таквиот договор во кој се вклучи и ЕУ со своите 27 земји – членки, на кои и беа додадени и земјите од Западен Балкан, беше направен за да не се случува она што се случува од Нова година, што ОН и генералниот секретар го оцени како срамно, а СЗО како катастрофален пораз на моралноста. На тоа, набргу се надодаде и забелешката дека станува збор за „суров и тврд национализам во вакцинирањето“.

Големи и мали

Најразочарувачко е сознанието дека тоа се направи (и се прави) поради многу политика во една, инаку, здравствено – санитарно епидемиолошка операција против вирусот кој го има заробено целиот свет – подеднакво – и големите и богатите, а и малите и помалку богатите. Во цела Европа (и низ светот) заболеа и умираат луѓе – без разлика на тоа од каде потекнуваат и чие државјанство поседуваат.

А, излезе дека сето ова се направи за да се собираат предизборни поени, или за да се поправи рејтингот на некој политичар, или сега веќе и за да се дели светот геостратешки – кој со кого е во „големата политика“ и кој „против кого е“ во новата поделба меѓу Западот и Истокот.

Така се дојде во ситуација, Британија да се фали дека вакцинирале 15 милиони лица (!), а дека продолжува да ги собира вакцините, во милионски дози кои кај неа се произведуваат и на тој начин да прави залиха. Во услови кога ЕУ излезе насамарена од фармацевтските компании кои продаваа вакцини за повисока цена од реалната – па така сега на пазарот нивната цена се движи меѓу пет долари за една доза, до 60 долари – за најскапата.

Вакцина национализам

Тоа не значи дека таа дава гаранција за 100 отсто заштита од заразување, но Британците прават залихи, Израелците, пред изборите за еден месец вакцинираат и тинејџери, а Американците (да не се оди понатаму за секоја земја посебно) во трамповскиот стил – прво Америка – ги блокираа вакцините кои таму се прават, за тоа – во првите 100 денови од новата власт – да се вакцинираат 100 милиони лица!?

Тоа натера некои европски коментатори да ги критикуваат претседателот Џо Бајден и новата администрација дека на тој начин Америка не може да му се врати на светот, како што сака и најавува. Секако, респектирајќи ја американската ситуација со пандемијата – која е далеку најтешка во светот.

Сепак, една Канада, Јапонија, или Австралија дури сега треба да ги примаат своите дози вакцини. Таква е ситуацијата и во низа европски земји – членки на ЕУ, како и во регионот на Западен Балкан, каде национализмот со вакцините и егоизмот на богатите ги остави да чекаат, или да се соочат со новиот „закон“ на геостратегијата. Или, можеби, да бидат уценувани од лажните „пријатели и браќа“ на кои им требаат националистички гласови – за избори, како што тоа и се случи на Македонија, на пример.

„Лансет“ предупредува

Сите тие заборавија дека вакцините кои се создадоа – во рекордно кусо време, за помалку од една година – беа создадени за да се запре епидемијата и за да се порази вирусот – кај сите – затоа што во оваа година се покажа дека светот, а посебно Европа, не може херметички да се затворат и да се изолираат.

На тоа предупредува и угледното британско медицинско списание „Лансет“ кое во својот најнов број пишува дека „малку е веројатно дека епидемијата ќе може да се порази и да стави под контрола додека помалите земји и помалку моќните и помалку богати – не добијат вакцини “ и не почнат да се вакцинираат додека тоа го прават и големите.

Списанието признава дека досега немало вакво огромно побарување за вакцини и дека тоа е реалната состојба – треба време за да се произведат милијарди дози – но, се случува и нешто друго – што исто ката досега не е забележано. Тоа е – државите кои немаат доволно екстра буџетски средства, за брза купување и добивање вакцини, да бидат без потребните дози, а во исто тоа време, економски моќните земји – да си прават огромни залихи.

Ризикување животи

Епидемиолошки експерти укажуваат дека, секако, мора да се забрза производството, но дека и цените мора да бидат достапни за најголемиот број држави – корисници.

Втора работа е дека „вакцина национализмот“ значи ризикување животи и трето, дека е крајно нефер и поразувачки – 70 отсто од досега произведените вакцини да завршиле во рацете на богатите, големите и можните земји.

„Никој од нас не е безбеден од вирусот, додека сите во светот, не станеме безбедни” – има речено генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Лансет” затоа со право предупредува дека додека се одржува сегашната ситуација – на криза во снабдувањето и дистрибуцијата на вакцините – што ќе рече, додека постои недостиг од вакцини за сите, силно се зголемува заканата од натамошни мутации на коронавирусот.

Глобален имунитет

Продолжувањето на сегашната нефер дистрибуција на дозите – во секој случај – ќе го предизвика она што никој не го сака – вирусот да остане жив и да се одржува – со години, а не со месеци!

Конечно, на светот му се потребни вакцини како никогаш досега, но за победата над короната е потребен ГЛОБАЛЕН ИМУНИТЕТ, како што е глобална и пандемијата, оценуваат експерти за „Лансет“.

Тие сугерираат работата да се забрза на тој начин што во сиромашните земји, можеби, не е лошо да се изврши вакцинација со една доза – а, не со две. Тоа е многу подобро, отколку во тие делови од светот, каде и нема искуство со вакцинирање на возрасни, да нема никакво вакцинирање, кога веќе се распадна договорениот систем на дистрибуција.

Или, пак, да се направи регистрирање (попис) на потребите од две вакцини, меѓутоа, во секој случај, да се воспостави нарушениот ред.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе