Дер Лајен: ЕУ задоцни со вакцините
Прв пат откако на 27 декември беше распределена почетната доза вакцини против коронавирусот, на сите 27 земји – членки, Европската комисија призна дека ЕУ задоцни со дистрибуцијата на планираните дози, а на тој начин задоцни и испораката за земјите од Западен Балкан кои според претходниот договор, требаше да бидат дел од контингентите определени за Унијата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен прифати дека Брисел задоцни во процесот на вакцинирањето на населението и дека има направено пропуст околу одобрувањето што треба да се даваат за да може една вакцина добие дозвола да биде дистрибуирана низ земјите на ЕУ и сертификат за вакцинирање на луѓето во секоја членка.
Во излагање пред пратениците на Европскиот Парламент Дер Лајен, одговарајќи на критиките во дел од европските медиуми, се согласи дека има пропусти, порачувајќи притоа дека Европската комисија брзо ја има научено лекцијата од сето она што се случуваше.
Заедничка дистрибуција
Но, таа пред оваа седница, на неколкупати има потврдено дека е добро што Брисел, од самиот почеток, се определи за заедничко дејствување и за дистрибуирање на вакцините на сите земји, одеднаш. Дер Лајен во низа интервјуа во изминатата недела има речено дека таквиот план е добар и дека таквото решение е многу подобро, отколку доколку се оставеше – секоја земја, самата за себе, да се снабдува со вакцини (како знае и умее) – пазарејќи се со фармацевтските компании и самостојно спроведувајќи вакцинација.
Според неа, големите и економски помоќни земји (ја има земено за пример Германија, од каде таа е дојдена на функцијата) први ќе обезбедеа милионски количества дози за себе, оставјќи ги другите, најчесто, да останат без ниту една доза со вакцини – според системот – едни имаат се, а другите немаат ништо.
Тоа е она што во Европа го направи владата на Велика Британија, која ги присвои само за себе вакцините што се произведуваат на британска територија, предизвикувајќи гнев кај другите на континентот кои имаа нарачано вакцини од тамошната „Астра/Зенека“ (вклучувајќи ја и Македонија), без разлика што Британците од 1 јануари оваа година, целосно се повлекоа од Унијата и повеќе не се врзани за нејзината договорена шема.
Британски егоизам
Компанијата, притоа, се бранеше дека (наводно) излегла од погон една нејзина помала фабрика – партнер, додека владата во Лондон тврдеше дека таа уште во јуни 2020 година, кога немаше создадено ниту една вакцина – се испазарила со својата „Астра/Зенека“.
Така или не, со системот за договорена и рамномерна дистрибуција, која и сега ја брани претседателката на Европската комисија Дер Лајен, се имаат согласено и канцеларот на Германија Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, за време на нивниот неодамнешен самит, преку видео – линк.
Во секој случај, доколку имаше обратна распределба на вакцините (секој за себе), не само што ќе дојдеше до страшна поделба, внатре во Унијата, туку тоа ќе се создадоа последици и врз процесот на имунизацијата на населението кое во нормални услови, слободно се движи низ територијата во целата Унија.
Освен тоа, ќе се предизвикаше подигнување внатрешни (гранично – санитарни) бариери во самата ЕУ – што е здравствено погрешно, но политички би можело да биде убиствено за иднината на Унијата и за целиот европски процес.
Грешка со забрана на извозот
Европската комисија соопшти дека до сега се испорачани 26 милиони дози и дека е планирано, до крајот на летото, да се вакцинира 70 отсто од возрасното население, во сите 27 земји од ЕУ.
„Факт е, меѓутоа, дека досега не го постигнавме она што (како Комисија) го планиравме во борбата со вирусот. Бевме премногу оптимисти и ги потценивме тешкотиите што може да настанат со едно вакво масовно производство. Можеби и премногу верувавме дека нарачките ќе бидат испорачани на време (како што беше прецизно договорено)“ – има речено пред европратениците, претседателката на Европската комисија.
Во оваа прилика, Урсула фон дер Лајен, за прв пат призна дека била грешка, првичната одлука да се забрани извоз на вакцини од европските фабрики (освен за Западен Балкан), што веднаш потоа беше повлечена, откако се спротивстави Лондон, но поважно за Брисел беше тоа што така реагираше и Даблин.
Нивното објаснување беше дека ставањето „тврда“ граница меѓу Република Ирска (ЕУ) и Северна Ирска (Британија) претставува закана за одржувањето на одредбите од мировниот договор од Велики Петок, за Северна Ирска, од април 1998 година.
Дер Лајен изрази жалење што таквата одлука беше набрзина (и нервозно) донесена.
„Национализам“ вакцинација
Но, како и да е, впечаток е дека тоа како да го натера и официјален Лондон да се замисли и да се корегира.
Станува збор за тамошното здравствено, но и политичко – пропагандно вакцинирање на Британците, кое во тој прв период, оставаше впечаток дека треба да им покаже на граѓаните на земјата дека е добро што гласале за Брегзит и дека добро е што Британија е надвор од ЕУ.
Заканата од Брисел со блокирање на извозот, како да го натера Лондон да „прикочи“ со распалената антиевропска кампања.
При тоа, сосема на место е забелешката на многу европски медиуми и на самата Светска здравствена организација (СЗО) дека „национализмот“ во вакцинирањето против короната, покажан на стартот и во текот на јануари, претставува морална катастрофа на современиот свет – затоа што значи – кој има пари да плати (повисока цена) може да добие вакцина – какви и да се последиците.
Сега останува Брисел да покрене нови мерки за клиничко испитување, за да европските регулаторни тела многу побрзо и во поголем обем, ги добиваат податоците кои им се неопходни пред да се определат која вакцина треба да добие дозвола за да се применува во ЕУ.
(Б.Е.)