Екс Штази во врвот на рускиот бизнис
Еден Германец, како менаџер, а претходно и како банкар, е вклучен во врвот на рускиот бизнис, или како што пишува Дојче Веле, одговорен е за бизнисот на рускиот претседател Владимир Путин.
Станува збор за Матијас Варниг (65), ветеран во рускиот бизнис.
Пријател е на претседателот на Русија, за кого вели дека нема мобилен телефон, но дека нему никогаш не му е проблем да дојде до Путин, кога за тоа ќе има потреба.
Во деведесеттите години (велат) бил банкар, а после тоа член на цела низа надзорни одбори во разни германско – руски компании. Сега, главната работа му е реализацијата на проектот „Северен поток 2“. Тој е генерален директор на компанијата која (инаку) има седиште во Швајцарија, каде како главен сопственик се јавува енергетскиот концерн „Газпром“.
Разузнавач што стана бизнисмен
Потекнува од источногерманската покраина Бранденбург и е поранешен оперативец – разузнавач на злогласната тајна служба на некогашна Источна Германија (ГДР) – Штази. Во оваа тајна служба има работено се до пропаѓањето на Германската Демократска Република (ГДР) – до падот на Берлинскиот ѕид, повторното обединување на Германија, падот на комунизмот и распадот на СССР.
Од тогаш ја има сменето професијата и се претвора во бизнисмен – прво, работејќи во банка.
Пошироката јавност за него изгледа дека разбра откако Варниг се споменува во видео – извештајот на НВО на Алексеј Навални за корупцијата во Русија, сместена во врвовите на власта, што се појави на Јутјуб, а во кое станува збор и за „палатата на Путин“ на црноморскиот брег.
Навални беше уапсен веднаш по враќањето од петмесечното лекување во Берлин, а сега е осуден и на помалку од три години затвор.
Наводно, затоа што ги има повредено правилата за домашен притвор, од пред некоја година, но тој, неговите соработници и поддржувачи, како и Западот, се уверени дека станува збор за одмазда – за она што го зборува и посебно за она што го откри и прикажа за изграденото здание, подигнато, како што вели, со корумпирани пари.
Варниг го помага Путин
Како и да е, впечаток е дека било како и да се гледа на Навални и да се сомнева во неговата можност тој да се претвори во лидер на руската опозиција, или во некаков народен трибун, само тој досега успеа да го натера Путин (за прв пат) самиот нешто да демантира, а тоа е дека палатата на Црно Море не е негова сопственост.
Во извештајот на Навални, во кој се открива широката мрежа на корупција, Варниг се споменува во делот во кој станува збир за размената на писма меѓу поранешната сопруга на рускиот претседател, Људмила и една германска пријателка (во средината на деведесеттите години од 20 век). Всушност, врската е откриена затоа што едно од писмата било испратено од телефаксот на Варниг.
Навални го цитира и Дојче Веле и еден негов поранешен напис, за тоа дека Германецот му помагал на Путин, поранешен офицер на советската тајна служба КГБ, стациониран во Дрезден, во поранешна ГДР, како и на неговото семејство, за да се снајдат додека се уште престојувале во овој источногермански град.
Највлијателен Германец
Постои верување дека Варниг и Путин се имаат запознаено преку нивната поранешна професија – разузнавањето, во годините кога постоеше ГДР. Официјално, меѓутоа, двајцата се познаваат од Сенкт Петерсбург, по падот на комунизмот и распадот на СССР и на ГДР, кога и едниот и другиот веќе не работеле во тајните служби на Штази и на КГБ.
Како и да било, во текот на изминатите 20 години, како Путин е на власт (како премиер и претседател), овој Германец се има искачено толку високо што сега, според Дојче Веле, важи за највлијателниот германски менаџер во руското стопанство. Како работодавачи во неговата кариера, на пример, се јавуваат некои од најголемите државни руски компании – како што се „Транснефт“ и „Роснефт“.
Во оваа нафтена компанија, Варниг има тесно соработувано и со еден друг Германец – поранешниот канцелар Герхард Шредер кој исто така е познат како добар пријател со претседателот на Русија.
Но, во видео – извештајот на Навални, никаде и во ниту една прилика, не се споменува Шредер.
До 2015 година, Варниг е член на руската банка „Росија“, со седиште во Сенкт Петерсбург. Тоа е банката која во извештајот на Навални се врзува за најтесниот круг на Владимир Путин.
Гасоводи за германскиот Исток
Меѓу 2012 и 2018 година, тој е надзорниот одбор и на алуминскиот гигант „Русал“, сопственост на олигархот Олег Дерипаска, кој е мошне близок до Путин.
Но, од таму се повлекол кога стана јасно дека би можел да биде зафатен со американските санкции, поради руската анексија на Крим и интервенцијата во Источна Украина, што го опфатија газдата Дерипаска.
Во 2019 година, добива работа и во негова Германија – како член на надзорниот одбор на фудбалскиот клуб „Шалке 04“. Главен спонзор на клубот е рускиот „Газпром“, компанијата која ќе газдува и со Северниот поток.
Матијас Варниг, претходно, десет години беше на челото на проектот „Северен поток 1“, односно за изградбата на првиот подморски гасовод од Русија до Германија, под Балтичко Море. И тој, а и вториот што сега се гради, пред се, се прават за потребите на источногерманските провинции, од каде и самиот потекнува.
Притисок врз „Северен поток 2“
Но, овој нов проект, велат, најголемиот и најважниот за него, е доведен во опасност кога рускиот опозиционер, по обидот да биде ликвидиран со нервниот агенс новичок, беше доведен на лекување во Берлин.
И пред нападот врз Навални, врз германската влада се вршеше притисок проектот „Северен поток 2“. да се запре, или барем да се замрзне на определено ниво, проектот „Северен поток 2“.
По нападот врз Навални, кој сега уште е ставен и во затвор, тој притисок е уште посилен. Вашингтон со Доналд Трамп веќе воведе санкции поради „потокот“ од Русија, а новата администрација на Џо Бајден има речено дека САД не се задоволни со неговата изградба.
Дојче Веле констатира дека Русија и Германија, сепак, продолжуваат со изградбата и покрај тоа што и Полска, како и трите балтички земји, заедно со Украина, се силно против него. Украинците, на пример, стравуваат дека ќе згасне протокот на гас за Европа, преку нивната територија.
Варниг, пак, засега може да биде задоволен. Тој продолжува успешно да ја извршува работата на руски лобист во Германија.